1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руските контрасанкции незначително ја погодија ЕУ

Михаил Бушујев
1 август 2017

Три години трае спиралата на санкции и контрасанкции меѓу ЕУ и Русија. Директорот на Центарот за европски студии Данијел Грос извлекува биланс и тврди: санкциите не ѝ нанесоа штета на економијата на ЕУ.

Symbolbild EU und Russland Sanktionen
Фотографија: picture alliance/chromorange

ДВ: Вие тврдите дека рускиот одговор на санкциите од ЕУ ѝ нанесе поголема штета на Москва и со тоа индиректно му противречите на рускиот претседател Путин, кој постојано нагласува колку санкциите се позитивни за Русија. Како дојдовте до тој заклучок?

Даниел Грос: Јасно е оти ако со контрасанкции ја отсечете својата економија од нејзините најевтини снабдувачи, притоа можете само да загубите. А тоа беше случај со прехранбените производи кои беа погодени со санкциите и контрасанкциите.

Вие пред се’ аргументирате за тоа што руските домакинства загубија куповна моќ.

Точно- особено кога станува збор за прехранбените производство. Тоа се гледа според индексот на потрошувачки цени. Европските производители беа оние кои рускиот пазар го снабдуваа со најдобри и најевтини производи. Луѓето беа принудени наместо тие да купуваат други производи. Тие беа поскапи, па затоа поради контрасанкциите опадна куповната моќ на руските домакинства.

Во својот извештај, не ги анализирате само европските санкции, кои се воведени поради руските постапки на Крим и во источна Украина, туку се концентрирате и на последиците од руските контрасанкции за ЕУ. Како изгледа тој биланс?

Данијел ГросФотографија: DW/B. Riegert

Доволно е да се погледнат само чистите бројки. Се гледа дека европскиот извоз во Русија опадна, но тоа се случи само затоа што во Русија е намален увозот на сѐ. Бидејќи случајно Русија во тој период ја зафати рецесија поради ниските цени на нафтата. Единствен сектор кој  беше потешко погоден беше извозот на прехранбени производи- тој е посебно погоден со руските контрасанкции. Но, се покажа и оти европските производители мораат да бидат многу флексибилни. Бидејќи, вкупниот извоз на прехранбени произоди од ЕУ не се намали. Тоа значи дека европските производители успејаа загубата од рускиот пазар да ја надокнадат со извоз во други земји. Затоа загубите кои европската економија мораше да ги поднесе поради руските контрасанкции се еднакви на нула.

Вашиот биланс изгледа многу поведар отколку на пример една студија од Австрија, во која се тврди оти Европа загубила милијарди евра и илјадници работни места. Што велите на тоа?

Најнапред мора да се нагласи дека увозот во Русија доживеа крах поради тоа што цената на нафтата се преполови. А тоа е нешто фундаментално што мора да се земе предвид. Второ, во таа студија се претпоставува оти поради санкциите во Европа ќе дојдат помалку туристи, дека Европа ќе има загуби кога станува збор за туризмот. Но, се покажа оти не е така. Бидејќи, мораме да појдеме од тоа дека Русите кои имаат помали примања- поради цената на нафтата, не поради санкциите- имаат и помалку пари за одење во странство. Поради тоа би рекол дека речиси комплетната загуба која се создаде во европскиот извоз во Русија и поради контрасанкциите се случи поради фактот оти падна цената на нафтата.

Европа би доживеала крах кога би морала да се откаже од толку важниот руски пазар- тоа мислење е многу распространето во Русија. Но, економски гледано, може ли Европа воопшто да си дозволи тврд курс кон Русија?

Да, тоа е сосема јасно. Европската економија е над 10 пати поголема од руската, многу е пофлексибилна, има силна индустриска база. Русија во основа извезува само нафта и гас и уште неколку други суровини. Русија е за Европа без сомнеж интересен пазар, но и спореден пазар, кој не е одлучувачки за преживување или за раст на европската економија.

Инфографика на англиски јазик: рускиот извоз од воведувањето на санкциите на ЕУ

Едно прашње за санкциите со конкретен повод: спиралата на санкциите наскоро ќе го погоди рускиот извоз во Европа: проектот Северен тек е во опасност. ЕУ не е согласна околу тоа колкава е ползата од него. Берлин го поддржува градењето на гасоводот, источна Европа се плаши? Каква е вашата позиција?

Мислам оти политичарите не би требале да се заморуваат со тоа. Тоа сигурно е работа која е важна за Германија. Станува збор за тоа Русите на свој трошок да постават друг гасовод во Балтичкото Море. Дали тој во иднина ќе биде потребен, тоа никој не го знае. Германија ќе може и без него, бидејќи користи веќе гасовод. Можеби некои германски производители на цевки ќе загубат дел од заработувачката, но тоа сигурно не е нешто што би било важно за Германија. Би рекол: кога новиот гасовод ќе биде изграден, ќе биде прилично празен. За Газпром тоа ќе бидат фрлени пари, но спречување на градбата, истотака, не е некоја голема политичка задача околу која сега би требало да се водат големи дискусии.

 

Германскиот економист Даниел Грос (1955) е директор на тинк-тенк Центарот за европски политички студии во Брисел. Специјалност му се економската политика на ЕУ, меѓународната улога на еврото и транзицијата во источна Европа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми