1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Моторџиите“ верни на Кремљ на пат кон Берлин

Роман Гончаренко/ Ж. Ацеска6 мај 2015

Членовите на руски мотоциклистички клуб планираат во Берлин да потсетат на победата над нацистичка Германија пред 70 години. Тие не се добредојдени, зашто „Ноќните волци“ не се обични „моторџии“.

Фотографија: Getty Images/AFP/S. Kubani

„Кон Берлин“ - овој повик го знае секој во Русија. Во Втората светска војна тој беше испишан на советските тенкови кои возеа кон Запад. Под ова мото на 25. април во Москва мотоциклистичкиот руски клуб „Ноќни волци“, со блиски врски кон криминалот, ја стартуваше турата низ половина Европа, со која сака да потсети на победата над нацистичка Германија пред 70 години. В сабота, 9.мај, жените и мажи во кожни јакни и со руски знамиња сакаат да продефилираат низ Берлин, предизвикувајќи медиумски интерес. Крајната цел е споменикот во чест на советските војници во Трептовер паркот. В сабота во Русија Денот на победата ќе биде прославен со исклучително голема воена парада во Москва.

Притоа, на планот на „моторџиите“ му се закануваше неуспех. Прво Полска, а потоа и Германија, ги анулираа визите за некои од руските мотоциклисти. Германските министерства за надворешни и за внатрешни работи во соопштение се изјаснија против „секаков вид инструментализирање на немерливите страдања на жртвите и на припадниците на отпорот против нацистичкото владеење“. Неколкумина членови на „Ноќните волци“ беа вратени од аеродромот во Берлин. Но, мала група во неделата успеа да влезе во Германија преку Австрија. Бројот на мотоциклистите до в сабота треба да нарасне. Сепак, еден сигурно нема да биде присутен: Александер Залдостанов, чиј прекар е „хирург“. 52-годишниот челник на клубот не доби виза, иако има лична врска со Берлин.

„Ноќните волци“ во Санкт ПетербергФотографија: Getty Images/AFP/O. Malteseva

„Берлинско-московска врска“

„Руските мотоциклисти“, како што се нарекуваат од пред извесно време, наликуваат само надворешно на своите западни колеги. Тие се сметаат за „руски патриоти“ и помошници на Кремљ, отсекогаш било така.

„Ноќните волци“, како што сами тврдат, се најстариот и најголемиот мотоциклистички клуб во Русија. Неговата историја почнува во 80-те години, кога Советскиот Сојуз беше кратко пред колапс. Клучна улога притоа игра Залдостанов.

Синот на лекар од украинската провинција, на половината од втората деценија, по студиите по медицина во Москва се оженил со Германка и се преселил во Западен Берлин. Таму се запознал со некои од страсните мотоциклисти од познатиот рокерски клуб „Хелс енџелс“, а работел како чувар. Залдостанов во 1989. година ги основаше „Ноќните волци“ по западен пример. Тие ноќе крстарат низ Москва, се тепаат и настапуваат на рокерски концерти како неофицијална служба за обезбедување.

Мото-шоуто се политизира

По распадот на Советскиот Сојуз, Залдостанов го изгради својот клуб во моќна мрежа со претставништва во сите поранешни советски републики. Во средината на 1990-те години „Ноќните волци“ го открија шоу-бизнисот. Тие секоја година организираат повеќедневни мото-шоуа, со до детали разработени сценски настапи, ефектни и помпезни светлосни и тонски ефекти и рок-музика. Постои и сопствена театарска група. На шоу-спектаклите, кои се‘ повеќе добиваат патриотски и антизападен тон, доаѓаат илјадници посетители. Во фокусот се‘ посилно се наоѓа советската победа над нацистичка Германија. Моторџиите, заеднички со државите руски медиуми, го глорифицираат и поранешниот советски водач Сталин.

Владимир Путин и Александер ЗалдостановФотографија: AFP/Getty Images/A. Duzhinin

Веење знаме во Севастопол

Од 2009. година главното шоу се организира во Севастопол на украинскиот полуостров Крим, матичното пристаниште на руската Црноморска флота. Во 2010. година првпат присуствуваше и Владимир Путин, тогаш во функција на премиер. Шефот на Кремљ се покажа на мотоцикл, иако со три тркала. „Благодарам за поканата, браќа“, изјави Путин, а масата ликуваше.

И во 2012. година Путин гостуваше кај Залдостанов на Крим. Една година подоцна, претседателот Путин на лидерот на „Ноќните волци“ му додели орден „за патриотска работа со младината“.

„Многу го ценам Путин“, изјави пак неодамна Залдостанов во интервју за московскиот магазин „Њу тајмс“. „Тој е претседател каков мојата земја долго чекаше“. Залдостанов дополни-ќе направи се‘ за да го продолжи времето на Путин на власт и да го заштити.

Путин му додели орден на ЗалдостановФотографија: AFP/Getty Images/M. Klimentyev

Одликувања за ангажманот на Крим

„Ноќните волци“ на Залдостанов очигледно играа важна улога при анексијата на Крим: во еден документарен филм на руската телевизија, емитуван на почетокот на мај, некои од членовите на клубот гордо зборуваат дека спречиле „војна“ меѓу Русија и Украина. На 5. март 2014. година украинските „Ноќни волци“ го киднапираа заповедникот на украинската армија, генерал Михаило Ковал: наводно, тој во својот куфер носел наредба од Киев за пукање за една единица на украинските гранични трупи. Ковал беше пренесен во Симферопол и неколку часа подоцна пуштен.

Во основа, „Ноќните волци“ делуваат како специјална единица на руските специјални сили, кои моментно се на Крим. САД и Канада воведоа санкции против „Ноќните волци“. Во Русија пак тие се славени: на некои членови им беа доделени медали за акцијата на Крим.

Залдостанов, во настапот на Црвениот плоштад во Москва, по анексијата на Крим во март 2014. година изјави оти целата Украина ја смета за дел од „рускиот свет“, а Западот треба да се држи понастрана.

„Ноќни волци“ во ЛуганскФотографија: AFP/Getty Images/J. Macdougall

Ударни трупи против опозицијата

Во меѓувреме, некои од „Ноќните волци“ се борат во источна Украина на страната на проруските сепаратисти. Самиот лидер не посегнува по оружје, туку има посебна задача. Во јануари 2015. година Залдостанов формираше движење под името „Антимајдан“, пандан на прозападните демонстрации во Киев. Главната цел на мускулестите млади мажи се состои во спречување востание како она во Украина.

„Стравот е единственото што може да ги принуди на откажување од плановите“, им се закани Залдостанов на противниците на Путин во интервју за еден весник. Тој мисли на стравот од смрт. Други соосновачи на „Антимајдан“ се уште подиректни: тие се подготвени на акција против опозицијата не само со тупаници, туку и со оружје.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми