1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руски агенти инфилтрирани во Берлин

Емили Шервин/Б. Георгиевски27 април 2014

Германската разузнавачка служба соопшти дека руската тајна служба ги засилила активностите во политичките и економските кругови во Берлин. Иако предизвика внимание, веста не е нова.

Фотографија: Evgeniya Ponomareva - Fotolia.com

Веста која потсетуваше на периодот на Студената војна, предизвика бура во германските медиуми деновиве: според германската разузнавачка служба- БФВ (Служба за заштита на уставниот поредок), руските агенти во Берлин масовно шпионираат цели поврзани со германската политичка, економска и научна сфера. Ханс- Георг Масен, претседател на службата, за весникот Велт ам Зонтаг изјави дека „не постои странска тајна служба која е толку заинтересирана за собирање информации во Германија, како руската“.

Агентите кои вообичаено работат во руската амбасада во Берлин, се заштитени од кривичен прогон со дипломатскиот статус. Од БФВ велат дека околу една третина од вработените во руската амбасада во Москва имаат искуство во тајната служба. Политичарот на Зелените, Ханс- Кристијан Штребеле, кој се прочу по острите критики на прислушкувањето од страна на американската НСА, сега свика вонредна седница на парламентарната комисија која е задолжена за контрола на работата на домашните тајни служби. Штребеле за ДВ вели дека „сака да добие повеќе детали за информациите кои се појавија во печатот“.

Ханс- Кристијан ШтребелеФотографија: picture-alliance/dpa

Информацијата е клучна

Тие информации говорат за „полуотворената“ тактика на членовите на руската тајна служба, кои под изговор дека се дипломати во амбасадата, се спријателуваат со своите цели, и договараат редовни средби на кои се обидуваат да извлечат информации. Според Велт ам Зонтаг, цели на Русите се научници, активисти на невладини организации, но и политичари, пратеници во Бундестагот, како и нивни вработени. Штребеле објаснува дека, иако не е наивен во однос на шпионирањето, за него е новина „дека оваа служба е толку заинтересирана за членови на парламентот и политичари“.

„Сакам да знам дали парламентот е информиран за оваа опасност или за вакви инциденти. Исто така сакам да знам што сториле германските контра-разузнавачки служби за да ги заштитат политичарите и членовите на Бундестагот“, вели Штребеле, кој е член на парламентарната комисија за контрола на работата на домашните служби.

Извештаите сугерираат дека секоја година има повеќе од 100 обиди на руските агенти кон германски експерти, а нивните активности особено се зголемиле по изборот на нови 229 членови на парламентот во септември 2013. година. Според податоците, руските агенти се особено заинтересирани за „германската енергетска индустрија“.

Германскиот БундестагФотографија: picture-alliance/dpa

Долга традиција

Клаус Сегберс, експерт за источна Европа на Слободниот универзитет во Берлин, се согласува со Штребеле. „Мислам дека е добра идејата да се објави јавно информацијата за индициите за засилените активности на руската служба“, вели тој. Но, Сегберс потсетува дека тоа не е ништо ново, и многу земји во своите амбасади вработуваат бројни агенти. „Шпионирањето е вториот најстар занает во светот и не треба да се трауматизираме поради тоа. Но треба да бидеме внимателни, можеби и повеќе отколку во минатото“.

Дури и пријателите тоа го прават

Историските аналогии со Студената војна веќе станаа вообичаени при опишувањето на однесувањето на Русија во Украина. Оттука, чувството е дека откривањето на руските шпионски активности во Берлин повеќе се бура во чаша вода, особено како контраст на скандалот со шпионирањето од страна на НСА. Минатата година беше откриено дека американската амбасада во Берлин се користи како прислушувачки објект за цела Германија, а истото важи и за амбасадата на Велика Британија.

Британската амбасада во БерлинФотографија: Reuters

Притоа треба да се има предвид дека во годишниот извештај на БФВ од 2012 година, постои дел посветен на активностите на руската тајна служба во земјата. На прашањето на ДВ за коментар на последните информации во медиумите, од БФВ велат дека сѐ што е објавено веќе можело да се прочита во извештајот од 2012.

Извештајот на Велт ам Зонтаг може да доведе до натамошна недоверба кон Русија и Русите во Берлин. Но, имајќи ја предвид растечката изолација на Русија поради украинската криза, експертот Клаус Сегберс вели дека нештата треба да се туркаат во друга насока. „Не треба да ги избегнуваме контактите со Русите. Поважно е од било кога да се градат врски меѓу германското и руското општество, и да се говори за отворените прашања“, вели тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми