1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Русковска со опомена пред тужба за ВМРО-ДПМНЕ

4 јули 2020

Повод за ваквиот потег на обвинителката е дел од содржината на изборниот спот на опозициската коалиција, насловен „Криминална приказна“.

Nord-Mazedonien Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Шефицата на Основното јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, вчера (3.7.) до Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ преку полномошник доставила опомена пред тужба за клевета. Повод за ваквиот потег на обвинителката, бил дел од содржината на изборниот спот на опозициската коалиција, насловен како „Криминална приказна“.

Во посочениот изборен спот, мајката го прашува детето која приказна сака да му ја прочита, а нејзиниот избор паѓа на приказна, која во спотот е прикажана со наслов: „Зоран и илјадниците ветувања“. Во нарацијата како главни протагонисти се спомнуваат „Црвенкапа, Зоран, Вицето и Рада“. Приказната што мајката му ја раскажува на детето, завршува со порака на Зоран до Црвенкапа: „Многу прашуваш ти, ќе ми направиш проблеми. Имам претчувство дека Вилма ќе те викне да си одбереш за што да ти покрене обвинение".

Нарацијата завршува со констатација „...И сите криминално си живееја. Потоа им дојде даскалот“, а спотот завршува со партиската порака „Време е за посреќна приказна за вашите деца“.

Обвинителката Русковска потенцира дека одбива да биде поврзувана со која било партија.

„Јас како обвинител повеќе од 23 години, во сите предмети по кои сум постапувала сум се водела исклучиво по Закон и доказите кои сум успеала да ги обезбедам. Сакам да потенцирам дека никогаш не сум дозволувала политиката да влијае на моите одлуки. Политичарите се менлива категорија, а ние обвинителите треба нашата функција да ја извршуваме најпрофесионално, законито и според доказите кои сме успеале да ги обезбедиме. Впрочем, и затоа граѓаните не плаќаат. 

Oд овие причини, одбивам да ме поврзуваат со која било политичка партија и да бидам злоупотребувана вo политички спотови. Не сум член на ниту една политичка партија, нешто што може многу лесно да се провери. Дотолку повеќе, што јас сум единствениот обвинител од осамостојувањето на Македонија, што има поднесено oбвинение против потпретседател на Собрание од редовите на, тогаш владејачката партија, СДСМ“, вели Русковска за ДВ. 

Повеќе: 

Црна кампања 24/7

Исцелителот ќе ја исправи Македонија

„Фашист“ за премиер?

Во опомената што нејзиниот полномошник ја доставил до Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се бара извинување до обвинителката, толку пати колку што и спотот бил емитуван на секоја од телевизиите.

Доколку тоа не се случи, ќе биде поднесена тужба пред граѓански суд.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми