1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Русковска пред еден месец добила две писма со закани

ДТЗ
27 јануари 2022

„Заканите беа дека невини и угледни граѓани се во затвор, а 'криминалците Зоран и Вице Заеви' биле на слобода. Ако веднаш не ги осудам, ќе бидам убиена“, вели Русковска за Дојче веле. 

Nord-Mazedonien Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, пред еден месец добила две писма со закани по живот. Случајот го пријавила веднаш во Министерството за внатрешни работи, по што добила дополнително обезбедување, согласно законот.  Таа се уште чека информации од полицијата дали е откриено кој стои зад заканите. 

„Писмата пристигнаа околу 23-24 декември минатата година. Заканите беа во смисла дека невини и угледни граѓани се во затвор, а 'криминалците Зоран и Вице Заеви' биле на слобода. Ако веднаш не ги осудам ќе бидам убиена. Двете писма беа во таа смисла“, вели Русковска за Дојче веле. 

И јавниот обвинител Љубомир Јовески вчера (26.01.2022) добил закани по животот преку препорачано писмо. Јавното обвинителство потврди дека писмото, испратено од Пошта Битола на 17 јануари, е напишано на македонски и англиски јазик, и во него се вели дека Јовески ќе биде убиен ако не ослободи од обвинение двајца новинари.

По Вилма Русковска, и јавниот обвинител Љубомир Јовески добил закани по живот од 'терористичка организација'. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Од Јавното обвинителство велат дека за тој случај постапката е запрена бидејќи утврдиле дека нема место за јавнообвинителско постапување.

Испраќачот на писмото вели дека припаѓа на терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата.

„Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

„Такви закани нема да ме заплашат во постапувањето по конкретни предмети и примена на законот“, изјави Јовески за ДВ.

Пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја испратило пратката.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми