1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рухнама за Авганистан

26 август 2021

Токму моделот на земјите од Централна Азија е излогот во кој народот, а потоа и властите на Авганистан, можат да ја препознаат сопствената шанса за подобра иднина. Пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Некој од вас ќе се сети, можеби, за епизодата на мојот дијалог со туркменскиот политичар околу можноста за заживување на демократијата во Централна Азија. И одговорот дека демократијата е можна во тој регион. Но не западната демократија. Раскажувањето на оваа анегдота пред западните колеги редовно измамуваше осуди или потсмеви, никогаш прашања или дијалози. Се прашувам дали временската и просторната разлика ги има сменето нивните убедувања. Од друга страна, се надевам дека туркменскиот соговорник сеуште ја чува надежта во демократијата. Без придавки. 

Улогата на Централна Азија во одржувањето на таквата надеж во Авганистан е од непроценлива важност во деценијата пред нас. Токму сега, кога (ионака нереалната) надеж за западната демократија замина со преполните авиони во правец од каде долетале, токму моделот на земјите од Централна Азија е излогот во кој народот, а потоа и властите на Авганистан, можат да ја препознаат сопствената шанса за подобра иднина. Во тој излог нема да најдете многу демократија, слободен печат, либерални движења. Но ќе го пронајдете токму она што на Авганистан однавек му е насушно потребно: ред и поредок, институции на системот, работа, школство, човечки права, енергија, здравство итн. 

Времето минува, нештата се забораваат. Пред триесетина години и непосредно по речиси непосакуваната независност, и Туркменистан можеше да загази по патот на Авганистан. Спасот од лудилото беше една безмалку налудничава идеја на тогашниот водач, диктаторот Сапармурат Нијазов. Познат и како (наводен) автор на двотомната „Рухнама, Книга на душата”, исполнета со преплет на истории на Туркмените, национални легенди, фолклорни преданија, цитати од Куран, фантазмагории, поуки за правилно живеење, морални лекции итн. Рухнама беше омилена тема на потстмев на западните набљудувачи, дипломати и генерално кажано модерни рационалисти кои пропуштаа да во комичната подлога на Рухнама ја препознаат сериозната потреба за градење од ништо – нешто. 

-претходни колумни од авторот: Невозможна мисија: Авганистан

Обидете се за час да се ставите во кожата на еден автократ која речиси преку ноќ станува шеф на држава со племенски кланови и минимум национално чувство, со речиси заборавен и отфрлен мајчин јазик, со искуство на живеење во сојуз во кој северните супремацисти љубеле да ве ословуваат и третираат како „баранина” а притоа сте на граница со такви мирољубивости како Авганистан или Иран. Доколку се обидете, ќе ја разберете потребата на Нијазов да изгради сосема нов наратив со кој ќе се воздигне заспаната национална свест, засили чувството на горда припадност кон една современа специфичност, понуди субститутивен концепт на морални и општествени вредности спроти наследените советски и актуелните верски идеологии. Рухнама беше една совршена несериозност со сосема сериозна и успешна мисија на удирање темели на новиот, неутрален Туркменистан, слично на „Зелената книга” на Гадафи, „Нутук” на Ататурк и „Малата Црвена Книга” на Мао Це Дунг. 

Пропуштена шанса

За разлика од Туркменистан во кој барем постоеја обриси на општествено и државно уредување од советскиот период, Авганистан по ослободувањето немаше речиси никакви системски, институционални, историски темели врз кои би се изградило некое ново општество. Или барем ембрионичен концепт на припадност. За разлика од вековниот мир во Централна Азија, единствената меморија на племињата во Авганистан беше онаа за битки, агресии, војни, отпор, жртви, окупации, инвазии, масакри, крвопролевања, херојства, предавства, да се биде против, контра, опозиција и никогаш со јасна, консензуална идеја во прилог на нешто. Недостатокот на некој лут, луд и прониклив лидер како Нијазов, не овозможи создавање на нов авганистански мит, историја, концепт, поттик со кој би се обединиле племињата, би се отстранила религијата како опиумски субститут за општеството и бе се спречило кусогледото експериментирање на накалемување на демократија од Копенхаген врз измаченото тело на Кандахар. Но, што е тука е, шансата беше пропуштена. Во име на добрите намери на советите и западњаците. 

Централна Азија може да помогне неизмерно многу во воспоставувањето на насушно потребниот ред и поредок во Авганистан. Доколку правилно се слушаат нивните ставови, замерки и одбивања. Пример прв. Некаде во 2010 година во Ашгабат требаше да се одржи конференција за трговија со луѓе. Неколкукратните барања до Министерството за надворешни работи остануваа без одговор. Едноставно игнорирани. По неколку месеци, во разговор со надлежниот домашен дипломат, ми беше пренесено дека во Туркменистан нема трговија со бело робје, луѓе, проституција. Иако на соговорникот можев да му укажам јасни и несоборливи деманти, претпочитав да излезам со модифициран предлог. За одржување конференција за превенција на трговија со луѓе. Предлогот беше прифатен, конференцијата се одржа. Пример втор. Според однапред договореното, истата година во Ашгабат требаше да се одржи обука на погранични службеници од Авганистан. Повторно, редица писмени барања без одговор од МНР. До првата директна средба со надлежниот од МНР кој со тивок но решителен глас ми даде до знаење дека не љубат да таквите обуки се одвиваат во главниот град. По искажување разбирање за сензитивноста на материјата, следеше предлогот за преместување на истиот тренинг во просториите на граничниот премин Имамназар (изграден од УСАИД) на граница со Авганистан. Предлогот беше прифатен, обуката се одржа. 

-претходни колумни од авторот: Фетишот наречен Охридски рамковен договор

Десет години подоцна, Централна Азија е далеку посреден, постабилен и конструктивен актер од кој може многу да се научи за пристапот кон Авганистан. Под услов да се почитува нивната автономија во носење одлуки и елиминира можноста за нивна експлоатација во прилог на други фактори, т.е. големите сили. Со мали варијации, односот на Централноазиските држави кон големите сили е одреден од нивната предострожна скепса: кон САД засновано врз непознавање, кон Русија засновано на познавање и кон Кина засновано врз препознавање. Додека пак во однос кон Европа, отвореноста е далеку поголема доколку соработката се одвива на меѓу-државна соработка, но не и со „нејасната, конфузна, аморфна” Европска унија. Токму како што му беше посочено на овој автор „знаеме кој и што се Меркел, Саркози и Браун. Не знаеме кој и што е Баросо”. 

Соработка со централна Азија

Централна Азија севкупно и секоја земја поединечно имаат богато искуство на соработка со Авганистан, под било кој режим. Некаде тоа е благодарение на традиционалните врски (Таџикистан), некогаш поради воено-безбедносни причини (Узбекистан). Поради искуствата во гостување на талибанските водачи во мировните преговори во Ашгабат, присуството на туркменското малцинство и енергетската соработка, Туркменистан има посебно значење во однос на соработката со Авганистан. Битноста на пристапот на Туркменците кон Авганистан посебно доаѓа до значење во ТАПИ проектот кој овозможува извоз на гасот од Туркменистан, преку Авганистан и Пакистан до Индија. При разговорот со тогашниот министер за енергетика и речиси легендарен водач на отпорот против советите и талибанците, Мухамед Исмаил Кан, на авторот му беше јасно исцртана битноста на проектот ТАПИ за Кабул: „секој млад човек со копач во рака е млад човек помалку со калашников во рака”. За жал, Исмаил Кан е веќе пребеган во Иран, по заробувањето од страна на талибанците на 12 август годинава. Она што охрабрува е дека и новиот режим на талибанците се има заложено за „заштита на проектот ТАПИ кој нема да го реметат”. 

-претходни колумни од авторот: Караѓорѓево for dummies

Судејќи според реакциите од западните центри, интересот за соработка со Централна Азија е времено-тактичка реакција за сместување на бегалците, но без долгорочна-стратешка политика за смирување, консолидирање и воведување ред и поредок во самиот Авганистан. Тактика која тешко дека ќе биде прифатена од земјите домаќини, како поради дискутабилната долготрајност на потфатот и економските потешкотии со кои ионака се соочуваат. Но пред се, поради долго градениот, деликатен баланс на односи меѓу широкиот спектар на народи и етнички групи (посебно во долината Фергана) и опасноста од прелевање на религиските екстреми врз тешко изградените национални кохезии. Оттаму, пристапот за меѓународен ангажман во Централна Азија е упатно да биде париран со ангажман и почитувано присуство на Централна Азија низ западните центри на одлучување. Желбата на регионот и земјите поединечно за нивна факторизација е содржан во омилениот збор и стратегија за „диверзификација” како брана од преголемо наслонување, присуство или влијание на било која од водечките глобални или регионални сили. Меката моќ на Европа – не толку на ЕУ – и мултилатералните организации е најлесно прифатливата опција за суверено опседнатите водства, посебно оние на самата граница со Авганистан. Од друга страна, еволуцијата на земјите од Централна Азија од кревки постсоветски републики со нерасчистени внатрешни и соседски односи, во солидифицирани држави со меѓународно искуство, консолидирани општества и апетити за меѓународно признавање неминовно подразбира и потреба за еволуција од фингирани парламентарни мултипартиски системи кон илиберални, конзервативни но стабилни источни „демократии". Соочувањето со Авганистан за сите нив е огромен предизвик, но воедно и можност за факторизација и засилено влијание во меѓународната арена.

Денес, Рухмана е веќе отфрлена во земјата водена од Гурбангули Бердимухамедов. Како нужно зло кое има свршено работа и веќе е пречка за новата визија за златната ера на Туркменистам. Но во Кабул, потребата за авганистанска Рухнама е потребна како никогаш досега.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми