1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рeтген: Референдумот е одлука за културниот идентитет

18 септември 2018

Пратеникот на ЦДУ, Норберт Ретген од трибина во Скопје порача дека референдумот на 30 септември има големо политичко, културолошко и геополитичко значење. Богојески смета дека „бојкотирам“ се темели на лажни вести.

Norbert Röttgen
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

На референдумот се носи одлука за културниот идентитет на државата, рече во Скопје пратеникот на ЦДУ и претседател на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг Норберт Ретген. Заедно со поранешниот европратеник и известувач за Македонија, Ханес Свобода, Ретген присуствуваше на дебата организирана од членови на реформското крило на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Исходот од референдумот ќе даде пример за целиот регион. Ќе биде пример дека може да се прави компромис, и дека постојат можности да се надминуваат етничко-политичките поделби“, рече Ретген.
Тој наведе три клучни причини зошто е важен успехот на референдумот.

„Овде се работи за фундаменталното прашање на политичка култура. Дали ќе преовлада пристапот на идентитетска политика или, културата на демократски компромис- со која се прифаќа дека постои потреба од компромис во едно општество во потрага по државниот интерес“. Тој објасни дека е во интерес на Германија да се заокружи Европа и да се прошири стабилноста во рамките на континентот, додавајќи дека референдумот, односно неговиот успех, има и геополитичко значење.

„Колку и да изгледа мал овој референдум од надвор, тој има длабоко политичко, културолошко и геополитичко значење“, заклучи Ретген чија партија е близок партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот претседател на Прогресивната Алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент и известувач за Македонија, Ханес Свобода порача дека со Договорот од Преспа, вистинскиот победник е само Македонија.

„Грците конечно прифаќаат дека Македонија постои. Дека тоа е нивниот сосед на север. Вистинскиот победник е Македонија затоа што таа, а не Грција беше блокирана сиве овие години. Ова го правите за себе“, рече Свобода.
Тој ѝ порача на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ добро да размисли како ќе се однесува на референдумот.

„Да, опозицијата може и треба да критикува, можат да тврдат дека тие можеле подобро, но на крајот најважен е резултатот, а јас мислам дека овој резултат е многу прифатлив за државата. Ако не верувате дека е добар резултатот слушајте што зборува опозицијата во Грција“, рече Свобода.

Богојески: Бојкотирам се темели на лажни вести

Шефот на дипломатијата Никола Димитров, на отворањето на дебатата рече дека главната придобивка од успешниот исход на референдумот ќе биде „заокружувањето на македонската државност“.
„На овој референдум, одлуката на сите нас е за тоа дали Македонија ќе оди напред или назад во ровот“, рече Димитров.

Богојески: Бојкотирам се темели на лажни вестиФотографија: Privat

„Членството во НАТО значи дека Македонија е тука да остане. Ставаме точка на прашалниците дали ќе ја биде и ја зацврстуваме стабилноста“, рече Димитров. Алтернативата, смета шефот на дипломатијата, е да продолжи тонењето на државата.
„Додека ние се занимаваме со тоа кој народ е најстар на Балканот, нашите млади отидоа во земјите членки на ЕУ“.
Петар Богојески, заменикот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ на панелот изјави дека тој ќе гласа против на референдумот, затоа што го смета Договорот од Преспа за лош за македонските национални интереси. Тој ја обвини кампањата „Бојкотирам“ дека се темели врз лажни вести кои ги продуцираат „центри кои не се на линија на заштита на интересите на Македонија, кои се обидуваат да го спречат проширувањето на НАТО на Балканот“.
„Преку бојкотот ја бојкотираме македонската државност и иднината на нашите деца“, рече Богојески.
Тој ги отфрли и тезите на некои негови сопартијци дека владата на Зоран Заев ќе падне доколку не успее референдумот.

„Убеден сум дека владата на Заев не само што нема да падне ако не успее реферемдумот, туку ќе го протурка Договорот низ институциите, а притоа ќе добие кард бланш од меѓународната заедница за сите неуспеси во државата да го обвинува ВМРО-ДПМНЕ“, рече Богојески.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми