1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наскоро укинување на патентите за вакцини против Ковид?

Сузане Ајкенфондер
6 мај 2021

Владата на САД е подготвена да ги укине патентите за да се зголеми глобалното производство на вакцини против коронавирус. Позитивни сигнали доаѓаат и од Брисел.

Türkei Pfizer BioNTech Ampullen
Фотографија: Abdurrahman Antakyali/Depo Photos/ABACAPRESS/picture alliance

Во борбата против пандемијата на корона американската влада се изјасни за временски ограничено укинување на заштитата на интелектуалната сопственост врз вакцините против Ковид-19.

„Се работи за светска здравствена криза и вонредните услови на пандемијата наметнуваат вонредни мерки", вели претставникот на американската влада за трговија, Кетрин Таи, појаснувајќи ја промената во нивната политика. Многу важни земји упоришта на фармаколошката индустрија, како САД, досега ја блокираа таквата иницијатива покрената од Јужноафриканската Република и Индија. Американската влада и натаму цврсто стои зад заштитата на интелектуалната сопственост, но сепак во Светската трговска организација (СТО) ќе се залага за исклучок од правилото во однос на вакцините против Ковид-19 „за да се стави крај на пандемијата".

„Целта на владата е што е можно повеќе луѓе што е можно побрзо да се вакцинираат со сигурни и ефикасни вакцини", се вели во изјава на Таи, која ја објави на Твитер.

Таа нагласува дека разговорите во СТО би можеле да потраат додека се најде „консензус”. Таи посочува на „комплексноста" на темата.

Повеќе од 100 земји членки на СТО како и невладини организации сакаат правата на интелектуална сопственост да бидат замрзнати за да може да се забрза светското производство на вакцини. САД во преговорите од позиција на светски најголема економија имаат клучна улога. Покрај тоа, американската влада преку Институтот за истражување НИХ, ги има правата врз едно откритие кое е предуслов за модерните мРНК вакцини на производителите Модерна и Бионтек/Фајзер.

„Историска одлука"

Генералниот секретар на Светската здравствена организација, Тедрос Гебрејесус намерата на САД ја оценува како „историска одлука“, која е впечатлив пример за американската улога на лидер во однос на прашањата на глобалното здравје. Организацијата за човекови права Амнести интернешнл на Твитер објави дека претседателот Џо Бајден на тој начин јасно ставил до знаење дека „САД животот на луѓето го ставаат пред добивките на фармаколошките компании".

Ендру Штролајн од Хјуман Рајтс Воч твитна дека сега на потег е ЕУ. 

ЕУ со волја за кооперативност

ЕУ моментално е отворена за разговори за временски ограничено замрзнување на патентите за корона-вакцините. Ќе се разговара за секој предлог „со кој на кризата ѝ се пристапува ефикасно и прагматично", вели претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен во видео-порака. Треба да се види како американскиот предлог ќе биде од полза за таквата цел. „Но, на краток рок бараме од сите земји кои произведуваат вакцини, да дозволат извоз и да избегнуваат сѐ што може да ги загрози ланците на дистрибуција."

Фон дер Лајен понатаму вели: „Јасно да кажеме дека Европа е единствен демократски регион во светот каде е дозволен извоз во големи количества." Досега биле извезени 200 милиони дози вакцини во остатокот од светот, односно речиси ист број колку што во Европа досега им се дадени на граѓаните. Тоа ЕУ ја прави „аптека на светот“, заклучува Фон Дер Лајен.

Повеќе:

Западните држави не ги даваат патентите за вакцините против Ковид

Германија во треска: Како да се произведат повеќе вакцини?

Ковид-19: Зошто производството на вакцината е толку комплицирано?

Од фармацевтската индустрија досега аргументираа дека замрзнувањето на патентите нема автоматски да придонесе за поголема количества вакцини. Сите квалификувани производители веќе се вклучени во производството преку лиценци. Освен тоа, се нагласува дека особено производството на мРНК вакцини било многу комплексен процес.

Намерата на САД не наиде на добар одзив на берзите, каде курсевите на компании како Бионтек, Модерна или Новавакс делумно претрпеа и јасен пад. Акциите на Модерна, на пример, во меѓувреме бележат пад од повеќе од шест проценти.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми