1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД воведоа санкции за групи Срби од северно Косово

Беким Шеху
10 декември 2021

Европската унија ја поздравува одлуката на САД да воведат санкции за група Срби од северот на Косово. Групата е вклучена во широко коруптивна мрежа со безбедносни службеници во Косово и во Србија.

Migranten im Grenzgebiet zwischen Serbien und Kosovo
Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

САД воведоа сакнции за неколку десетици поединци и групи ширум Европа, меѓу кои е и организираната криминална група која дејствува првенствено на северот на Косово. Канцеларијата за контрола на странски имот на американското Министерство за финансии соопшти дека вовела санкции за „групата на српскиот бизнисмен Звонко Веселиновиќ“, позната на властите на Косово и која во повеќе наврати беше цел на правосудството.

Покрај Веселиновиќ, на списокот се и неговиот брат Жарко Веселиновиќ, како и членовите на групата Жељко Бојиќ, Милан Михајловиќ, Синиша Недељковиќ, Радован Радиќ, Милан Радисављевиќ, Милојко Радисављевиќ, Милан Радоичиќ, Марко Росиќ, Радуле Стевиќ и Миливоје Вуловиќ.

Тие, меѓу останатото, се обвинети дека биле во дослух со политичарите за да им помогнат да победат на избори и да им обезбедат финансиска поддршка. За возврат, политичарите, како што се наведува, им обезбедувале „договори за инфраструктура по најдобри услови“ и им овозможувале „контрола на одредени подрачја за нивно работење“.

Еден од членовите на групата, Милан Радоичиќ, е дел од раководството на партијата Српска листа која има 10 пратеници во Парламентот на Косово.

Фотографија: Milica Andric-Rakic/DW

Мрежа од широки размери

Во соопштението на американското Министерство, меѓу останатото, се наведува дека Веселиновиќ и неговата група се „вмешани во мрежа за поткуп од големи размери со безбедносните официјални лица на Косово и во Србија, за да овозможат илегална трговија со стока, пари, наркотици и со оружје меѓу Косово и Србија.

Повеќе: Курти за ДВ: Србија сака да го „боснизира“ Косово

На списокот санкции се и многу компании во Србија и на Косово кои се поврзано со групата која се поврзува со убиството на локалниот политичар на северот на Косово, Оливер Ивановиќ, во јануари 2018 година.

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, по воведувањето на санкциите, оцени дека тие се „во согласност со целите на владините претставници“. Според неговите зборови, „бандите кои дејствуваат преку границите, дестабилизираат и често соработуваат со владини претставници“.

„Знаеме оти организираниот криминал кој го поддржуваат корумпирани поединици може да го дестабилизира владеењето на законите, да ја нарушат довербата во јавните институции и да го поткопаат демократското управување“, изјави шефот на американската дипломатија.

Заедничка цел

Воведувањето на американските санкции на групата Срби на северот на Косово го поздрави и министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, кој рече дека тоа е „важен чекор во борбата против организираниот криминал на Западен Балкан“.

„Уништувањето на транснационалните криминални мрежи допринесува до безбедност, стабилност и унапредување на владеењето на правото во целиот регион. ЕУ во целост е посветена на постигнување на оваа заедничка цел“, напиша Борел на Твитер.

Воведувањето на американските санкции на оваа група ја поздрави и претседателката на Косово, Вјоса Османи, и косовскиот премиер, Алјбин Курти. „Косовските институции во целост се посветени на владеењето на законите и ќе работат со САД за да обезбедат нашиот регион да не стане засолниште за таквите криминални групи“, напиша Османи. 

Повеќе: Србија и Косово: Кого го погодува „реципроцитетот“?

За премиерот Курти, одлуката на САД е добредојдена. „Оваа група е одговорна за трговија со стока, пари, наркотици и со оружје меѓу Косово и Србија, и таа е најдобар доказ дека злосторството на северот на Косово е секојдневна реалност со што се кршат владеењето на правото, слободата и ја загрозува благосостојбата на граѓаните. Одлуката на САД ја потврдува легитимноста на акциите на косовската полиција од пред неколку недели во општината Северна Митровица против шверцерите на илегална стока. Нашите институции, без разлика на етничката припадност, ќе продолжат да соработуваат со нашите сојузници и партнери“, напиша премиерот на Косово.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми