1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД го губат интересот за спорот за името

АТ/ миа 8 август 2013

Македонија треба повеќе дипломатски да се ангажира во спорот со Грција, вели поранешниот амбасадор во Скопје, Хил. Грчкиот премиер Андонис Самарас во Вашингтон треба да се сретне со американскиот претседател Барак Обама.

)
Фотографија: NICHOLAS KAMM/AFP/Getty Images

Грчкиот премиер Андонис Самарас денеска треба да се сретне со американскиот претседател Барак Обама, откако претходно ќе има средба со државниот секретар Џон Кери.

„Посетата на премиерот Самарас на Вашингтон ја одразува силината на американско-грчките односи. Секретарот Кери ќе ја потенцира американската поддршка за Грција која спроведува клучни структурни реформи за да создаде попросперитетна иднина за своите луѓе. Двајцата лидери исто така ќе дискутираат за голем број прашања, вклучително одбранбената соработка, напорите за борба против тероризмот и регионалната соработка“, изјави Џен Псаки, портпарол на американскиот Стејт департмент во пресрет на средбата.

Самарас и членовите на неговиот кабинет одржаа брифинг за неколкумината грчки новинари кои ја следат неговата посета, на кој немаше најави за надворешно- политичките прашања што ќе бидат отворени денеска (08.08.) или за спорот за името.

Хил: Во интерес на Македонија да се приклучи на ЕУ

Првиот американски амбасадор во Македонија Кристофер Хил, во пресрет на посетата на грчкиот премиер Андонис Самарас на Вашингтон, оценува дека САД направиле чекор назад и загубиле дел од интересот за решавање на спорот за името и оти е потребно Македонија да ги удвои дипломатските напори насочени кон Вашингтон и Брисел.

„Мојот впечаток, и да подвлечам, ова е впечаток, а не нешто поткрепено со добро познавање на фактите, е, како што велите, дека САД направија еден чекор наназад и оценуваат дека условите не се тука за да се најде решение за спорот. Доколку сум во право во овој впечаток, мислам дека е важно Македонија повторно приватно да испрати сигнал до САД дека е подготвена да се обиде да се разреши ова. Да се покаже дека постои флексибилност. Сфаќам дека тоа е многу тешко, бидејќи зборуваме да се смени или да не се смени името, но Македонците мора да пренесат дека тие се разумните“, вели Хил во телефонски разговор за Македонската информативна агенција.

Кристофер ХилФотографија: AP

Според поранешниот американски дипломат, кој по ангажманот на Балканот беше амбасадор во воениот Ирак и преговарач за нуклеарната програма на Северна Кореја, за Македонија клучна цел се уште мора да биде членството во Европската унија и во НАТО.

„Ако ги тргнеме настрана сите проблеми кои се случуваат во Европската унија, и овие проблеми во јужните држави, вклучително и Грција, мислам дека сепак е во висок интерес на Македонија да влезе во ЕУ. Ја разбирам фрустрираноста и оценката кај дел од Македонците дека можеби работите се сменија. Јас не верувам дека работите се смениле по ова прашање и мислам дека сѐ уште е многу во интерес на Македонија да се приклучи. Се надевам дека Македонија ќе успее и сѐ што ќе можам да сторам ќе сторам“, вели Хил.

Тој оценува дека економската криза во Грција не значи дека треба да се бара начин како таа да се искористи како притисок, од страна на ЕУ кон Грција, да се разреши спорот, туку дека најмногу може да се постигне со постојан ангажман на македонската дипломатија во Вашингтон и во Брисел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми