1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и Русија - континуирана конфронтација

Миодраг Шориќ
15 мај 2019

Без оглед на посетата на Мајк Помпео на Русија, не се очекува подобрување на американско-руските односи, смета Миодраг Шориќ. Како на Русите, така и на Американците им недостига волја за нов политички почеток.

Russland Präsident Putin trifft US-Außenminister Pompeo
Фотографија: Imago Images/ITAR-TASS/M. Metzel

Добро, тие сепак разговараат едни со други. Значи, не е баш толку лошо, или? Откако ја презеде функцијата министер за надворешни работи на САД, Мајк Помпео првпат ја посети Русија и се состана директно со претседателот Владимир Путин во неговата резиденција во Сочи. Лекувалиште познато по благата клима. Политичката клима меѓу двете сили сепак во догледно време би можела да остане зовриена. Посетата на Помпео беше и во функција на подготовка на состанок меѓу Путин и Трамп на маргините на Самитот Г20, кој на крајот на јуни се одржува во Осака.

Посета со празни раце

Но, во Русија Помпео дојде до празни раце и така и ја напушти. Политичките гледишта на двете земји се премногу различни. Било да станува збор за  Венецуела, Иран или Сирија: Вашингтон во сите овие земји се залага за промена на режимот. Русија е против. И досега нема успех. Претседателот Путин пред очите на цел свет покажува до каде се границите на воената суперсила САД. Тоа нанесува штета на авторитетот на западната водечка сила. На незадоволство на Европејците, кои Помпео ги посети кратко пред да замине во Русија.

Дури и во Брисел американскиот министер за надворешни работи допатува речиси како несакан гостин. Крајно, американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од Нуклеарниот договор со Иран, кон кој ЕУ, Русите и Кинезите сакаат да се придржуваат. Во меѓувреме дури ни воена интервенција против Техеран не може да биде целосно исклучена. Министрите за внатрешни работи на ЕУ се вџашени.

Миодраг Шориќ

И за претседателот Путин тоа е повод да се опушти: тој воопшто нема потреба да забива клинови меѓу западниот сојуз - неговиот колега во Белата куќа тоа го успева без проблеми и без него. Но, јасно е и дека Москва ќе направи сѐ за раздорот на Запад да остане, а по можност и да се зголеми. Divide et impera, раскарај па владеј. Врз основа на ова мото уште старите Римјани ја воделе надворешната политика.

 

Руско-американските односи и натаму ќе останат на најниска точка.  Одговорноста за тоа ја сноси Кремљ. Со својата војна во источна Украина, анексијата на Крим, необјавената хибридна војна против Запад, Москва уништи секаква доверба. Дури и ако на маргините на Самитот Г20 дојде до состанок меѓу Трамп и Путин, тој нема да има големо значење. Самит со претседателот Трамп загуби на вредност од неговата средба со севернокорејскиот диктатор. Кон тоа се надоврзува и фактот што Конгресот во Вашингтон негодува поради курсот на Трамп во однос на Путин.

Русија страда поради санкциите

Американскиот Конгрес ќе се погрижи во догледно време да не дојде до затоплување во американско-руските односи. И воведените санкции против Москва ќе останат. Иако пропагандата во Кремљ тврди спротивно: руската економија страда поради нив. Странските инвеститори се уплашени. Модернизацијата на земјата се одвива пребавно, економскиот раст со мака преминува преку еден процент, животниот стандард на Русите и натаму се намалува. Крај на стагнацијата не е на повидок.

Како на Русите, така и на Американците им недостига волја за нов политички почеток. На средбите како во Сочи политичарите како Путин и Помпео се сведуваат на ниво на водачи на протоколот на непријателство. Притоа би било толку важно обете влади да соработуваат. Како поинаку имаат намера да им пристапат на глобалните проблеми - климатските промени, растечките миграции, ширењето на нуклеарно оружје или борбата против тероризмот? Проблеми кои ги засегнуваат нив и остатокот на човештвото. И така на крајот сите се губитници.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми