САД и Турција стравуваат од сириското „буре барут“
11 август 2012Вашингтон и Анкара предупредија од влошување на хуманитарната криза во Сирија. Употребата на сила од страна на сирискиот режим се чини не познава граници, изјави американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон денеска во Истанбул на прес конференцијата со турскиот ресорен колега Ахмет Давутоглу. Двете земји ќе ги засилат напорите за прекинување на крвопролевањето во Сирија и ќе постават смерници за ерата по режимот на претседателот Башар ал Асад.
„Никој не може да каже кога ќе падне режимот, но денот ќе дојде“, изјави Клинтон.
А тогаш на сириската опозиција треба да и‘ се помогне во заштитата на државните институции и во формирањето демократска и плуралистичка влада. Освен тоа, нужно е обезбедување на арсеналот со хемиско оружје при падот на режимот, истакнаа Клинтон и Давутоглу.
„Мораме да обезбедиме што порегулиран премин кој не би дозволил никаков простор за етнички конфликти“, рече турскиот министер.
„Се‘ додека војната трае, хуманитарната ситуација ќе се влошува“, предупреди тој.
На средбата со Клинтон биле дискутирани и најцрните сценарија, при кои би дошло и до масовен прилив на сириски бегалци на турската граница. Проценките на Клинтон велат дека во Сирија околу два милиони луѓе се зависни од помош.
Клинтон во Истанбул се сретна со сириски активисти за да дознае за искуствата „од прва рака“, но не и со сириски вооружени борци. Бегалците ја информираа за злоделата на сириските владини трупи, кои ќе бидат документирани, вети Клинтон:
„Ниедно дело нема да остане неказнето кога ќе дојде нова влада“, потенцираше американската министерка.
Со Турција се договорени конкретни планови до детали. Во нив се вклучени и тајните служби и армиски претставници од двете држави. САД и Турција ги поддржуваат бунтовниците, јасно истакнуваат, но демантираат нивно снабдување со оружје. Извештаите за логори за обука за бунтовниците на турска територија досега не се официјално потврдени.