1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД немаат време за Балканот

28 јули 2011

Последните потези на косовските власти не треба да се гледаат како некаква конспирација, туку како самостојна одлука на Приштина, чија цел е заокружување на територијалниот суверенитет, вели аналитичар на Стратфор.

Хилари Клинтон и Хашим ТачиФотографија: AP

Идејата дека САД се тие кои им дале „зелено светло“ на косовските власти за спроведување на одлуката за ембарго на српските производи, претставува само шпекулација, која не е заснована на актуелната фактичка состојба, велат во американската геостратешка агенција Стратфор. Од една страна, Вашингтон веќе се одјави од Балканот, препуштајќи и го на ЕУ решавањето на конкретните прашања на теренот. Од друга страна, уште еден конфликт е последната работа што им треба на САД, кои се растргнати со жариштата ширум светот, како и со домашната економска криза.

„САД ја поддржуваат независноста на Косово и претставници на Стејт Департментот секогаш ќе ја повторуваат поддршката кон Приштина, но и покрај таквата реторика, самото присуство на САД во регионот не е впечатливо, ниту во инвестициите, ниту кадровски. Таму е воената база Бондстил, и се додека има американски трупи таму, Белград нема да биде закана за интегритетот на Косово. Но, на теренот Америка во целост и’ ги предаде овластувањата на ЕУ, а ставот дека САД на ’микро ниво’ управуваат со косовските акции всушност е неразбирање“, вели за Дојче веле, Марко Папиќ, аналитичар на Стратфор.

За него е потполно изненадување тоа што Приштина сторила нешто целосно самостојно и тврди дека не е во прашање никаква „конспирација“. Косово од САД и од мнозинството земји од ЕУ го доби тоа што го посакуваше - признавање на независноста и сега сака тој суверенитет да го извршува на целата своја територија.

Граничниот премин Јариње, кој беше запален од српски екстремистиФотографија: dapd

Косово и’ е препуштено на ЕУ

„Може да станува збор и за невнимателност на некој американски дипломат, кој сметал дека не се работи за многу значаен проблем кога косовските власти го прашале за акцијата, но тоа се се’ шпекулации. САД немаат стратегија со која би го поткопувале мировниот процес меѓу Србија и Косово“, смета Папиќ.

Во Стратфор велат дека САД се сега притиснати со домашните проблеми и презафатени со решавање на проблеми во други делови на светот, а во Стејт Департментот постојат само неколку дипломати кои се занимаваат со Косово. И покрај официјалниот став на САД и ЕУ за заеднички настап кога е во прашање Балканот, Папиќ вели дека постојат и несогласувања, но дека на европејците им е оставено да ги решаваат деталите.

„САД сакаат ЕУ да биде на чело на мисијата во Косово, да го води процесот на дијалогот меѓу Белград и Приштина и не сакаат да се мешаат во тоа. Притоа, тие не прават ништо ниту за да извршат притисок врз Приштина, иако Приштина дефинитивно многу повеќе ги слуша САД отколку ЕУ“, заклучува Папиќ.

Автор: Марина Максимовиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми