1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Неуспешно ослободување заложници во Сирија

ЖА/дпа/афп/ртре21 август 2014

Американската влада призна неуспешен обид за ослободување американски заложници во Сирија. Акцијата веројатно била изведена и во врска со американскиот новинар Џејмс Фоли, кого го погубија џихадистите од Исламска држава.

Фотографија: Win McNamee/Getty Images

Американската војска неодамна спроведе воздушна и копнена операција за спасување на американски заложници во рацете на Исламската држава (ИД) во Сирија, но акцијата беше неуспешна, соопшти Пентагон.

„Операцијата, со акции од воздух и копно, имаше за цел конкретна мрежа киднапери во рамките на ИСИЛ, сега позната како Исламска држава. За жал мисијата не беше успешна, бидејќи заложниците не беа на одредената локација“, се наведува во соопштението. Според медиумите, специјаланта акција била спроведена и во врска со во меѓувреме убиениот новинар Џејмс Фоли.

Според Лиса Монако, соработничка на претседателот Барак Обама за борба против тероризмот, Обама мисијата ја одобрил на почетокот на летото.

Обама: Ракот мора да се отстрани

По бруталното убиство на новинарот Џејмс Фоли, кое, како што рече, го шокирало целиот свет, американскиот претседател Барак Обама изјави дека САД ќе продолжат уште поодлучно да се спротивставуваат на екстремистите од Исламска држава, кои ги спореди со болеста рак.

„Неопходни се заеднички напори за отстранување на ракот, за тој да не може да се проширува“.

Исламска држава киднапира жени и деца, измачува, силува, заробува и убива луѓе, рече Обама и повика за глобална мобилизација за да не се дозволи нејзиното ширење.

„За такви луѓе нема место во 21. век. Тие не говорат од името на некоја религија. Ниту една религија не проповеда убиства на невини луѓе. Нивната идеологија е пропадната“, изјави Обама, најавувајќи неуморни акции на САД во борбата против џихадистите. Американскиот претседател најави антитерористички самит на крајот на септември во Њујорк, на кој треба да учествуваат шефовите на држави или влади на петте вето сили во ОН. Самитот би бил одржан на маргините на Генералното собрание на ОН.

Претходно терористичката организација Исламска држава објави на интернет водео на кое е прикажана егзекуцијата на киднапираниот американски новинар Џејмс Фоли, кому пред камера му е отсечена главата.

Борци на ИД од Европа

Британскиот премиер Дејвид Камерон, кој поради видеото со убиството на Фоли го прекина својот одмор во Корнвол, гледа знаци кои укажуваат дека егзекуторот на Фоли е британски државјанин.

Премногу Британци се борат во кризниот регион на страната на исламистите, истакна тој. Камерон најави засилување на напорите на Лондон во спречувањето на патување на луѓе во борбите во Сирија и Ирак.

Според податоци на Европската комисија, во моментов во Ирак и во Сирија има над две илјади исламисти од ЕУ, подготвени на насилство. Германската служба за заштита на државниот поредок досега регистрирале над 400 заминувања на исламисти во Сирија, а стотина се вратиле во земјата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми