1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД не му простуваат на Иран

Спенсер Кимбал/Б. Георгиевски22 април 2014

Белата куќа одби да му одобри виза на кандидатот за нов амбасадор на Иран во ОН, поради неговата вмешаност во заложничката криза од 1979. година. Дипломатскиот спор се случува во деликатен момент.

Фотографија: Fars

Поради големиот домашен притисок, администрацијата на Обама одби да му одобри виза на Хамид Абуталеби, новиот ирански амбасадор во Обединетите нации. Одлуката на Белата куќа се коси со нормалниот дипломатски протокол и по неа се поставува прашањето дали Вашингтон може еднострано да става вето на кандидатите на други земји за претставници во светската организација.

Абуталеби беше припадник на Муслиманските студенти, следбеници на линијата на Имамот. Оваа група во 1979. година, во текот на исламската револуција, ја зазеде американската амбасада и како заложници држеше 52 Американци цели 444 денови. Револуцијата заврши со уривање од власт на Шахот кој го поддржуваа САД, а на власт дојде Хомеини. Абуталеби вели дека соработувал со оваа група само како преведувач и преговарач.

„Имајќи ја во вид неговата улога во случувањата од 1979. година кои се длабоко врежани во сеќавањето на американскиот народ, за САД би било неприфатливо да ја одобрат таа виза“, изјави портпаролот на Стејт Департментот Џејн Псаки.

Хамид АбуталебиФотографија: Reuters

Иако одлуката на Техеран да го одбере Абуталеби можеби не е политички мудра, сепак, Исламската република немала намера да ги провоцира САД, смета Ели Џеранмаје, експерт за Иран во Европскиот совет за надворешна политика.

„Иран претходно го испраќаше во ЕУ, тој веќе беше амбасадор во други земји. Неговото минато никогаш не било проблем“, вели Џеранмаје.

Внатрешен притисок во САД

Одлуката на Белата куќа уследи откако Конгресот едногласно донесе одлука да му забрани влез во земјата на секој претставник на ОН кој се занимавал со шпионажа, тероризам или претставува закана за националната безбедност на САД. Законот имаше за цел да го спречи стапувањето на функцијата на Абуталеби во ОН.

„Ние како земја можеме да им испратиме недвосмислена порака на земји како Иран, дека САД нема да толерираат таков вид провокативно и непријателско однесување“, изјави сенаторот Тед Круз, иницијатор на законот. Претседателот Барак Обама не се изјасни дали ќе го потпише законот, но портпаролот на Белата куќа Џеј Карни изјави дека претседателот „го дели мислењето изнесено во законот“.

Гери Сик, експерт за Иран кој во текот на заложничката криза беше шеф на програмата за помош на Иран, укажува дека за Техеран, како и за Вашингтон, внатрешната политика честопати е поважна од надворешната. Покрај тоа, заложничката криза за Вашингтон останува значаен фактор во американската политика.

Барак ОбамаФотографија: Reuters

Абуталеби всушност спаѓа во умерените кругови во Иран, објаснува Џеранмаје. Таа смета дека актуелниот инцидент би можел да го наведе Вашингтон прецизно да каже кого го смета одговорен за заложничката криза.

„Без оглед дали Абуталеби бил преведувач или не, уште еден проблем со кој САД треба да се занимаваат е дефинирањето на тоа кој е сѐ одговорен за тие случувања. Се надевам дека овој инцидент ќе го поттикне тоа“.

Иран одбива да ја смени одлуката

Техеран ги одби барањата да одбере друг амбасадор во ОН. Исламската Република поднесе жалба до Одборот за односи со земјата домаќин, тело кое ги надгледува односите на ОН и САД.

„Таа одлука на САД навистина има негативни импликации за мултилатералната дипломатија и ќе создаде опасен преседан и негативно ќе влијае врз работата на меѓувладини организации и активностите на нејзините членки“, наведе заменикот ирански амбасадор во ОН, Хосеин Дегани во писмото до одборот. Според иранското МНР, Абуталеби во 90. години веќе добил виза за посета на ОН во Њујорк.

Министрите за надворешни работи на Иран и САД, Џавад Зариф и Џон КериФотографија: Getty Images

„Сега кога се случи целиот овој проблем, јасно е дека ќе му биде многу тешко да работи како амбасадор, па во таа смисла, играта е завршена“, вели Гери Сик.

Дипломатскиот спор во ОН доаѓа во деликатен момент, кога пет постојани земји-членки на ОН и Германија, бараат да се постигне конечен договор за нуклеарната програма на Иран.

Сепак, според Ричард Далтон, поранешен британски амбасадор во Иран, и на САД и на Иран им е важно нуклеарните преговори да успеат, па овој инцидент не би требало да има преголемо влијание врз нив.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми