Американскиот претседател не сака да воведе општоважечка обврска за носење маска во борбата против коронавирусот. По драматичниот раст на нови инфекции во земјата, расте критиката против кризниот менаџмент на Трамп.
Реклама
Во интервју за телевизија Фокс њуз, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е за воведување обврска за носење заштитна маска во национални граници како мерка за спречување на ширење на коронавирусот. Тој смета дека носењето маска треба да е личен избор на секој граѓанин: „Сакам луѓето да имаат извесни слободи", истакна Трамп.
Неговиот став е во директна спротивност со препораката на американскиот главен виролог Антони Фаучи, кој неодамна ги повика водечките политичари од одделни сојузни држави и градови што е можно поефикасно да ги наведат своите граѓани на носење маска. Во САД досега не постои единствена национална линија во поглед на маските, тие се задолжителни во околу половината од сојузните држави.
Но, имајќи го во предвид драматичниот раст на нови инфекции- два дена по ред е надминат рекордот од преку 70.000 новорегистрирани случаи на Ковид-19 во рок од 24 часа, се зголемува и критиката на сметка на кризниот менаџмент на Трамп. Во вчера објавена анкета по налог на весникот „Вашингтон пост" и ТВ ЕјБиСи, 60% од анкетираните се незадоволни од менаџирањето на кризата со пандемијата на коронавирус од страна на претседателот, само 38% ги одобруваат неговите ставови. На крајот на мај критички кон односот на Трамп во корона-кризата биле 53% од анкетираните, а 46% биле задоволни. Во март 51%, значи половината, го поддржувале начинот на кој Трамп се справува со коронавирусот. Дури 79% од испрашаните одговориле дека би носеле заштитна маска во присуство на други луѓе надвор од својот дом, а само 15 % дека никогаш или ретко би ги покривале носот и устата. Американскиот претседател по правило настапува без маска во јавноста, но при посета на една болница во минатата сабота сепак носеше маска.
Анкетата покажа и дека за 63% од испитаниците е поважно ставањето под контрола на коронавирусот отколку повторно активирање на економијата.
Советничката на Доналд Трамп, Килен Конвеј падот на поддршката за корона-кризниот менаџмент на претседателот го оправдува со тоа што тој веќе не држи корона-брифинзи.
Како уметниците работат со корона-маските
Носењето заштитни маски во време на пандемија стана вообичаена слика на улиците ширум светот. Уметниците се обидуваат да внесат различност и нудат поинакви модели на ист производ. Еве неколку примери.
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/H. Yan
Графити-маски
Меѓународната стритарт-сцена одамна ги откри белите заштитни маски како декоративен елемент. На фотографијата 16-годишниот стритарт-уметник С.Ф. со спреј работи на слика од голем формат на една тераса на покрив во Атина. Вакви мотиви се појавуваат во многу градови во Европа.
Фотографија: picture-alliance/ANE
Моден детал
И дизајнерите во меѓувреме посветено работат со новиот моден детал. Не сите нивни креации се во согласност со стандардите на СЗО. На неделата на модата во Њујорк, во февруари 2020 година, значи уште пред избивањето на епидемијата на корона во цел свет, оваа манекенка презентираше декоративна маска од нежен штоф, која во никој случај не претставува заштита од зараза.
Фотографија: Getty Images/NYFW - The Shows
Маски на модна писта
Дали овој модел од една американска модна куќа е соодветен за секојдневието? Во секој случај, додека се носеше на неделата на модата во Њујорк, таа делуваше повеќе како накит. Но, носење маска од штоф е се’ уште подобро од неносење никаква маска. Луѓето кои сакаат мода сега се обидуваат здодевните бели маски да ги направат индивидуални и декоративни.
Фотографија: Getty Images/NYFW - The Shows
Дизајнерски маски
Некои дизајнери ги открија маските како нов бизнис-модел за браншата која е падната на колена поради пандемијата. Млади, непознати, но и реномирани дизајнери во моментов создаваат и шијат маски полни со фантазија. Заштитните маски веројатно во музеј ќе завршат како Корона-мода од годината 2020-та.
Фотографија: Getty Images/S. Gallup
Да одговара на вратоврската
Мажите кои сакаат да се облечени стилски и далеку од актуелните модни трендови, и во корона-време настојуваат да прикажат едноставна елеганција. Една берлинска мануфактура за вратоврски нуди и маски кои одговараат на „пеперутката“. Некои од моделите се веќе распродадени.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Koall
Традиционални маски
Секоја германска покраина имаше различни правила за носење маски, а од 27 април маските се задолжителни во цела земја. Локални здруженија, кои ја имаат традицијата во фокус, ги користат маските и за регионална порака: „Домот е таму, каде што сум јас.“ Бо Баварија, се разбира, маските се карирани и во сино-бела боја - со мотив од кралот Лудвиг за мажите и на принцезата Сиси за дамите.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Hörhager
Еколошки маски
Кој смета дека модните детали се непотребна потрошувачка, може да посегне и по природни материјали. И, да направи маска сам. Важно е само да се покриени устата и носот. Еве како оваа девојка од Појасот Газа ја направила својата маска.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Abed
Уметност во доба на корона
Маските се одамна пристни и во делата на сликарите и скулпторите. Ги има насекаде - на слики, постери, скулптури... Полскиот скулптор Игор Миторај и’ стави заштитна маска на својата голема скулптура поставена на плоштад во Краков.