1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД - поделена нација

Р. Вокер/ Б.Георгиевски4 ноември 2014

Вашингтон последниве години е растргнат од политички раздори и меѓупартиски пресметки. Со оглед на најавите за победа на Републиканците на изборите за Сенатот, состојбата може и да се влоши.

Фотографија: Ryan - Fotolia.com

Поделената влада не е ништо ново, напротив, веќе подолго време тоа е повеќе правило, отколку исклучок во Вашингтон. Она што е ново е политичката поларизација која се продлабочи по кусиот период на единство меѓу Белата Куќа и Капитол Хил. Таа поларизација особено се засили откако Републиканците добија мнозинство во Конгресот пред четири години.

Претседателот Барак Обама тој резултат тогаш го оцени како голем пораз, и тој навистина имаше големо влијание врз неговото претседателствување. За Томас Е. Ман, уставен експерт од Брукингс Институтот во Вашингтон, републиканската контрола врз Конгресот „во суштина ги запре сите можности за решавање на проблемите преку легислативата“. Губењето и на Сенатот само ќе ја засили блокадата која доаѓа од Капитол Хил, смета Ман. Еден од начините да се избегне блокадата е претседателот самиот да носи извршни одлуки, врз основа на неговите надлежности, без одобрение од двата дома. Обама веќе подготвува такво законодавство за имиграцијата и климатските промени.

Но, тешко дека тоа ќе му донесе успех. Како што објаснува Камерон Сјуард од Херитиџ Фондацијата, републиканските лидери можат да го искористат своето влијание за да го спречат финансирањето на разни програми или да ги намалат трошоците за одредени проекти на претседателот. Заканите за тоа веќе пристигнуваат. Спикерот на Конгресот Џон Бонер дури најави и можна тужба против претседателот поради надминување на неговите надлежности.

Капитол ХилФотографија: picture alliance/AP Photo

Обамакер- прв жртва?

Се очекува дека Републиканците ќе ја искористат својата сила во парламентот за да го спречат најважниот проект на Обама во делот на реформата на здравствената заштита, ткн. Обамакер. Сенаторот Мич Меконел, кој најверојатно ќе биде идниот лидер на мнозинството во Сенатот, неодамна најави дека е можно запирање на овој проект. Досега му недостасуваше мнозинството од 60 гласови во Сенатот за да го реализира тоа. Во моментов, Републиканците можат да оспоруваат одредени сегменти од реформите, како оданочувањето на медицинската опрема и сл. Една област во која Републиканците исто така можат да го искористат своето мнозинство е именувањето судии во Врховниот суд. Со оглед дека четворица врховни судии се приближуваат до пензија, тоа може да биде значајна предност за конзервативната партија.

Агендата на Републиканците

Што се однесува до самата политичка агенда на Републиканците, Сјуард од Херитиџ Фондацијата предвидува дека партијата ќе го искористи новото мнозинство за да ја протурка својата политика на многу полиња, од енергетските даноци со даночните реформи. Притоа, тој очекува дека многу од нивните предлози ќе бидат блокирани со претседателско вето.

Врховниот суд на САДФотографија: Getty Images

Надежите се дека можеби двете страни ќе најдат некој заеднички јазик во однос на слободната трговија- нешто што и Белата Куќа и Конгресот го поддржуваат. Администрацијата на Обама преговара големи трговски договори со Европа и со азискиот пацифички регион.

Но, севкупно, може да се очекува континуирана блокада од двете страни, особено имајќи ја предвид подготовката за претседателските избори во 2016 година. Во однос на поделеноста која владее во политичкиот дискурс, Ден Холер од програмата на Херитиџ „Акција за Америка“ вели дека топката е во дворот на гласачите. „Оваа поделеност ќе продолжи сѐ додека гласачите не одлучат што сакаат. Во моментов, тие не знаат што сакаат од Вашингтон“.

Ман, кој со децении ги следи случувањата во домашната политика, е песимист. „Тешко е да се замисли дека може да биде и полошо, но веројатно ќе биде. Тоа е како приказна за доброто против лошото, црно и бело, а зад тоа постојат сериозни поделби во однос на расата, религијата, улогата на владата. Ние сме нација која е поделена од страна на партиите“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми