1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД поттикнуваат раздор во Европа

Инес Пол
5 јуни 2018

Новиот американски амбасадор во Германија најави директно мешање на САД во европската политика и предизвика скандал. Сепак, огорченоста е погрешен одговор на тоа, смета главниот уредник на ДВ, Инес Пол.

USA New York - Richard Grenell am Trump Tower
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Drew

Германија е огорчена. Само неколку часа по објавувањето на интервјуто на амбасадорот на САД во Германија, Ричард Гренел, се јавија првите гласови со барање тој да биде протеран од земјата. Причина: во интервју во САД за десничарскиот портал Брајтбарт, човекот на Трамп изјави дека сака да ги зајакне конзервативните сили во Европа, оние кои се против естаблишментот. Деловите во кои зборува за молчаливото мнозинство, за благосостојбата на обичните работни луѓе, кога ја критикува бегалската политика и воопшто кога зборува за ароганцијата на политичката елита, би можел да ги повтори на некоја манифестација на десноконзервативната партија Алтернатива за Германија и  - сигурно би добил аплауз.

Не е првпат Гренел на таков експлицитен начин да се меша во работите на Германија. Само што стапи на функцијата, од германските компании побара да прекинат да работат во Иран.

Повеќе: 

Фронтален напад врз германската економија

Во што се разијдуваат Германија и САД?

Нечуено досега

Нечуено е некој амбасадор толку експлицитно да интервенира во политиката на земјата во која е испратен. Досега задача на амбасадорот беше да шири знаење за својата земја, да гради мостови, да смирува конфликти. Но, оние кои сега се вознемирени и кои се прашуваат како Гренел ја дефинира својата задача, уште не сфатиле дека со Трамп како претседател во Белата куќа се промени сѐ - вклучувајќи ја и дипломатијата.

Инес ПолФотографија: DW/P. Böll

Трамп е бизнисмен кој доаѓа од шоу-бизнисот, каде ги оствари своите најголеми успеси. Неговото сфаќање за политиката не е „уметност на можното“, како што своевремено ја дефинираше првиот канцелар на Германскиот рајх, Ото фон Бизмарк. Како и сите популисти, на Трамп и на неговите луѓе им е важен максимален ефект. Значи, кога Гренел зборува за верижната  миграција во Германија и истовремено го фали австрискиот јастреб Себастијан Курц, тој точно знае што прави. Тој сака да ги охрабри оние сили во Европа кои, како и Трамп, предизвикуваат и го оспоруваат постојниот поредок. Во ова интервју тој им се обраќа на десничарските шефови на државите, на пример во Унгарија и во Полска, значи на оние кои ја доведуваат во прашање Европа во нејзината сегашна форма.

Слабење на кохезијата на Европа

Гренел, исто како и неговиот шеф во Вашингтон, не само што умешно ги користи стравовите на луѓето, туку истовремено ги експлоатира и слабостите на системот за да повика на создавање нов поредок на Стариот континент, поредок кој ја слаби кохезијата на Европската унија, што на прво место треба да ѝ помогне на Америка.

Не вреди возбудување околу тоа, тука не помогаат ни барања за оставка. Не можеме така да се спротивставиме на стратегијата на слабеење на ЕУ. Трамп секогаш ќе победи во натпреварот на гласност, тој секогаш ќе биде најгласен. Германија и нејзините европски партнери немаат избор, освен да прифатат дека веќе не можат да се потпрат на Доналд Трамп. Тој не само што ѝ се заканува на Европа со трговска војна, туку уште сега го користи и еден од своите врвни дипломати во Европа за забрзување на поделба на Унијата.

На оваа нова форма на трансатлантски односи постои само еден одговор: јасен договор за иднината на Европа, во која нема место за големи, но и за мали земји. Колку и да е тоа горчливо, вистината гласи: бившиот сојузник САД сега стана опасност која поттикнува поделба на Европа. По ова интервју, во тоа веќе нема сомнеж.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми