1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Предизборна кампања со Калашников

Оливер Залет
12 септември 2020

Се појавуваат со автоматско оружје и пукаат со куршуми или патрони со боја на демонстранти од движењето Black Lives Matter. Десничарските граѓански гарди во САД имаат голем прилив на членови. Што е нивен мотив?

USA Washington | US-Bürgerwehr "American Wolf" | Peter Díaz
Фотографија: DW/O. Sallet

Питер Дијаз стои на тајно стрелиште во шума во сојузната држава Вашингтон. Околу него се насобрала помала група луѓе. Жежок ден во август, во ушите одекнува пукањето од пушки, воздухот мириса на прашина, на тестостерон.

Дијаз, видно трениран, со избричена глава и непроѕирни очила, е предводник на граѓанската трупа „Американски волци”. Се смее кога зборува, визиткарти дели секогаш со зборовите „за добрите момци”.

Добрите за него се американски патриоти кои му се восхитуваат на претседателот Трамп, на неговата политика, неговата одлучност и секако - правото на поседување оружје втемелено во Уставот.

„Ударни вести, не ми е гајле“, стои на преголемата маица на еден од нив. Некои носат пиштоли на појасот, или околу вратот. 

Повеќе: Коронавирус: Зошто Американците се снабдуваат со оружје?

Страв од состојби слични на граѓанска војна

Таквите „добри” Питер Дијаз сака да ги придобие за својата агенда, за својата мала армија од цивили.

Според студија на Саутерн Пауерти центарот за право во САД, во 2019-та имало 181 такви групи - и нивниот број расте. Заедничка им е близината до Трамп, отфрлањето на традиционалните медиуми и приврзаноста кон оружјето.

Токму таму се крие и најголемата опасност, предупредуваат социолози и историчари веќе подолго време, бидејќи неколку недели пред изборите и среде немири и протести тие ја вжештуваат атмосферата во земјата, се појавуваат на протестите Black Lives Matter („Животот на црнците е важен“) и пукаат врз демонстранти.

Питер Дијаз, лидер на граѓанската гарда „Американски волци“Фотографија: DW/O. Sallet

Некои предупредуваат на опасност од состојби слични на граѓанска војна ако ситуацијата се заостри. Претстојните избори и најавата на Доналд Трамп дека нема по секоја цена да признае пораз, дополнително ја подгреваат атмосферата.

38-годишниот бизнисмен Питер Дијаз не помислувал на војна кога пред три месеци ја основал граѓанската милиција, со 180 илјади долари лични средства. Не сака ни да го нарекуваат милиција или граѓанска гарда, зашто тоа делувало застрашувачки, вели тој. Наместо тоа зборува за „политичко движење”, директно од „средниот слој на општеството”.

Со Калашников во борба за американските вредности

Кога Питер Дијаз зборува за своите цели, станува помалку конкретен. Сакал "да ја спаси Америка” бидејќи темни сили сакале да ја урнат власта и да инсталираат социјализам во Америка, вели тој и се користи со репертоар од актуелните теории на заговор.

Потоа посегнува по АК-47, познатиот Калашников од советско производство, и испукува неколку од 30-те куршуми во шаржерот. Питер Дијаз е слаб на „старите добри времиња”. Тоа што токму Калашниковот е оружје од поранешниот непријател, чија социјалистичка политика тој ја доживува како најголема закана за Америка, е споредна работа.

„Толку добро оружје денес веќе не се произведува", вели Дијаз, додавајќи дека Калашниковот можел да го фрли и во кал и тој повторно ќе функционирал.

Околу десет други членови на групата се дојдени на тренинг за пукање, но колку постојани членови брои групата останува во тајност. Секој, вели Дијаз, може да биде „Американски волк” ако ги дели неговите конзервативни вредности и вербата во „слободна Америка”, во која секој си е креатор на сопствената среќа и државата се држи настрана од личните работи.

Дел од оружјето на „Американски волци“Фотографија: DW/O. Sallet

Жртви во Кеноша

Меѓу присутните има и поранешни војници, еден студент и еден Афроамериканец. Диаз, кој и самиот е син на илегален доселеник од Мексико, не сака да биде етикетиран како белец расист.

Колкава е заканата стана јасно на крајот на август во Кеноша, во американската сојузна држава Висконсин. Откако полицијата седум пати пукаше во Афроамериканецот Џејкоб Блејк, и Кеноша стана жариште на протестите „Животот на црните е важен“. Дел од демонстрантите запалија и неколку згради.

Повеќе: Кеноша гори, вонредна состојба во Висконсин

Граѓанските вооружени групи како „Кеноша гард“ самостојно патролираа низ градот со непробојни елеци, маскирна облека и пушки. На видеата снимени со мобилни телефони може да се види како полицајци им се заблагодаруваат, или им даваат вода. Во суштина, неофицијално, помошта од вооружените граѓански патроли многу се цени во полициските кругови.

Меѓу нив се вмеша и 17-годишниот ученик и фан на Трамп, Кајл Ритенхаус, кој допатува од соседната држава Мичиген, за со својата пушка да ги заштити продавниците од кражби. На крајот застрела двајца демонстранти, а сликите предизвикаа ужас низ целиот свет.

За едни „херој“ за други „терорист“

Оттогаш случајот Ритенхаус, во меѓувреме уапсен и обвинет за двојно убиство, ја поларизира нацијата. Од една страна се слави како „херој“ или „американски патриот“ под мотото: Кога државата не може да воведе ред, тоа мора да го стори едно 17-годишно момче. Граѓанската трупа „Американски волци“ во деновите потоа собра десетици илјади долари донации, наводно за одбрана на Ритенхаус. И американскиот претседател Трамп на една прес-конференција во Белата куќа го бранеше човекот обвинет за убиство со образложение дека ако не се одбранел, демонстрантите ќе го убиеле него.

17-годишниот ученик Кајл Ритенхаус застрела двајца демонстранти, а сликите предизвикаа ужас низ целиот светФотографија: DW

Од друга страна, кај демонстрантите на Black Lives Matter, Ритенхаус е прототип на домашен терорист, кој користи насилство за да продолжи да се дели и брутализира американското општество, а вооружените борбени сцени на американските улици сѐ повеќе да стануваат „нормалност“. Петер Дијаз, пак, напротив смета дека како патриот му е должност да интервенира онаку каде што полицијата не делува. Тој смета дека ова му е една од основните задачи, а уставот му дозволува да носи оружје.

Со лимузина низ Америка

Групата низ цела Америка се вози со црна долга лимузина од марката Мерцедес, на која има големо лого „Американски волк“, со цел во самопрогласените „мировни“ мисии да осигура ред и мир. Кога Black Lives Matter-демонстрантите протестираа низ улиците во родниот град на Дијаз, Олимпија, тој и неговите луѓе „пукаа“ со пејнтбол пушки во толпата.

Кон крајот на август Дијаз сакал лично да ги посведочи протестите во Портланд, за кои исто така смета дека се „насилни“. Протестите траат повеќе од три месеци, во основа се мирни, но имаше и жртви во судирите меѓу десничарските и левичарските демонстранти.

Групата, во која сите се облечени со црни маички на кои пишува „борци за слобода“ и се без заштитни маски, беше веднаш нападната кога излегоа од лимузината. Многу демонстранти во нивниот настап и неносењето маски пепознаа провокација, а дел од нив ги навредуваа дека се „нацисти“.

38-годишниот бизнисмен Питер Дијаз ја основал граѓанската милиција со 180 илјади долари лични средстваФотографија: DW/O. Sallet

Со приватни водени топови против демонстрантите

На крајот на денот трупата мораше да се повлече фрлајќи шишиња и врескајќи, а лимузината беше оштетена, со искршени стакла и свиткан лим. За Петер Дијаз тоа е доказ дека демонстрантите на „Животот на црните е важен“ се „криминалци“ кои се обидуваат „да ја дестабилизираат нашата влада и нашиот начин на живот.“

Демонстрации како во Портланд, вели Дијаз, може насилно да се прекинат само доколку би имал „доволно персонал и материјал“. Тој веќе подготви план за следната посета на градот: на Твитер гордо го престави своето ново дело: репариран камион со вграден воден топ. Американската улична борба може да влезе во следната фаза, гласи неговата порака.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми