САД предупредуваат од Исламска држава
22 август 2014Милициите Исламска држава за американскиот министер за одбрана Чак Хејгл (на насловната фотографија) се „многу повеќе од терористичка група“. Нивната воена сила е „вон сѐ што ни е познато“, рече тој на прес-конференција во Вашингтон.
Хејгл смета дека групата Исламска држава претставува екстремна закана за САД. Особено го загрижувале финансиските можности на терористичката група. Таа е „високо развиена и добро финансирана, како ниедна друга“, вели Хејгл.
Американски воздушни напади врз позиции на Исламската држава во Сирија?
Во моментов американската војска напаѓа само позиции на Исламската држава во Ирак. Таму, според сопствени наводи, за две недели биле изведени 89 воздушни напади против цели на групата.
Шефот на генералштабот Мартин Демпси размислува за проширување на американските напади во соседна Сирија. Борбата би морало да се води на двете страни на „речиси непостоечката граница“ меѓу Ирак и Сирија, рече Демспи. Исто така и Хејгл не исклучи таква можност. „Размислуваме за сите опции“.
Демспи сепак не ја ограничи борбата против Исламската држава само на американски воздушни напади. Тој смета дека Вашингтон и регионалните партнери треба освен воени, да преземат и дипломатски и политички мерки против Исламската држава.
Реакциите од САД следуваат по убиството на американскиот новинар Џејмс Фоли. Исламската држава во вторникот објави видео снимка на која Фоли бил обезглавен. Убиството се образложува со нападите на САД врз позиции на Исламската држава.