Претседателот на САД сѐ уште лично не е погоден, но кругот од обвинувања по судските признанија на двајцата негови поранешни соработници сѐ повеќе се стеснува.
Реклама
Претседателот Трамп во двата случаја реагираше сосем различно. На Твитер напиша дека му е жал за неговиот поранешен шеф на изборниот штаб Пол Манафорт. Судството зема даночен случај стар дванаесет години и изврши огромен притисок. Трамп напиша дека го почитува Манафорт како храбар човек, бидејќи го издржал притисокот. За неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен има друг став. Трамп со погрдни зборови рече дека тој измислил приказни за да направи договор со специјалното обвинителство. Ако некому му треба добар адвокат, во никој случај да не му се обраќа на Коен.
Дадените признанија можат да бидат уште поопасни за претседателот - таква закана пристигна и од адвокатот на Коен, Лени Дејвис.
„Според она што го гледам, господин Коен знае работи, кои може да бидат од интерес за специјалната истрага. Се работи за тоа дали Доналд Трамп претходно знаел дека мејловите се хакирани поради што беа обвинети 12 Руси. Мора да се види што господинот Коен смее да каже, кога ќе и ако разговара со специјалните истражители.", истакна Дејвис.
Коен се изјасни за виновен во осум случаи. Меѓу другото се работи за обвинение за недозволено финасирање на кампањи. Имено тој потплатил две жени за да не отворат во јавноста наводни афери поврзани со Трамп. Коен изјавил дека за исплатите зборувал со "еден претседателски кандидат". На сите им е јасно дека станува збор за Трамп, и покрај тоа што тој ги отфрла ваквите обвинувања.
Процесот против Пол Манафорт беше првиот кој се темели на истрагата на специјалниот обвинител Мулер. Манафорт повеќе месеци беше шеф на изборниот штаб на Трамп. Тој мора да преземе одговорност за нешто што се случило пред да биде на таа функција. Меѓу другото се работи за даночно затајување и банкарски проневери.
Во твитовите на Трамп се препознава сочуство за Манафорт. Сенаторот Ричард Блументал од редовите на Демократската партија поради ова сака да се исклучи можноста за помилување. Тој за телевизијата Си Ен Ен изјави: „„Ние сме во еден Вотергејт - момент. Двете страни мора да се договорат, мора да се заштити специјалното обвинителство и да се отстранат сите размислувања за можно помилување. Претседателот може да го помилува Пол Манафорт, но со тоа ќе му каже на светот дека е виновен. Со тоа ќе го поткопа кредибилитетот на претседателската позиција што ќе биде катастрофално."
Обвиненијата за Манафорт и признанијата на Коен го ставаат претседателот под голем притисок. Трамп и неговите поддржувачи се обидуваат тој да не се поврзува со овие процеси. На пример, тие нагласуваат дека обвиненијата против Манафорт се однесуваат на период пред тој да работи за Трамп. Освен тоа според нив, специјалниот обвинител Мулер треба да го истражува руското мешање во претседателската кампања, а досега немало никакви докази за тоа дека тимот на Трамп соработувал со Русија. На телевизијата Фокс Њуз, аналитичарот Грег Џерет изјави: „Овој случај од почеток беше истрага во потрага по кривично дело, што е недозволиво. Прво мора да имате јасно кривично дело, а тоа специјалниот обвинител го нема. Тоа не го сопре Мулер да основа партизиран тим и да го истражува Доналд Трамп."
Други пак сметаат дека специјалното обвинителство потврдило - Манафорт може да заработи осум казни. А ова е првата тужба базирана на истрагата.
'You're fired' - Жртвите на администрацијата на Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп ги отпушта високите функционери во Белата Куќа побрзо отколку што можете да кажете "covfefe“. Еве ја листата на неговите досега отпуштени соработници
Со твит на 22 март, Трамп најави дека го заменува Мекмастер со Џон Болтон како негов советник за национална безбедност. Почитуван генерал, Мекмастер најави дека се повлекува од армијата и од јавната служба. Трамп и Мекмастер имале различни погледи за бројни прашања.
Фотографија: Imago/photothek/F. Gaertner
Рекс Тилерсон
Поранешен директор на Ексон, Тилерсон беше државен секретар едвај повеќе од една година. Трамп го отпушти Тилерсон со цел да формира „нов тим“ во пресрет на разговорите со Северна Кореја, признавајќи дека со Тилерсон „имале недоразбирања за нешта“. Нивните односи отидоа по надолна линија откако Тилерсон го нарече Трамп „морон“ во 2017.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Ernst
Гери Кон
Ветеранот од Голдман Сакс, му беше главен економски советник на Трамп. Тој ги избутка даночните реформи во 2017. Но, Кон си поднесе оставка во март 2018 откако не успеа да го убеди Трамп да не воведува заштитни царини за увоз на челик и алуминиум.
Фотографија: Getty Images/D. Angerer
Хоуп Хикс
Таа поднесе оставка од функцијата директор за комуникации на Белата Куќа на крајот на февруари. Ден пред оставката, Хоуп сведочеше во Конгресот за мешањето на Русија во изборите. Призна дека кажувала „шарени лаги“ во корист на Трамп, но не во врска со Русија. Белата Куќа инсистира дека оставката не била поврзана со сведочењето.
Фотографија: Reuters/L. Millis
Роб Портер
Секретарот на персоналот на Белата Кужа поднесе оставка откако поранешните сопруги го обвинија за домашно насилство. Тој ги демантираше обвинувањата. Трамп го бранеше Порер, а американските медиуми се прашуваа како воопшто ги минал тестовите за вработување. Се шпекулира дека е во романтична врска со Хоуп Хикс.
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Kamm
Стивен Бењон
Тој имаше клучна улога во победата на Трамп на изборите, но мораше да замине по само една година. Бењон се залагаше за економски национализам и ја промовираше стратегијата „Америка на прво место“.
Фотографија: picture alliance/AP Photo/A. Brandon
Ентони Скарамучи
Поранешниот хеџ-фонд инвеститор беше директор за комуникации само 10 дена. Трамп беше незадоволен од неговиот медиумски напад врз колегите од тимот на претседателот.
Поранешниот шеф на кабинет во Белата Куќа беше принуден на оставка само шест месеци откако дојде на функцијата, по јавниот судир со Ентони Скарамучи. Прибус беше еден од функционерите кои се противеле на именувањето на Скарамучи.
Фотографија: Reuters/M. Segar
Шон Спајсер
Спајсер имаше затегнати односи со претседателот, но и со медиумите, а поднесе оставка откако директно му кажал на Трамп дека остро се спротивставува на именувањето на Скарамучи за директор за комуникации на Белата Куќа.
Фотографија: Reuters/K.Lamarque
Мајкл Дубке
Поранешниот директор за комуникации на Белата Куќа беше принуден на оставка во мај 2017 година, откако беше критикуван поради слабата контрола на скандалот со руското мешање во изборите во САД.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Walsh
Џејмс Коми
Претседателот Трамп го отпушти директорот на ФБИ, Коми- наводно поради лошото водење на истрагата за електронската пошта на Хилари Клинтон. Но, критичарите веруваат дека отказот се должел на истрагата на ФБИ за врските на Трамп со Русија.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. S. Applewhite
Мајкл Флин
Именуван како прв советник на Трамп за национална безбедност, Флин поднесе оставка во февруари 2017, откако беше откриено дека разговарал за американските санкции кон Русија со рускиот амбасадор во Вашингтон, уште пред доаѓањето на Трамп на функцијата, и го излажал потпретседателот Мајк Пенс за содржината на тој разговор.