1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Русија замешала прсти во претседателските избори

ЖА / агенции
4 јули 2018

Според анализа изработена од Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат, Русија се вмешала во претседателските избори во 2016. година во САД, со цел да му помогне на Доналд Трамп.

Vietnam, Darang: Putin unterhält sich mit Donald Trump
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Klimentyev

Во извештајот на Комитетот за разузнавање, кој го презентираше републиканскиот сенатор Ричард Бар заедно со својот колега од Демократската партија, Марк Варнер, се потврдуваат проценките на тајните служби за руска вмешаност во претседателските избори во САД во 2016. година. Објавувањето на извештајот се случува на неколку дена пред планираниот  самит на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки  и претставува впечатлив, натпартиски стејтмент. Трамп досега во повеќе наврати изрази скепса во поглед на проценките на тајните служби за извршено руско влијание.

повеќе: 

Трамп, Путин и моќта на спонтаноста

Трамп во контранапад против ФБИ

Републиканскиот сенатор Бар истакна дека Комитетот во изминатите 16 месеци ги истражувал изворите и анализите на кои се темелат проценките на разузнавачките агенции. Во ниеден момент не се наишло на противречни заклучоци. Демократскиот сенатор Варнер пак руските обиди за влијание ги оцени како сеопфатни и претенциозни, насочени кон целта - поткопување на довербата на јавноста во демократскиот процес, помагање на Трамп и наштетување на неговата демократска конкурентка, Хилари Клинтон. Работата на Комитетот за разузнавње на Сенатот е екстремно спротивна од онаа на неговиот пандан во Претставничкиот дом. И другиот комитет го истражува евентуалното руско влијание врз американските претседателски избори, но таму републиканците и демократите често се со вкрстени копја. Конзервативците често го користеа Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом за да ја поткопаат веродостојноста на истрагата за руската врска која ја води специјалниот обвинител Роберт Милер, поради што често се на удар на критиката како продолжена рака на Доналд Трамп. Милер врши проверка дали при руските манипулативни обиди постоела и координираност со изборниот тим на Трамп.

Претседателот Доналд Трамп планира на својата претстојна средба со Путин да разговара и за темата руско вмешување во изборите во САД. „Ќе разговараме за Украина, за Сирија, за изборите“, изјави Трамп во петокот. Кремљ одрекува какво било мешање на Русија во изборната трка во САД.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми