Седеа речиси едни зад други, а сепак ги делеа светови: американскиот потпретседател и севернокорејската делегација на отворањето на Олимпијадата во Пјонгчанг. Сега е објавено, дека за малку ќе дошло и до средба меѓу нив.
Реклама
Потпретседателот на САД Мајк Пенс беше подготвен да се сретне со официјалните претставници на Северна Кореја за време на отворањето на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја, но севернокорејската страна ја откажа средбата во последен момент, соопшти Стејт департментот.
Потенцијалниот состанок меѓу Пенс и Севернокорејците беше една од главните теми за време на посетата на Пенс на Пјонгчанг, каде ја предводеше американската делегација на отворањето на Игрите.
Пред посетата на Пенс американски официјални претставници велеа оти не барале состанок со Северна Кореја, но ја оставија отворена можноста да се одржи.
До објавувањето на ова соопштение, повеќе од една недела по враќањето на Пенс во САД, немаше назнаки дека бил планиран состанок, а потоа откажан во последен момент.
Стејт департментот соопшти оти Пенс бил „подготвен да ја искористи оваа шанса“, и дека во таа пригода би инсистирал Пјонгјанг да се откаже од своето нуклеарно оружје и од програмите за балистичко вооружување.
„Во последен момент официјалните лица од Демократска Народна Република Кореја одлучија да не го одржат состанокот, жал ни е што е искористена оваа можност“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт, користејќи го официјалното име на Северна Кореја.
Тоа би бил прв официјален контакт меѓу Северна Кореја и администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Оваа изјава изгледа противречи на севернокорејската изјава дека не биле заинтересирани да се сретнат со Пенс додека бил во Пјонгчанг. Севернокорејската официјална новинска агенција на 8 февруари, кога Пенс стигна во Јужна Кореја, јави дека немаат намера да користат, како што наведе, спортски фестивал како што се Зимските олимписки игри, за политички цели.
Присуството на Северна Кореја на Зимската олимпијада се гледа како голем знак за затоплување на многу затегнатите односи на Корејскиот полуостров.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.