1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД со обновени воени закани против Северна Кореја

ЖА
18 август 2017

По помирливите тонови од Вашингтон и Пјонгјанг, владата на САД повторно ѝ се заканува на Северна Кореја со „драстични воени последици“

USA | Japans Verteidigungsminister Itsunori Onodera und Außenminister Taro Kono treffen auf US Außenminister Rex Tillerson und Verteidigungsminister James Mattis
Фотографија: REUTERS/J. Ernst

„Провакциите во форма на ракетната програма на Северна Кореја се неприфатливи и мора итно да запрат“, изјави американскиот министер за надворешни работи Рекс Тилерсон по средбата со својот јапонски колега по функција, Таро Кано. На средбата во Вашингтон учествуваа и американскиот министер за одбрана Џејмс Матис и неговиот јапонски ресорен колега, Ицунори Онодера.

Според Тилерсон, САД го сметаат за оправдан економскиот притисок врз раководството во Пјонгјанг, со цел да го принудат да се откаже од илегалната ракетна програма. „Сите ние стремиме кон целосна и иреверзибилна денуклеаризација на регионот“, истакна Тилерсон.

Притоа, американската влада и натаму ја остава отворена и опцијата за воена интервенција, како што потенцира министерот за одбрана, Џејмс Матис.

„Бидете уверени, ние сме во тесна координација со нашите сојузници, и ќе следат силни воени последици доколку Северна Кореја преземе воени активности“.

Матис е за задржување на воената опцијаФотографија: Picture-alliance/dpa/J. Martin/AP

Тилерсон пак се заложи за поврзување и комбинирање на секој дипломатски обид со закана со воена интервенција, во случај Северна Кореја да донесе погрешна одлука. „Мислам дека тоа е пораката која претседателот треба да ја испрати кон Северна Кореја“, рече Тилерсон.

Пред одржувањето на министерските безбедносни консултации, шефот на американскиот Генералштаб, генералот Џозеф Данфорд ја потенцира потребата од тоа САД во конфликтот со Северна Кореја секогаш во заднина да ја имаат воената опција. На маргините од својата посета кај кинескиот претседател Ши Џинпинг во Пекинг, генералот изјави дека тој е подготвен на американскиот претседател да му ги презентира опциите, ако Доналд Трамп донесе одлука за вклучување на армијата. 

Највлијателниот советник на Доналд Трамп, Стив Бенон, воената опција, која неминовно би била поврзана со огромен број жртви во Јужна Кореја, ја смета за утопистичка. Ваквото гледање, презентирано пред новинарите, е во целосна контрадикторност со нанадвор презентираната стратегија на владата на Трамп.

За Бенон, главен проблем не е Северна Кореја, туку трговскиот спор со Кина и прашањето која од двете светски економски супер-сили долгорочно може да заземе хегемонска позиција.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми