1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел ги потцени предизвиците на миграцијата

5 септември 2018

Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, вели дека германската влада со години го потценува ризикот од социјален конфликт поради миграцијата. ДВ зборуваше со него по повод 100 дена на функцијата.

Matteo Salvini, Innenminister Italien
Фотографија: DW/A. DeLoore

Италијанскиот политичар Матео Салвини, шеф на екстремно-десничарската партија Лига заедно со анти-естаблишмент движењето Пет ѕвезди  формираше популистичка владина коалиција во јуни. Покрај функцијата министер за внатрешни работи, Салвини е и заменик на Џузепе Конте, новодојденец во политиката избран од двете партии за шеф на владата.

ДВ: По 100 дена како дел од новата влада, дали сметате дека постигнавте резултати за најважните прашања во Италија, како што се сиромаштијата и невработеноста?

Матео Салвини: Многу сум задоволен од 100-те дена. Во сегментите под моја надлежност, како што се безбедноста, имиграцијата и јавната безбедност, постигнавме извонредни резултати. Во однос на вработувањето, даноците и пензиите, на есен новата влада ќе го претставиме нашиот план, со нова насока, со промена, со економски раст, па затоа не сум загрижен за податоците за овој период. Ние веќе работиме на растот, кој треба конечно да се враќа.

Се чини дека новиот премиер на Италија, Џузепе Конте, не е многу присутен. Вие сте повеќе присутни од него. Дали се чувствувате како да сте вистински шеф на владата?

Не,  ние сме два различни карактера. Тој е човек за рамнотежа и слушање. Тој го посети Доналд Трамп. Тој ќе оди во Кина. Тој присуствува на европски самити. Јас сум вицепремиер, заедно со Луиџи ди Мајо [од партијата 5 ѕвезди]. Ние сме партиски лидери. Значи, јасно е дека поради нашите карактери и нашите улоги, постои тенденција да бидеме поприсутни, но ние сме добар тим.

Да се осврнеме кон Европска унија и темата миграција. Вие изгледате дека сте во судир со ЕУ во некои делови. Дали сметате дека има напредок во потрагата по компромис со ЕУ оди или сте на курс на конфронтација?

Иако често сум опишуван како хулиган, секогаш се трудам да разберам, да разговарам, да поставувам прашања. На пример, за ревизијата на Договорот од Даблин и операцијата Софија, ние даваме предлози, чекаме, предлагаме. Јасно е дека имам намера да ги запрам сите доаѓања. Минатата година во периодот до август пристигнаа 100.000 мигранти и Европската унија направи малку или ништо за тоа. Оваа година имавме помалку од 20.000 пристигнувања на мигранти, а Европската унија сè уште прави малку или ништо. Значи јас уште сум подготвен да раазговарам со ЕУ, но од неодамна разговаравме и со некои земји кои не се членки на Унијата, како што се Албанија, Србија и Црна Гора.

Повеќе на темата:

-Дебата за миграцијата во ЕУ: Напред во последна битка!

-Лицемерието на италијанската влада

-Европа зад ѕидини - ќе успееме!

Фотографија: Reuters/M. Pinca

Во врска со прашањето на миграцијата, неодамна се согласивте да формирате сојуз со унгарскиот премиер Виктор Орбан. А сепак се изјаснувате дека сакате да видите прераспределба на мигрантите во ЕУ. Орбан не го сака тоа - но германската канцеларка Ангела Меркел се залага за тоа. Дали  за ова прашање не сте поблиски до Меркел отколку до Орбан?

Се обидувам да добијам нешто добро од сите. Виктор Орбан зборува за одбрана на европските граници, за заштита во земјите на потекло и за инвестиции во Африка, и јас се согласувам со него. Ангела Меркел предлага прераспределба во Европа, и можам да се согласам дури и со оваа позиција во блиска иднина. Она што треба да направиме е да им помогнеме на овие луѓе да не ги напуштат своите земји. Треба брзо да инвестираме 500 милиони евра во Африка. Верувам дека и Германија и Унгарија се во право во однос на одредени прашања.

Видовте што се случува токму сега во Кемниц со десничарите и партијата Алтернатива за Германија. Каква е вашата позиција за настаните таму?

Сигурно е дека во последниве години Ангела Меркел го потцени ризикот од социјален конфликт тврдејќи дека има место за стотици илјади луѓе во Германија. Можам да се сетам што се случи во таа новогодишна ноќ во Келн и на други места. Сепак, насилството никогаш не може да биде решение. Насилството генерира ново насилство, но германската влада со години го потценува проблемот. Подемот на Алтернатива за Германија е јасна реакција на тоа. Тоа е одговорот кој се обидуваат да го дадат многу незадоволни Германци.

Вашата влада е на власт веќе 100 дена. Дали мислите дека ќе се одржи уште една година?

Да, мислам дека оваа влада ќе има долг живот ако ги почитува своите обврски кон италијанскиот народ.

Дали е потешко отколку што мислевте дека ќе биде?

(Се смее) Среќен сум што можам конечно да учествувам во она што се случува.

Дали е потешко отколку што мислевте дека ќе биде, да или не?

Па, не е лесно. Италија е голема земја. Имаме важни предизвици со кои треба да се соочиме, и едноставно се уморив да бидам во опозиција.

.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми