1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Салвини сака на власт по секоја цена

Барбара Везел
21 август 2019

За шефот на Лега, владината коалиција беше само средство до целта. Сега ја турна партијата Пет ѕвезди од „бродот“ и планира преземање на власта. Пробивот на десните радикали е речиси незапирлив, смета Барбара Везел.

Italien Innenminister Matteo Salvini am Strand in Taormina
Фотографија: Reuters/A. Parrinello

Веруваше ли некој воопшто дека оваа чудна коалиција во Рим може да го надмине просечниот животен век на италијанските влади? Неверојатниот сојуз од деснорадикалната Лега и левичарското популистичко движење Пет ѕвезди уште однапред беше осуден на неуспех. Италија сега се движи кон својата 66. влада од крајот на Втората светска војна.

По секоја цена на власт?

Матео Салвини е најбесрамниот и најбезскрупулозен политичар кој се појави во последните децении во Италија. Го надминува дури и Силвио Берлускони, за кого пристојноста и воздржаноста исто така беа туѓи поими. Во најново време на пример, Салвини во рацете радо држи бројаници, додека проповеда омраза кон странците. Притоа, во клинч е со Ватикан, зашто го смета папата за левичар. Лидерот на Лега сепак верува дека може да го украси својот национализам со мала доза псевдорелигија.

Тој цело лето се шеташе разголен по италијанските плажи, позирајќи со своето торзо пред камерите на мобилните телефони. Во прашање е пролетерски стомак, им објаснуваше на своите критичари, небаре овој професионален политичар и мајстор на социјалните мрежи воопшто некогаш имал нешто со работничката класа. Со неа ја споделува единствено љубовта кон виното и обилни порции тестенини. А се чини дека токму го знае вкусот на своите сонародници: мажите во него гледаат добро расположен мачо, а жените – голем заводник. Мала примеса на вулгарност во Италија никогаш не била на одмет.

Глумата е точно калкулирана, а анкетите на јавното мислење му даваат за право на министерот за внатрешни работи: ако сега дојде до нови избори, со помош на десноекстремните „Италијански браќа“, нему ќе му успее да ја преземе власта во Рим. Во тој случај, пријателот на Путин ќе ја сврти Италија толку далеку во десно, што Брисел наскоро, покрај за Унгарија и Полска, ќе мора да води грижи и за владеењето на правната држава во земјата-сооснивач на ЕУ.

Пет ѕвезди се идиоти

Наградата за најголем политички будала овде ја заслужи движењето Пет ѕвезди. За помалку од една година загуби половина од своите гласачи во корист на Салвини. Дека ќе испадне така, беше јасно од почеток. Наместо на проповедачот на омраза во Министерството за внатрешни работи брзо да му покажат црвен картон, тие поддржуваа политика која веројатно ги исплаши нивните левоориентирани гласачи. Движењето, за да остане во владата, си го продаде она малку душа и политички интегритет што го поседуваше.

Барбара Везел

Пет ѕвезди во оваа коалиција послужи како отскочна штица за маршот на Салвини кон власт. На цинизмот и превеаноста на шефот на Лега немаа како да му се спротистават, никакви идеи, никаква борбена сила, ниту персонал. Дури и за нискиот важечки стандард во италијанската политика, тоа беше бедна претстава. Пет ѕвезди ја заслужи својата пропаст, ако ужасна последица на нивната слабост не би била овозможување на власт да дојде човек кој отворено флертува со фашизмот.

Постои ли шанса Салвини сепак да биде спречен?

Пет ѕвезди и  Социјалдемократите заеднички би можеле да го спасат својот углед и својата земја ако наместо за нови избори, се договорат за алтернативна коалиција. За тоа уште имаат потребно мнозинство. Но, Пет ѕвезди очигледно ги мрази Социјалдемократите повеќе отколку десничарските радикали, што идеолошки е тешко објасниво, а политички е чиста лудост.

Теоретски тоа сѐуште е можно, но практично – малку веројатно. Премиерот Конте, кој поднесе оставка, во својот проштален говор го нарече Матео Салвини политички опортунист и го обвини за недоволно поседување политичка култура. А тој и неговите пријатели тоа однапред го знаеја! На оној кој седи со ѓаволот на иста маса, му треба подолга лажица отколку онаа на Конте и неговите соработници.

Катастрофа за Италија и за Европа

Салвини манипулира со емоциите на Италијанците и ги убедува дека реформската неспособност и огромната планина долгови на земјата не се нивна одговорност. А тие се пак спремни да веруваат во вакви теории на заговор и мрачни сили од странство. За сѐ што оди наопаку, министерот за внатрешни работи ги обвинува мигрантите. Салвини ќе ја води земјата надвор од заедницата на европските демократии, меѓународно ќе ја изолира и истовремено ќе ги подбуцнува своите гласачи со псевдо борби против Брисели буџетската дисциплина. Ова е исклучително опасна игра, зашто италијанските долгови не само што можат да го разнишаат еврото, туку државен банкрот може да предизвика и негов пад.

Прашање е дали растечките трошоци за финансирање Салвини уште можат да го принудат на политичка и фискална разумност, или пак тој веќе го има вкалкулирано напуштањето на еврото. Во секој случај, со падот на владата во Италија се зголемија главоболките на ЕУ, се создава уште едно кризно жариште. „Порка мизерија“, што би се рекло на италијански.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми