Самарас: Само Грција прави чекори за решавање на спорот со името
2 октомври 2013Грција е единствената земја која направила некакви чекори кон решение, а спротивната страна не е подготвена за компромис, порачал грчкиот премиер Андонис Самарас во Вашингтон, пренесува МИА.
„Верувам дека Грција е единствената земја која направила некои чекори кон решение. Тоа не е случај со Скопје. Бараме решение кое би било име кое ќе биде ерга омнес - едно решение, едно име за секоја употреба. Не гледам дека господинот Груевски е отворен за вакво решение. Верувам дека, ако ги прашате моите колеги во Албанија или Бугарија, и тие веројатно ќе ви одговорат исто, дека непопустливоста лежи во Скопје, а не Грција“, изјавил Самарас, при посетата на економскиот институт Питерсон.
За време на посетата на САД, која за Самарас е втора во период од два месеца, најавено е дека тој ќе оствари средби со повеќе американски и европски челници, а најголем дел од разговорите се очекува да се однесуваат на грчката економија, буџетските кратења и структурните реформи кои земјата треба да ги направи.
Новонастанатата ситуација со неонацистичката Златна зора е исто така едно од прашањата кои ги преокупираат разговорите на Самарас со американските претставници, а за ова прашање се очекува Самарас да разговара и со американскиот потпретседател Џозеф Бајден.