1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот во Софија - можност за разговори меѓу Ципрас и Заев

13 април 2018

Иако засега не се најавува средба меѓу премиерите Ципрас и Заев за името, тие ќе се сретнат на Самитот на ЕУ-Западен Балкан во Софија на 17 мај. Не е исклучено да имаат посебна средба посветена на разговори за името.

Bildkombo Alexis Tsipras und Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/abaca/R. De Luca//AP Photo/B. Grdanoski

И покрај воздржаноста за детали од разговорите за името, вчерашната средба Коѕијас-Димитров во Охрид ги потврди неодамнешните наводи на грчките медиуми дека паралелно со тешките прашања во разговорите за спорот за името напредува подготовката на нацрт-договор од т.н позитивна агенда, за добрососедски односи и соработка  во повеќе области. Според дипломатски извори, тие се однесуваат на високото образование, културата, енергетиката, инфраструктурата, технологијата, прекуграничната соработка...  

„Додека ние разговаравме, имаа средба и работните групи составени од високи дипломати кои врз основа на напредокот што го направија на средбата во Виена пред десетина дена, практично го усогласија текстот за идната соработка во различни области. Тие работеа исто така на текст за спречување на иредентизмот од двете страни и коишто исто така работеа на преамбуларните параграфи од идниот билатерален договор“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Античка и современа Македонија

Грчки медиуми и претходно информираа дека се подготвува нацрт на преамбула во која треба да ја потенцира разликата помеѓу историската античка Македонија која била грчка, и модерната географска Македонија што денес опфаќа три држави. Според најавите на Димитров дека со неа ќе се спречи „иредентизмот од двете страни“, се очекува да бидат детерминирани и ексклузивни преференции на Грција врз името Македонија, со јасна дистинкција меѓу античката и онаа на која денес се наоѓа Република Македонија.

Спор за името: од двете страни на границата

02:06

This browser does not support the video element.

Повеќе:

-Парче пелин, парче чоколадо

-Коѕијас: не ни треба гнил компромис

-Атлас на иредентизмот

Но, како клучен индикатор за напредокот во разговорите се смета изјавата на Димитров дека се водат разговори околу временската рамка и натамошните чекори. 

„Разговаравме првпат за временската рамка и за чекорите од кои што доколку се постигне решение - како тоа ќе изгледа, како тоа ќе се имплементира“, соопшти министерот. 

Ова, според нашите извори, се однесува на фазите во кои постигнатиот договор би се имплементирал во меѓународните односи - НАТО, ЕУ, ОН. Тоа не подразбира фазно решавање на спорот, туку негова фазна имплементација поврзана со промената на статусот на Македонија во односите со ЕУ и НАТО. Факотот што се разговара за овие аспекти, укажува дека преговорите се многу напредна фаза.    

„Ќе ги информираме за овие разговори нашите премиери. Процесот продолжува“, најави Димитров.

Во Скопје се очекува лидерска средба на која Димитров ќе информира за текот и напредокот на разговорите. Истото во Атина го очекуваат и тамошните парламентарни партии. Одговори чекаат и медиумите, кои вчера не пропуштија подетално да дадат опис на локацијата на средбата, потсетувајќи дека владината вила некогаш ја користел Тито.

Барање за уставна ревизија

Засега е извесно е дека се постигнати решенија кои не ги тангираат македонските идентитетски прашања, но главниот проблем кои фрла сенка врз тие решенија и натаму останува опсегот на употреба на името, односно грчкото барање за уставни промени. Тоа барање вчера го потенцираше и лидерот на грчка опозициска партија Нова Демократија, Киријакос Мицотакис. 

„Уставна ревизија, справување со иредентизмот и прашањата поврзани со идентитетот, се предусловите за постигнување договор. Нова демократија нема да поддржи договор за името, ако Поранешната Југословенска Република Македонија не го смени уставот“, изјави Мицотакис.

На вчерашната средба со странските дописници во Грција, тој ги повторил неговите позиции и упати остри критики до грчката влада дека нема единствена и заедничка позиција поради ставот на лидерот на „Независни Грци“ и коалициски партнер во владата, Панос Каменос.

„Јавно ја имам поставено рамката за еден можен договор. Таа се однесува на уставна ревизија како неопходен предуслов за да постои каков било договор, справување со прашањата со иредентизмот и националниот идентитет, како неопходен услов за да постои договор и да започне интегративниот процес на Скопје во евроатлантските институции. Ова е мојата позиција и таа е многу јасна“, изјавил Мицотакис.

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Мајски разговори

Најтешкото прашање ќе биде тема и на наредните средби меѓу Димитров и Коѕијас.

„Имаме закажано во следниот период една квадрилатерална средба каде што ќе имам прилика да се видам со колегата Коѕијас. Меѓутоа, ќе бидеме во контакт во следните денови и штом ќе имаме нешто конкретно за следниот чекор ќе ве информираме“, рече Димитров.

Тие ќе имаат можност повторно да се сретнат на 3 и 4 мај во Солун, а потоа и на 11 и 12 мај. Иако засега не се најавува средба меѓу премиерите Ципрас и Заев, извесно е дека тие ќе се сретнат на претстојниот самит на ЕУ-Западен Балкан во Софија на 17 мај. Не е исклучено на маргините на Самитот да имаат посебна средба посветена на ова прашање.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми