1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит во Берлин: Пофалби без ветувања за Северна Македонија

30 април 2019

Владата во Скопје повторно беше апострофирана како светол пример на Балканот за решавање на отворените прашања со соседите. Дали пофалбите ќе се ефектуираат и со ветениот почеток на преговори со ЕУ, останува отворено.

Deutschland Westbalkan-Gipfel
Фотографија: Getty Images/M. Schmidt

Како што беше и најавено, проширувањето на ЕУ беше ставено ад-акта на неформалниот самит на Германија и Франција со западнобалканските држави во Берлин. Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон ја пофалија Северна Македонија и владата за напорите да се реши деценискиот конфликт за името со Грција, но од билатералните состаноци на македонскиот премиер Зоран Заев со Меркел и другите учесници, не произле никаков заклучок околу шансите земјата да добие датум за почеток на преговори со ЕУ на јунскиот самит. За волја на вистината, германските медиуми и пред самитот најавија дека иако канцеларката Меркел планира да притисне кај својот француски колега за Северна Македонија, за тоа отворено нема да се зборува.

Нов формат меѓу Белград и Приштина

Енергијата на германскиот-францускиот тандем беше насочена кон убедување на Србија и Косово, кои во Берлин дојдоа со лидерски тандеми од претседател и премиер, да заборават на идеите за размена на територии и прекројување на границите. Дали во тоа се успеа- остана нејасно. Неофицијалните информации по состаноците говорат во насока на тоа дека преговорите меѓу Белград и Приштина во наредниот период ќе продолжат со нова динамика, но поважно, и во нов формат.

За проширувањето само билатерално

Официјално Скопје на разговорите ги претставило своите аргументи во прилог на барањето за добивање позитивен сигнал од ЕУ во јуни: договорот со Грција за името, добрососедски односи и домашни реформи. На каков одговор наишла оваа аргументација, засега, нема информации.

Меркел и Заев пред почетокот на самитот во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Уште пред состаноците беше јасно дека Франција е изрично против тоа да се излегува официјално со било какво ветување за добивање датум за почеток на преговори пред завршувањето на европските избори. Оттука и темата проширување воопшто не била споменувана на мултилатералните состаноци, а Меркел организираше билатерални средби со Заев и со албанскиот премиер Еди Рама на кои тоа било тема, уште пред официјалниот почеток на самитот, односно, пред пристигнувањето на Макрон во Берлин.

„Со развојот во Северна Македонија видовме многу храбри чекори, кои ни даваат надеж дека можат да се решат и долгогодишни конфликти", рече Меркел на прес-конференцијата со Макрон. И францускиот претседател не штедеше пофалби:
„Кога носителите на одлуки ќе одлучат да се ангажираат, а за тоа треба да им заблагодариме на  Борисов,Ципрас и Заев, тогаш може и да се најде конкретно решение", рече Макрон кој не пропушти да ја акцентира и „решавачката улога" на неговата земја за Договорот од Преспа.

Она што остана некажано од двајцата водечки европски политичари е дали пофалбите за Северна Македонија ќе се ефектуираат и со очекуваната перспектива за преговори со ЕУ.

Кој ја одредува агендата на ЕУ?

Ветар во грб за властите во Скопје вчера пристигна и од министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн кој изјави дека ќе биде „огромна грешка" доколку Северна Македонија извиси во тој поглед.

„Европската Комисија во секој извештај велеше дека спорот за името со Грција е последната причина за блокада на процесот на преговори", изјави Аселборн за германскиот магазин Шпигел. „Ќе биде огромна грешка на ЕУ кон Северна Македонија, но и кон целиот балкански регион, доколку ЕУ сега ја игнорира Северна Македонија". Конечно, вели Аселборн, доколку се истурка позиција на Макрон „тоа ќе значи дека популистите во ЕУ, како партијата на Марин Ле Пен, ја одредуваат нејзината агенда".

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми