1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит Г7: Бајден сака да ја поврати Европа

19 февруари 2021

Бајден од повеќе причини верува дека има доволно аргументи и моќ да ја промени европската геополитика и да ја врати на евроатлантскиот колосек.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Денес попладне ќе се отвори виртуелниот пред-Самит на Г7 земјите, како претходница на Самитот кој физички ќе се одржи следниот јуни месец во британскиот Корнвол.

Настанот организиран од британскиот премиер Борис Џонсон ќе биде сцена за првиот меѓународен настап на американскиот претседател Џо Бајден, но и прво појавување за новиот италијански премиер Марио Драги, како и за јапонскиот премиер Јошихиде Суга. Останатите учесници се добро познатите Меркел, Макрон и Канаѓанецот Трудо.

Се разбира една од клучните теми на Самитот секако ќе биде пандемијата, економските последици и соочувањето со недостатокот на вакцини за сиромашните земји.

Но, тоа што тука не интересира е каков ќе биде расплетот на односите помеѓу Европа и САД, особено гледајќи низ призмата на европските односи со Кина и Русија. Вистинската раскрсница во односите е позицијата на Европа во последните 5 години, нејзината пост-Брегзит фаза, како и дистанцирањето на Европа за време на Трамп фазата од САД, нешто што земји како Германија го искористија за развивање на поблиски односи со Русија и со Кина.

Влезени веќе во пост-Трамп фазата, Џо Бајден на овој Самит ќе се обиде да ја поврати Европа речиси екслузивно во западната сфера и да ги врати трансатлантските односи на нивната историска основа.

Нешто веќе навестува дека со доаѓањето на Бајден позицијата на ЕУ повеќе нема или не може да остане иста како и во времето на Трамп. После дипломатската бламажа на ЕУ во Москва од посетата на Борел, Урсула фон дер Лајен доста студено одговори на прашањето околу преговорите помеѓу ЕУ и Русија за набавка на вакцината Спутник. До пред некоја недела Ангела Меркел инсистираше да се постигне договор, но претседателката на ЕК сега бара дополнителна документација од Москва и посета на погоните каде вакцината се произведува. Нешто што тешко ќе наиде на потврден одговор.

Надворешната политика на САД, според закон, за време на избори е практично мртва и нивниот капацитет за притисок врз сојузниците е драстично намален. Сега се очекува дека со консолидирање на администрацијата на Бајден многу од трговските врски и односи на ЕУ со Русија и Кина ќе се променат или во најмала рака, ќе претрпат многу посилен притисок од порано.

Стратешка автономија на ЕУ

Како што знаеме, во овие неколку години Европа, а тука пред се мислиме на Германија, приврши два стратешки договори или проекти со Русија и Кина, кои драматично ја зајакнуваат стратешката автономија на ЕУ во однос на САД. Едниот проект е во полето не енергетиката со речиси завршениот гасовод Северен поток 2 помеѓу Русија и Германија, од кој што придобивки би имале и останатите земји од Западна Европа. Вториот е договорот за инвестиции кој ЕУ го потпиша со Кина и кој навестува една нова фаза во економските односи, имајќи во предвид дека досега секоја посебна земја од ЕУ имаше и посебен билатерален договор со Пекинг, со исклучок на Ирска.

И двата договори се од огромно стратешко и геополитичко значење. Последиците пак од нив можеме да ги сублимираме во три поголеми прашања: какви ќе бидат последиците врз евро-атлантските односи или врз односите ЕУ-САД; еволуцијата на односите помеѓу ЕУ, Кина и Русија; и иднината на глобалниот мултилатерализам.

Претходни колумни од авторот:

Каде тера eвропската надворешна политика?

Македонија спушти Железна завеса за вакцините

Институциите се соучесници во „Јавна соба“

Во однос на евро-атланските односи последиците не може да не бидат значајни. Договорот со Кина означува една комплетна промена на парадигмата во сино-европските односи и тоа во време кога Бајден најави дека ќе ја продолжи американската политика кон Кина која почна од времето на Буш помладиот и која кулминираше со Трамп, и која се базира на заемна недоверба, стратешки технолошки и трговски натпревар и поделба на светот во сфери на интерес. Нешто што денес го опишуваме со анахроничниот термин „Студена војна", но што во блиска иднина би можело да ескалира во отворен конфликт помеѓу САД и Кина.

За Европа и Кина овој договор отвара една нова ера. Иако договорот допрва треба да биде ратификуван од Европскиот парламент и земјите членки не се компактни и обединети околу неговото стапување на сила, факт е дека тој сигнализира еден обид за заедничка надворешна политика на ЕУ, како и за реализирање на целосно независна, европска индустриска и технологиска политика.

Што се однесува до глобалниот мултилатерализам мора да се нотира дека од чисто политичка и дипломатска гледна точка, Кина направи досега невидени концесии кон Европа, што во однос на интелектуалната сопственост, пенетрацијата на СДИ, што преку ратификувањето од страна на Пекинг на меѓународни стандарди кои се однесуваат на животната средина и пазарот на трудот. Тоа досега или барем пред Трамп, беше стилот на американската политика која тендираше кон мултилатерални договори. Но, за Кина ова е преседан, особено што отсекогаш преферирала билатерални спогодби.

Сега, се ова на Американците не им се допаѓа премногу, всушност не им се допаѓа воопшто. Прво, затоа што се потврдува европската архитектура на концентрични кругови каде Германија се поотворено се претвора во европски хегемон. Потоа, затоа што САД немаат намера да го спуштат гардот или да ги намалат санкциите кон Русија, како што немаат намера да се откажат од стратешкиот конфликт со Кина. Напротив, нивната цел е да се посветат примарно на Азија и на Кина и за таа цел очекуваат не само Европа да им се приклучи, туку и активно да остане на евроатлантскиот пат, развивајќи одредена автономија, но секако не преголема до степен да ги истисне Американците од континентот. Третиот аспект е дека Бајден полага многу надежи во враќање на централноста на принципите и правилата на либералната демократија, кои се базираат на почитување на човековите права, и кои фактички се вредносната и политичка основа на евроатланските односи.

Затоа велам дека Америка сака да ги врати евроатлантските односи на нивната историска основа која се базира на политичко-институционалната соработка преку НАТО, како и на учеството во сите мултилатерални организации кои произлегоа од договорите во Бретон Вудс.

Конечно тука се поставува и уште едно егзистенцијално прашање: Можат ли демократиите да останат верни на своите вредности додека во исто време одржуваат економски односи со Кина и Русија?! И тоа особено во однос на бизнисот со Пекинг за кој администрацијата на Бајден веќе се изрази со зборовите дека врши „геноцид врз Ујгурите“.

Веднаш по Г7 самитот се очекува Бајден да го одржи своето прво „Обраќање кон Европа“, на Минхенската безбедносна конференција. И тука се очекува да го постави клучното прашање до стариот европски сојузник: Дали сте со Западот, за историскиот евроатлантски сојуз, или сте со источните режими?!

Меркел е во осамена позиција

На утрешниот самит Бајден може да очекува клучна поддршка од Џонсон, кој оставен без Трамп, веќе некое време политички кокетира со Бајден со цел да ги придобие неговите симпатии. Џонсон знае дека со Британија веќе и официјално надвор од ЕУ, постојат силни предуслови за нов „специјален однос“ помеѓу ВБ и САД.

Бајден со сигурност може да смета и на поддршка од Марио Драги, поранешниот шеф на Европската централна банка и добар познаник на американскиот естаблишмент, кој во својот инаугуративен говор пред италијанскиот Сенат јасно ја постави меѓународната позиција на неговата Влада, како стратешки посветена на европеизмот и атлантизмот. Италија ќе биде особено интересна за следење во наредниот период, како трет играч во состојба да ја промени рамнотежата меѓу франко-германскиот дуопол.

Во минатата колумна: Каде тера eвропската надворешна политика? - објаснив зошто Бајден може да смета и на поддршка од Макрон, кој се наметнува како идниот машиновозач на франко-германската локомотива. Не случајно, првиот телефонски повик од Бајден кон Европа беше за Макрон, а не за Меркел.

Оттука испаѓа дека Меркел е во малцинска позиција и тоа не само затоа што е во залезот на својата кариера. Меркел е осамена во односите со Русија и најпрозвана околу изградбата на гасоводот. Сепак, фијаското од европската посета на Москва и меѓународниот протест против апсењето на Навални, ги примораа Берлин и Брисел да го променат својот однос кон Русија. Следната недела Советот на министри на ЕУ се очекува да одлучува околу нови санкции за Русија, додека Европскиот суд за човекови права побара од Москва да го ослободи Навални.

Што се однесува до Кина проблемот за САД е далеку поголем, затоа што азискиот змеј веќе успеа да пенетрира во економиите на речиси сите ЕУ членки. Воедно, Европа нема свои податоци дали производите кои ги увезува од Кина, а кои доаѓаат од провинцијата Ксинјанг се производ на присилна работа на политичките, етничките и верските затвореници во озогласените „логори за превоспитување“. Според анализата на весникот South China Morning Post од Хонг Конг, Германија во 2020 година имала трговска размена со провинцијата Ксинјанг во висина од 245 милиони долари, додека Белгија увезла добра во вредност од 124 милиони долари.

Оттука, Бајден од повеќе причини верува дека има доволно аргументи и моќ да ја промени европската геополитика и да ја врати на евроатлантскиот колосек. Повеќето европски лидери се подготвени да го пречекаат Бајден со отворени раце. ЕУ преку претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел веќе достави серија на предлози за подобрување на односите со САД. Сега и извршниот заменик претседател на Европската Комисија Валдис Домбровскис изјави дела ЕУ испратила сигнали дека сака да ги реши билатералните проблеми со САД. „Ја изразивме нашата волја да ги прекинеме царинските такси за алуминиумот и челикот, како и таксите воведени поради судирот помеѓу Боинг и Ербас“, додаде Домбровскис. Тој потсети дека Европа сака заедно со Америка да работи на реформирање на Светската трговска организација, нешто што на Американците не им се допаѓа премногу, но што за општо добро се подготвени да направат отстапки.

Од денес Бајден тргнува во мисија да ја поврати Европа, колку во тоа ќе успее, зависи повеќе од него отколку од Европа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми