Имаше грешки, но без Европската унија ќе беше уште полошо. А, солидарноста во рамките на ЕУ и надвор кон другите региони во светот, кога се во прашање ковид-вакцините, сè уште функционира, смета Бернд Ригерт.
Реклама
Вакцини против коронавирусот во Европската унија нема доволно и така ќе остане уште некое време. Постојаните гласни барања за побрза вакцинација беа од мала помош на самитот на ЕУ во виртуелниот простор. Поставувањето на прашањето за вина е бесмислено, бидејќи Еврокомисијата во меѓувреме нарача 2,6 милијарди дози на вакцини на шест производители. Проблемот овојпат не е волјата или единството во ЕУ, туку едноставно производствените капацитети што сè уште се градат и, пред сè, снабдувачот кој не испорачува во согласност со договорот: АстраЗенека.
Точно и е дека другите држави беа побрзи и попаметни во набавката на вакцини. САД навремено ги проширија своите производствени капацитети и воведоа забрана за извоз. „Прво Америка“ се покажа како успешен рецепт. Израел и Велика Британија многу се коцкаа, и двете земји се потпираа на еден производител и склучуваа поволни договори за нив. На крајот, „Прво Велика Британија“ и „ Прво Израел“, функционираа.
Солидарност кон надвор
ЕУ беше премногу бавна, реагираше предоцна и не беше доволно подготвена да ризикува. Европската комисија, во меѓувреме, го спозна и го призна тоа. Меѓутоа, кон тоа придонесоа и сите 27 земји членки на Унијата. Покажување со прст кон можниот виновник, сега воопшто не помага.
Европската унија е единствениот регион на богатиот Запад што досега има извезено вакцини во големи количества, имено 70 од 150 милиони дози произведени во Унијата, од кои дел насочени кон посиромашните земји во рамките на програмата Ковакс на Обединетите нации.
Забрана за извоз ѝ се заканува особено на Велика Британија, која самата може да произведува вакцина, но дополнително нарача и 21 милиони дози произведени во ЕУ. Извозот на вакцини во посиромашните земји, вклучително и оние во непосредното соседство на Европската унија, треба да продолжи непречено. И тоа е правилно, затоа што секако важи максимата дека сè додека целото светско население не е вакцинирано, никој не е навистина безбеден од Ковид-19. Ако ЕУ сега едноставно тргне по патот „Прво ЕУ “ и го запре целиот извоз на вакцини, многу други земји ќе страдаат.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Солидарност кон внатре
Дека за вакцинацијата ќе биде потребно определено време и оти на почеток ќе бидат достапни помалку, а потоа сѐ повеќе и повеќе вакцини, всушност беше испланирано. Но, од друга страна, екстремно пораснаа очекувањата и надежите за конечно намалување на бројот на жртвите и ослободување од мачните и скапи рестрикции на секојдневниот живот. Вакцинацијата е многу емотивна тема. Не е ни чудо што шефовите на држави или на влади на ЕУ дејствуваат раздразливо, панично, понекогаш огорчено и бурно кога станува збор за еликсирите кои спасуваат животи.
И покрај тоа е правилно тоа што ЕУ дејствува заеднички при вакцинацијата. Ако постапуваа поединечно, земјите членки ќе се раскинеа на парчиња на пазарот за вакцинаци. Солидарноста и натаму функционира. Ова го покажува начелната согласност за адаптиран механизам за распределба на вакцините во рамките на ЕУ со цел да се зголемат испораките за државите кои досега примија релативно помалку вакцини.
„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“
15:47
Се разбира, не оди сè во најдобар ред со кампањата за вакцинација. Но, постојаната приказна за хаосот со вакцинација предизвикан од ЕУ е едноставно погрешна. Ситуацијата би била многу полоша без Европската унија.
Во однос на политиката за вакцинирање, ЕУ, значи, не се претставува во очајно издание, како што често се тврди. Она што, меѓутоа, воопшто не функционира е координацијата на мерките против коронавирусот и организација на патничкиот сообраќај во Европа. Секоја држава прави што сака. Австрија воведе локдаун за време на Велигден, Германија, пак, се премисли. Во Германија хотелите се затворени, во Белгија, пак, се отворени. Во Белгија границите се затворени, додека во Шпанија тие се отворени. Во Франција има полициски час, во Германија нема. И сето тоа при сличен раст на бројот на инфекции. Е, ова, никој не може да го разбере.