1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит ЕУ-Западен Балкан: Ве молиме останете во чекалницата

Барбара Везел
7 октомври 2021

Пораката од Самитот во Брдо е јасна – шесте земји од Западен Балкан треба да станат дел од Европската Унија. Но нема временска рамка за тоа – ЕУ го критикува темпото на реформи.

Slowenien l Westbalkan-Gipfel der EU in Brdo
ЕУ со 27 членки веќе сега има проблеми при усогласувањетоФотографија: Joe Klamar/AFP

Словенечките домаќини изградиле мал град од шатори на зелена ливада за Самитот на ЕУ со западнобалканските земји. Премиерот Јанез Јанша сакаше тука да се профилира и се понадева дека ќе постигне политички успех. Но, средбата одржана на местото со прекрасен планински пејсаж потона во дождот кој не престана да паѓа. „Како Вудсток, само без секс и рокенрол“, се шегуваа новинарите. 

Дождот им ги расипа плановите на домаќинитеФотографија: Petr David Josek/AP/picture alliance

Патот до местото за конференција за новинари се претвори во каллива патека, а присутните беа повеќе накиснати отколку среќни. Амбициозниот план на Јанша, ЕУ да се обврзе овие земји да ѝ се придружат на Унијата до 2030 година, не му успеа. Сѐ остана на општи заклучоци со истата мантра – Западниот Балкан во принцип му припаѓа на европското семејство, но потребно е повеќе време. 

Геополитиката триумфира над скептицизмот 

 Летонскиот премиер Артурс Каринс утрото кусо изјави: „Или Европа ќе подаде рака, или тоа ќе го стори некој друг.“ Алудираше на обидите на Кина, Русија или Турција преку инвестиции и политички иницијативи да изградат упоришта на Западниот Балкан. Шесте земји имаат долг пат пред себе, рече Каринс, но процесот на пристапување мора да напредува.

И Ангела Меркел, на која до формирањето на новата германска влада ѝ остануваат уште еден или два самита на ЕУ, уште еднаш јасно стави до знаење: „Не им правиме ние услуга ним, туку наш основен интерес е Западниот Балкан да биде дел од ЕУ“. Сите се согласиле со ова и нужно е Европејците да ги одржат своите ветувања.

Германската канцеларка претходно заедно со францускиот претседател имаше обид, преку билатерални разговори да се надминат одредени интерни пречки. Во разговорите со претставниците на Србија и Косово, Ангела Меркел и Емануел Макрон безуспешно ветуваа економска поддршка со цел двете земји да го надминат конфликтот. Канцеларката и претседателот дури и си преземаа обврска да преговараат со Бугарија за да го решат спорот со Северна Македонија  околу јазикот и долгогодишната блокада на пристапните п еговори. Но, претставниците од Софија само одмавнаа со рака – тие како дел од преодна влада не се во позиција да решаваат.

Ангела Меркел во обид да посредува во билатерални конфликтиФотографија: Petr David Josek/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Канцеларката истовремено смета дека е бесмислено да се говори за временска рамка за  проширувањето. Свесна е дека за пристапувањето на Западен Балкан се говори веќе две децении, но повтори дека „се уште претстои долг пат“. Од друга страна, ниту земји како Црна Гора во која напредуваат реформите, не треба да бидат „заглавени” со фиксен датум. Другите едноставно би морало да продолжат со реформите, особено во делот на владеење на правото и борбата против корупција за конечно да ги исполнат  условите за прием

„Европа е наша судбина“ рече косовскиот премиер Албин Курти на почетокот од состанокот. Потоа ја критикуваше ЕУ дека не ги исполнува своите ветувања и ја повика да биде похрабра. Но, нема да има никаков историски исчекор сѐ додека неговата земја не ја признаат сите членки на ЕУ, меѓу кои е и Шпанија. Од сите кандидати Косово во моментов е најоддалечено од таканаречената „зрелост за членство“. 

Скептиците ги ублажуваат ставовите

Иако Холандија долго беше еден од најголемите противници на проширување на ЕУ, премиерот Марк Руте во Словенија се покажа невообичаено отворен. Тој изрази надеж дека преговорите со Северна Македонија наскоро може да започнат и го повика бугарскиот претседател да ја укинат блокадата. Но вели, пристапните преговори мора да бидат строги, чесни и засновани на поставените критериуми. 

Со ова Руте барем ја подотвори вратата за нивен почеток. Иако е загрижен за „владеењето на правото во неколку земји“ сепак вели дека проценката на состојбите е работа на Европската комисија. Познато е дека холандскиот премиер со ова мисли на Албанија и нејзината несоодветна борба против организираниот криминал. Имено, Холандија со години има проблем со ширењето на албанските нарко-групи во подземјето.  

Францускиот претседател исто така се помести од својот претходен скептицизам по прашањето на прием на земјите од Западниот Балкан. „Имавме многу добра дискусија“, рече Емануел Макрон, и покрај меѓусебните спорови на некои земји како Србија и Косово. Затоа е толку важно на овие земји да им се дадат краткорочни перспективи. „Гледаме дека историјата се повторува и дека постојат тензии.“ 

 

Макрон укажува на важноста на најавената финансиска поддршка од ЕУ. Комисијата планира во следните години да додели девет милијарди евра грантови и да обезбеди дополнителни 30 милијарди евра приватни инвестиции за подобрување на економската ситуација на Западниот Балкан. Производството во овој регион во моментов е само 1 процент од БДП на  Европската Унија.  Францускиот претседател исто така истакна дека ни самата ЕУ во моментов не е подготвена да прими нови членки, што според него е најголемата пречка. Мора да се реформира начинот на кој функционира ЕУ, а тоа и со сегашните 27 членки е веќе премногу тешка задача. 

На крајот сепак дојде до еден вид политичка прегратка со Западниот Балкан и уверување дека тие навистина му припаѓаат на семејството, само ако може побрзо и подобро да ги спроведат реформите. Останува да се види дали тоа заедно со финансиската инјекција од Брисел ќе биде доволно да се запре оддалечувањето од ЕУ, како она на Србија во насока кон Русија. 

Стратешка автономија и цената на гасот 

На нивната вечера во предвечерието на Самитот, шефовите на држави и влади разговараа за мноштво теми – односите со Кина и САД, Авганистан и се што е геополитички важно во моментов. Уште еднаш стана јасно колку земјите членки имаат оддалечени и различни проценки и ставови, и во однос на трансатлантските релации или заедничката одбрана. 

Претседателот Макрон сака до пролет да биде усвоена Декларација за поголема стратешка автономија на Европа. Но, на крајот тоа сигурно ќе се сведе на некакви помали чекори во делот на поголема заедничка база на податоци или медицинска технологија во ЕУ. 

И во дебатата околу покачените цени на гасот се покажа дека нема усогласеност меѓу 27-те земји. Германската канцеларка предупреди дека „нема едноставно решение“. Шпанскиот премиер Педро Санчез пак сака, Европската Комисија да направи заеднички откуп на гас и повика на европски одговор на кризата. 

Премиерот на Холандија пак го одбил предлогов и смета дека земјите можат сами подобро да се справат со ова. Унгарскиот премиер Виктор Орбан тврдел дека цените на гасот се резултат на „Зелениот договор“ во ЕУ со кој само ќе се оптоваруваат буџетите на земјите. Наспроти ова, претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен ја бранела климатската политика со фактот дека растот на цената е глобален феномен. Во моментов дебатата е хаотична.

Во следните недели Комисијата ќе го претстави генералниот план, а на почетокот од декември и конкретни предлози за конструктивни мерки како на пример, европско складиште за гас. Темата за следниот ЕУ самит е веќе позната – се вика енергетска безбедност. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми