1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит ЕУ-Западен Балкан: како понатаму?

Марина Максимовиќ
10 јули 2017

Зајакнување на регионалната соработка за побрз пат во ЕУ е мотото на Самитот ЕУ- Западен Балкан, на 12 јули во Трст. Брисел очекува лидерите од регионот да се фокусираат на инфраструктурата и економската интеграција

Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Четвртиот самит во рамките на Берлинскиот процес започнат во 2014 година ќе биде шанса за премиерите и министрите за надворешни работи, стопанство и транспорт на земјите од Западниот Балкан да ги продолжат разговорите за зајакнување на соработката, развој на регионот и напредок на патот на интеграциите во ЕУ.

Во Брисел велат дека до последен момент се вршат подготовки на агендата која ќе се најде пред лидерите на земјите од Западниот Балкан, но и нивните партнери од Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Словенија и Италија.

ЕУ го става фокусот на три теми: продолжување на поврзувањето во областа на транспортната и енергетската инфраструктура, развој на регионални економски области и контакти- на прво место меѓу младите и граѓанското општество. На самитот треба да се разгледа примената на Планот за поврзување кој беше покренат во рамките на Берлинскиот процес за да се создадат подобри услови за стопански раст и меѓусоседска соработка во регионот низ подготовка и финансирање на конкретни регионални инфраструктурни проекти во областа на транспортот и енергетиката. Извори од Европската комисија најавуваат дека во Трст, Комисијата ќе понуди нова финансиска поддршка за инфраструктурните проекти во регионот. Се очекува и потпишување на Договор за транспортната заедница врз основа на кој би се работело на натамошна интеграција на транспортните мрежи во регионот, но и поврзување на регионалната инфраструкура со транспортните мрежи на ЕУ.

Јоханес ХанФотографија: DW/A. Feilcke

Ќе се формира ли заеднички пазар?

Покрај инфраструктурните проекти, економското поврзување на земјите од Западниот Балкан е тема за која во Брисел можеби и најмногу се зборуваше во подготвителниот процес за самитот. Комесарот за проширување Јоханес Хан во повеќе наврати најавуваше дека на самитот во Трст треба да дојде до усогласување на акцискиот план за развој на заеднички регионален економски пазар. Идејата за заеднички пазар беше претставена на самитот во март во Сараево. Според Хан, „главната цел во Трст треба да биде слободниот проток на стока, услуги и меѓусебно признавање на сертификатите“, меѓу земјите од регионот. Но, против заедничкиот пазар веќе се изјаснија Косово и Црна Гора. Приштина има резерви затоа што нејзината независност се уште не е призната од Србија и БиХ, а дополнително и поради економската соработка на Србија и Русија која би можела да има влијание врз евентуалниот нов заеднички пазар. Црна Гора, пак, смета дека ваквиот процес на регионално обединување може да создаде алтернатива за евроинтеграцискиот процес на Западниот Балкан.

„Работите се сосема спротивни“, објаснува комесарот Хан. „Се работи за подготовка на регионот за иден влез и интеграција во веќе постојниот европски пазар“.

Анџелино АлфаноФотографија: Getty Images/AFP/A. Pizzoli

Според проценките на Брисел, новиот пазар би можел да опфати 20 милиони граѓани, да отвори 10 илјади нови работни места и да ги зајакне економската и политичката состојба во регионот.

Овогодишниот домаќин, Италија, ги подвлекува своите силни врски со Балканот и Римската декларација со која уште еднаш беше потврдена политиката на отворени врати во ЕУ.

„Со Самитот во Трст сакаме да изградиме мост со Западниот Балкан, да ги засилиме нивните намери да се обединат со остатокот на Европа и да создадеме услови во кои европската перспектива не треба да биде апстрактен и тешко достижен концепт“, изјави шефот на италијанската дипломатија Анџелино Алфано.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми