Самит ЕУ- Русија
11 мај 2005
На самитот во Москва со новиот договор за партнерство беа усогласени рамките за соработка во скоро сите подрачја, но останаа и неразјаснети теми. Така слободното патување без визи меѓу Русија и Шенген –државите без погранични контроли е спречено поради руското двоумење да ги прифати илегално пристиганите луѓе и од трети земји. Во тоа рускиот претседател Владимир Путин не гледа никаква поврзаност:
„Русија мора да реши цела низа прашања пред да се стигне до целосно ослободување од визи. Меѓутоа, сметаме дека е непотребно поедноставувањето на издавањето визи да се поврзува со прашањата на враќањето. Тие не се поврзани„.
Путин, еден ден по помпезното одбележување на победата, остана воздржан во острите тонови кон Балтикот од каде се бара извинување за советската окупација по завршувањето на војната. На прес-конференцијата тој и даде за право на една новинарка од Естонија која токму тоа го праша. Во 1989 година пактот Рибенторп – Молтов беше прогласен за неважечки од советските власти. За граничниот спор со Летонија Путин дополни:
„Во однос на Естонија и Летонија се надеваме дека нема да има неумесни територијални барања. Во 21 век е парадокс една држава да има барања, а истовремено да сака да склучува договори. Тоа не е соодветно ниту на духот на европскиот дом„.
Претседавачот на Советот на ЕУ, Жан Клод Јункер ја подвлече неопходноста за правна сигурност во инвестирањето што би можело да води кон скорешен влез на Русија во Светската трговска организација. Важна цел е и заедничката борба против тероризмот. Претседателот на европската комисија Жозе Браозо ги истакна успесите во економската соработка:
„Со завршувањето на преговорите за четирите подрачја, нашето поврзување оди напред. ЕУ е Руски трговски партнер број еден. 50 насто од извозот заминува во земјите на ЕУ. Русија пак е нашиот четврти најголем трговски партнер. Тоа го покажува обостраниот пораст на интересите. Но, најголема задача е тоа да се претвори во заедништво на вредностите„.