1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит за сиромаштијата спроти Генералното собрание на ОН

21 септември 2004
Фотографија: AP

На самитот посветен на сиромаштијата, организиран спроти годинешното заседание на Генералното Собрание на ОН, шефовите на држави и влади од 60 земји одлучија да отпочнат нова политичка кампања против ова зло. Сиромаштијата е најстрашното оружје за масовно уништување на денешницата, порача иницијаторот на самитот бразилскиот претседател Луис Игнасио Лула да Силва.

На тричасовната средба учествуваа повеќе од 60 шефови на држави и влади од целиот свет, пред се од земјите во развој, но и по некој од богатите индустриски земји. Меѓу нив беше и францускиот претседател Жак Ширак, кој во говорот на самитот го предупреди богатиот Запад од желбата да сака уште повеќе да се обогати преку процесот на глобализација.

“Милијарди луѓе живеат во затвор од крајна сиромаштија и глад. Ако ги урнеме ѕидините на овој затвор, тогаш ја намалуваме заканата од хаос и ги поврзуваме луѓето во заедничка судбина исполнета со надеж и просперитет.“

Самитот за сиромаштијата го иницираше и организираше Бразил, најголемата земја во Латинска Америка, која сака и на овој начин да се претстави како кандидат за постојана членка на Советот за безбедност во најавуваната реформа. Претседателот Луис Инасио Лула да Силва побара длабока мобилизација на целиот свет за да им се помогне на милионите жртви на сиромаштијата:

“Ги повикувам сите влади, социјални организации, синдикати и претпријатија да ги обноват нивните обврски. Мораме да најдеме патишта за да го искорениме овој срамен феномен на гладот!“

Во завршната декларација што исто така беше изготвена од Бразил, учесниците ја истакнуваат страшната бројка од преку една милијарда луѓе на планетата кои мораат да живеат со приходи од помалку од еден долар дневно. Меѓународната заедница не смее да прифати секој ден да умираат по 20.000 луѓе од глад и други појави поврзани со сиромаштијата – се вели во завршната декларазија. Покрај недостатокот на прехрамбени производи, тука се и немањето чиста вода за пиење, слабата здравствена нега, лошите станбени услови итн. Покрај ваквиот општ апел, учесниците на самитот повикаа и на исполнување на едно барање на ОН старо веќе 30 години, имено, големиот број земји кои вложуваат помалку од 0,7% од бруто националниот производ за развојна помош, конечно да ги зголемат издвојувањата. Меѓу нив за жал спаѓа и Германија, која за сега издвојува само половина од спомнатиот процент.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми