1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Самит на Г7: Големо шоу и ништо повеќе?

Сабине Кинкарц
27 јуни 2022

Сакаат да се борат против климатската криза, гладот во светот и војната. Но, дали тоа воопшто е достижно за шефовите на држави или влади на Г7?

Deutschland I G7-Gipfel auf Schloss Elmau in Garmisch-Partenkirchen
Фотографија: Brendan Smialowski/AP/picture alliance

„Сите против Г7“ стои испишано со жолти букви на виолетов банер, на кој е нацртана голема стисната тупаница и наспроти неа уште пет помали. „Нивниот систем носи војни и кризи“ стои на друг, а на трет транспарент е испишано „Тука го среќаваме империјализмот”. 

Околу 900 декларирани противници на Г7 демонстрираат во Гармиш.

Здружението „Запрете ја Г7 во Елмау” ја критикува концентрираната моќ на седумте шефови на држави или влади кои со своите одлуки имаат големо влијание врз судбината на целиот свет. Нивните одлуки, иако не се правно обврзувачки, го погодуваат и остатокот од 90% од светот.

Борбени демонстранти

„Глобалниот југ тука не е застапен со свој глас“, критикува активистот Кристофер Олк. Индија, Индонезија, Аргентина, Сенегал и Јужноафриканската Република, кои се поканети на вториот ден од самитот, се тука само затоа што имаат да понудат ресурси, а на богатиот север енергијата станува кнап, смета тој. „Африка не смее да стане план Б за гладните за енергија Г7”, извикува активистка од Уганда од голема бина, поставена на железничката станица во Гармиш.

Други активисти предупредуваат од климатските промени. „Нема да дозволиме да ни ја уништат планетата и иднината", довикува една климатска активистка. Подоцна демонстрантите формираат „воз” и извикувајќи гласно минуваат низ центарот на градот, придружени од стотици полицајци во борбени униформи.

Кристофер Олк и Татјана Зединг се противници на Г7Фотографија: Sabine Kinkartz/DW

Г7 сигнализира единство

Дваесет километри погоре, во тешко достапната долина Елмау, започнаа разговорите меѓу шефовите на држави или влади на седумте најголеми индустриски земји. На почеток се зборува за светската економија и глобална инфраструктурна иницијатива. 600 милијарди долари треба да се потрошат на инвестиции во заштита на климата, енергетиката и здравството.

„Тоа го покажува единството на Г7", вели канцеларот Олаф Шолц при заедничкото претставување на иницијативата, кое се одвива пред замокот во живописната планинска кулиса. Единство и здруженост е сигналот што треба да биде испратен од овој самит - особено што се однесува до војната во Украина.

Од Киев, на првиот ден од самитот, стаса веста дека Русија го ракетирала градот. Контрастот меѓу уништената од војна Украина и идиличниот Елмау, не би можел да биде поголем. Сликите од самитот во замокот сепак треба да ѝ порачаат на Украина дека има солидарност и истовремено да пратат порака за сила и единство до Владимир Путин во Москва. „Мора да се држиме заедно“, рече и американскиот претседател Џо Бајден.

Г7-самит: Декадентен и „од големото добро утро”?

Дали таквата порака може да го оправда толку сложениот Самит во Елмау? Водечките политичари со својата огромна придружба ќе престојуваат 48 часа. Тие прво со владините авиони слетаа во Минхен, а потоа со хеликоптери беа префрлени во хотелот со пет ѕвезди „Замок Елмау”, каде престојуваат и работат изолирани од надворешниот свет. 18.000 полицајци се грижат за безбедноста на самитот, а тоа чини повеќе од 180 милиони евра.

Сѐ е прецизно испланирано и подготвено, самитот оди како подмачкан. Гармиш е исто така безбедносна зона и со многуте затворени улици потсетува на град на духови. Многу жители „избегаа” од дома, други се изнервирани од „шоуто” што се прави таму. Граѓаните сметаат дека ова веќе не е во чекор со времето во кое живееме и претставува пример за тоа колку политиката е станата декадентна.

Полициски комбиња насекаде - животот во Гармиш е парализиранФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Вегетаријански и вегански кетеринг

Во Гармиш, покрај полицајците, има и околу 3000 новинари, кои допатуваа да известуваат за самитот, но и припадници на НВО. Под многу бели шатори и контејнери направен е прес-центар кој наликува на затворен град. Оттука тргнуваат и шатл автобусите кои во Елмау ги носат фотографите и новинарите кои се вклучуваат во програма од пред самиот замок. Други самитот го следат пред сѐ преку екраните, сето тоа проследено со звукот на хеликоптерите кои летаат наоколу. Кетерингот е речиси исклучиво вегетаријански и вегански - барем во тој дел се во чекор со времето.

Попладнето од првиот ден четири организации кои се занимаваат пред сѐ со борба против сиромаштијата, заштитата на здравјето и климата, во прес-центарот канат на прес-конференција. Global Citizen, Oxfam, World Vision и ONE се меѓу критичарите на самитот на Г7, но, за разлика од демонстрантите, не го ставаат под прашање постоењето на групата. Напротив, „добро е и важно е шефовите на држави и влади да разговараат и преговараат, но мора и да ги одржуваат дадените ветувања”, потенцира Шервин Саеди од ONE.

Кетеринг кој е „пријателски“ насочен кон климата - вегетаријански и вегански јадења во прес-центарот во ГармишФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Толку проблеми како никогаш досега

Пред сè ветувањето дека 500 милиони луѓе до 2030 година веќе нема да гладуваат. Тоа беше дадено во 2015-тата, на последниот Г7 самит под германско претседателство.

„Од она што го гледаме, бројот на гладните во светот од 2017 до денес се зголемува. Во 2020 година имавме 150 милиони повеќе гладни од тогаш. Тоа е всушност развој во спротивната насока“, констатира Саеди.

Војна, глад, клима, корона – никогаш досега самит на Г7 немал толку проблеми со кои треба да се справува истовремено. Војната и недостатокот на руски енергенси предизвикуваат глобален раст на цените и заострување на проблемот со гладта. Како последица на тоа, справувањето со климатските промени го губи приматот, а сушите и рекордно високите температури покажуваат колку тие немилосрдно напредуваат.

Протест на ONE во ГармишФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Обвинувања против канцеларот

Како може да се најдат решенија без справувањето со една криза да оди на штета на решавањето на друга? Организацијата Global Citizen го обвинува германскиот канцелар дека ги поткопува меѓународните климатски договори. За да се справи со енергетската криза, Германија го одложува исполнувањето на зацртаните климатски цели, од кои една е до крајот на 2022 година да престане со субвенции за фосилни горива, критикува Фридерике Мајстер.

Тоа би било „фатален сигнал“ до останатиот дел од светот, кој може да доведе до блокирање на напредокот на климатската конференција која треба да се одржи на крајот од годинава во Египет, вели Мајстер, која бара од Г7 да се заложи за укинување на користењето јаглен до 2030 година на меѓународно ниво. Покрај тоа, тие треба да си ги одржат ветувањата за финансиска поддршка на особено силно погодените земји од климатски промени.

Според ONE, на овој самит никого „нема да откачат туку-така“. Од организацијата посочуваат дека на последниот Г7 самит биле дадени многу ветувања од кои многу малку се остварени. „Не можеме да дозволиме Г7 да се ‘извлечат’ на таков начин“.

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми