1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција дава шест месеци за дополнителни реформи

БГ /АП
18 октомври 2019

Се надзира ли каков-таков компромис на самитот во Брисел, откако француски дипломат вечерва ветил дека Париз ќе размисли за почеток на преговори доколку Скопје во следните шест месеци спроведе дополнителни реформи.

EU-Gipfel | Brüssel
Фотографија: Reuters/J. Geron

Франција бара од Македонија во следните шест месеци да спроведе дополнителни реформи, за да одобри почеток на преговори со ЕУ. Иако не се наведува за кои реформи точно станува збор, агенцијата Асосиејтед прес пренесува таков став на висока француска дипломатка искажан вечерва.
Доколку се прифати барањето на официјален Париз, тоа би било ново, трето по ред, одложување на преговорите со Македонија. Наспроти она што го бараше Франција изминативе денови, овојпат не се споменуваат измени во методологијата на преговарачкиот процес, кои постојано беа наведувани како главна пречка од Париз.

Од Албанија, пак, Французите бараат да ги спречи барателите на азил. Доколку се усвои ваков заклучок од самитот, за почетокот на преговорите повторно би се решавало во април следната година. 

Германската новинска агенција ДПА јавува дека вечерва лидерите на ЕУ „многу долго“ разговарале околу блокадата на проширувањето од страна на Франција, но не наведува никаков пробив.

АП анализира дека одбивањето да им дозволи почеток на преговори на Северна Македонија и Албанија ќе го загрози кредибилитетот на ЕУ и ќе ризикува разгорување на проблематичниот регион. Агенцијата цитира француска дипломатка која вели дека Париз ќе дозволи почеток на преговори за шест месеци доколку види напредок во реформите.
С. Македонија и Албанија очекуваа дека ќе добијат зелено светло за почеток на преговорите. Европската комисија тврди дека обете земји ги исполнуваат критериумите, а ЕУ лидерите ветија дека ќе донесат одлука до крајот на месецов. Но, францускиот претседател Емануел Макрон одбива да прифати нови членки во унијата додека не се подобри процедурата за проширување, додека Холандија е против кандидатурата на Албанија и се противи на проценката на Комисијата.
Македонскиот премиер Зоран Заев вчера дојде во Брисел да лобира за одлуката со предупредување дека во спротивно земјата ќе назадува.
„Тоа речиси сигурно ќе ги поттикне регресивните сили во земјата и ќе го засили интересот на трети страни во регионот“, рече Заев.
Но, шансите за позитивна одлука се чинат мали. Висок француски дипломат за АП вели дека не е направен доволен напредок за да се подобрат недостатоците во процесот на проширување. Дипломатката тврди дека Париз би можел да се предомисли во следните шест месеци доколку Северна Македонија спроведе повеќе реформи, а Албанија стори повеќе за да ги спречи своите граѓани да бараат азил во Франција.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми