1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на НАТО:Историски момент за С. Македонија

ДТЗ
14 јуни 2021

Северна Македонија за првпат учествува како полноправна членка на Алијансата на Самитот на НАТО кој се одржува во Брисел.

Belgien COVID-19 | NATO-Hauptquartier in Brüssel
Фотографија: Zhang Cheng/Xinhua/picture alliance

Северна Македонија за првпат учествува како полноправна членка на Алијансата на Самитот на НАТО кој започна во Брисел. Македонскиот премиер Зоран Заев, придружуван од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи се дел од делегацијата која што ја претставува земјата на самитот, кој се оценува како историски.

Ова е голем успех и за Северна Македонија и за НАТО, порача ЗаевФотографија: Government of North Macedonia

„Ова е историски момент, ова е прв самит на НАТО за Северна Македонија како полноправна членка. Тоа е исто така прв Самит за НАТО со 30 членки. Ова е голем успех и за Северна Македонија и за НАТО“, порача Заев. Според него, членството во НАТО беше реализација на стратешката цел на земјата, но дополнително со членство, Алијансата ја подобри безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан.

-повеќе на темата: Градилиштата на НАТО

„Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани. Силно веруваме дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евроатлантска и ЕУ перспектива. Оставањето вакуум во нашиот дел од Европа не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и повторно засилени процеси на интеграција во ЕУ и НАТО“, рече премиерот.

Средба со Радев

Заев треба да се сретне и со бугарскиот претседател Румен Радев, а на новинарско прашање за оваа средба тој рече дека од разговорите може да се очекува само исчекор кон подобра иднина.

-повеќе на темата: Борисов: Замислете си дека сте Македонци и дека соседот ве блокира

„Сите средби донеле бенефит за нашата земја. Од разговорите можеме да очекуваме само исчекори кон подобра иднина за целиот македонски народ, за сите наши граѓани, за нашата земја. Јас очекувам дека низ разговори можеме да најдеме решение, затоа што навистина е предолго - 20 години со Договор за асоцијација и стабилизација, 16,5 години земја кандидат. Верувам дека првиот сосед, Република Бугарија, конечно ќе даде поддршка да го направиме следниот чекор, а тоа е одржување на првата меѓувладина конференција“, рече Заев.

Очекувања

Премиерот ќе учествува во работата на Северноатлантскиот совет на НАТО на кој лидерите на земјите членки ќе разговараат за најважните прашања за иднината на Алијансата.

„На овој историски самит доаѓаме како делегација на 30-та земја членка која што не чекаше што Алијансата ќе направи за неа, туку сакаше да покаже дека знае и да придонесе. И на Криволак, и во Скопје, и на Балканот и тука во Брисел ја испраќаме пораката дека заедно сме посилни, дека и како мала земја покажавме дека може да вложуваме во регионалната и евроатлантската безбедност и дека решавајќи ги политичките проблеми и вложувајќи во својата и нашата заедничка безбедност можеме да придонесеме како сојузник, еднаков со останатите“, рече министерката Шекеринска пред почетокот на Самитот.

И на Криволак, и во Скопје, и на Балканот и тука во Брисел ја испраќаме пораката дека заедно сме посилни, порача Шекеринска.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во изјава за медиумите ги презентираше очекувањата од Самитот, на кој треба да бидат донесени амбициозни одлуки и да се потврди посветеноста на Алијансата кон трансатлантската врска. Османи зборуваше и за очекувањата за главна тема, иницијативата „НАТО 2030”, чија цел е подготовка на Алијансата за следната декада.

-повеќе на темата: Бајден во историска посета на Европа

„Денес е навистина важен, ден не само за нас туку и за целата Алијанса. После напорни консултации и неколку подготвителни министерски состаноци на кои лично присуствував, денес во седиштето на Алијансата во Брисел, се одржува самитот на НАТО на кој ќе се заокружат главните насоки за иницијативата НАТО 2030 година. На масата денес е амбициозна трансатлантска агенда која треба да обезбеди поголема улога на алијансата во креирањето на долгорочната безбедност, но и поголема синергија, поголема интеграција на самите земји-членки кога се работи за заедничката безбедност“, истакна Османи.

Османи се осврна и на потребата за зголемена стратешката соработка меѓу НАТО и ЕУ. „Заокружувањето на Европската Унија со интеграција на Западниот Балкан претставува геостратешка инвестиција за целиот континент. Нашиот придонес во ова партнерство е јасен – и на овој самит ние ќе ја потврдиме нашата определба – ние сме НАТО“, вели Османи.

Амбициозен план

Белата куќа пред почетокот на самитот соопшти дека членките на НАТО треба да почнат „амбициозен пакет иницијативи” во Брисел, со цел да се осигура дека Алијансата ќе продолжи да ја одржува безбедноста до 2030 година, но и после тоа. Се наведува дека 30 членки на Северноатлантската алијанса треба да го преиспитаат Стратешкиот концепт на НАТО, што вклучува став кон „агресивната политика и активности на Русија”, како и „предизвикот што Кина го поставува кон колективната безбедност, просперитет и вредностите на земји членки”.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, утрово се осврна на клучните теми кои ќе бидат на маса на лидерите на земјите членки и повтори дека Западниот Балкан е од голема важност за Алијансата.Фотографија: Stephanie Lecocq/AP/picture alliance

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, утрово се осврна на клучните теми кои ќе бидат на маса на лидерите на земјите членки и повтори дека Западниот Балкан е од голема важност за Алијансата. „Имаме нови земји членки од тој регион во последните неколку години, со тоа докажавме дека вратата на НАТО е отворена, Северна Македонија и Црна Гора се нови земји членки, но имаме и партнери во другите земји од регионот и уште го имаме КФОР во Косово, присутни сме и продолжуваме да помагаме да го стабилизираме регионот“, изјави Столтенберг во интервју посветено на иднината на НАТО во наредните 10 години.

Северна Македонија во март 2020 година стана 30. членка на НАТО.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми