1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Самоукиот германски хакер го призна делото

ЕМФ /агенции
8 јануари 2019

За големиот скандал со крадење податоци е одговорен 20-годишен ученик, кој самиот си ги развивал компјутерските познавања. Истрагата смета дека дејствувал непромислено.

Bundesinnenminister Horst SEEHOFER zu Hackerangriff auf Politiker und Prominente
Зехофер им се заблагодари на иследниците за успешната истрагаФотографија: picture-alliance/SvenSimon/F. Hoermann

Дваесетгодишникот обвинет за кражба на податоци, според досегашните сознанија на истрагата, дејствувал самостојно и целно напаѓал личности кои го лутеле. Ученикот вршел онлајн-напади врз политичари и познати личности чии изјави не му се допаѓале, соопшти денеска обвинителот Георг Унгефук од Службата за борба против интернет криминал (ЗИТ) на Обвинителството во Франкфурт.

При претресот на станот на ученикот заега не се најдени знаци за политички мотиви за кривичното дело, меѓутоа на разјаснување на ова прашање сѐ уште се работи. Исто така, сѐ уште се истражува дали сајбер-напаѓачот имал соучесници.

Украдени се податоци од околу илјада политичари и познати јавни личностиФотографија: Reuters/P. Kopczynksi

Дваесетгодишникот по претресот на неговиот дом во неделата прво бил уапсен, но по опсежното признание за делото, вчеравечер бил повторно ослободен. Нема опасност од бегство, тој претходно не бил осудуван, а освен тоа пружа и помош за разјаснување „пошироко од неговите дела“, рече Унгефук. Осомничениот покажал и каење и веројатно дејствувал непромислено. Кај млади извршители често се случува „подлабоко да се размислува“ дури откако полицијата ќе се појави пред врата, рече обвинителот.

Безбедносните служби соопштија дека 20-годишното момче сѐ уште живее кај родителите. Поради тоа што за него сѐ уште важи кривичниот закон за млади лица, соочен е со можна казна за млади или воспитни мерки, рече Унгефук.

Повеќе: 

И Меркел била цел на хакерските напади

Бајката за незаштитениот корисник

Шест хакерски напади кои го шокираа светот

Осомничениот, кој е соочен со обвиненија за крадење податоци и нивно објавување, во декември 2018-та преку Твитер-профил, кој во меѓувреме е затворен, објави лични податоци на политичари и други познати личности. Погодени се околу 1000 политичари, јавни личности и новинари, меѓу кои политичари од сите пратенички групи во Бундестагот, освен од деснопопулистичката АфД.

Твитер-профилот преку кој се објавени податоците во меѓувреме е затворенФотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Околу 50 случаи се потешки, поради тоа што се објавени поголеми пакети податоци, како приватни податоци, фотографии и кореспонденција, соопшти Министерството за внатрешни работи. Унгефук соопшти дека осомничениот хакер е самоук, односно нема образование за информатичар. Иследниците сметаат дека тој не стигнал до сите податоци со еден напад, туку дека собирал податоци повеќепати. Притоа искористил безбедносни дупки од кои еден дел се веќе отстранети.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер им се заблагодари на иследниците за успешната истрага. Тој попладнево во Берлин соопшти дека масовната кражба на податоци не ја променила безбедносната ситуација во Германија. Според досегашните сознанија, не е загрозена безбедноста во сојузните институции, администрацијата и Бундестагот, рече Зехофер. Тој додаде дека објавените податоци се бришат колку што е можно побрзо, но дека веројатно никогаш нема да успее бришење на сѐ што е објавено.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми