1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само Господ ли знае за Таргет-Тврдина?

11 октомври 2019

Мијалков или знаел, или морал да знае дека во институцијата со која раководи се случува масовно прекршување на безбедносните протоколи, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Nord-Mazedonien Zoran Verusevski Ex-Spionageabwehrchef
Зоран Верушевски во ниту еден контекст не го спомна Мијалков.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нови изненадувања приреди поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, кој во вчерашното, второ сведочење во судот, ја акцентираше улогата на поранешниот премиер Никола Груевски во „Големото уво“, но не и на обвинетиот началник на УБК, Сашо Мијалков.

Новиот „ребус“ на Верушевски следи откако на претходното сведочење исто така отвори прашање, кое ни вчера не доби одговор: каква „страотна модификација“ доживеале материјалите од прислушувањето по неговото притворање, и од кого?

Обвинителите кусо велат дека нема да ги коментираат исказите во постапката сѐ до нејзиното завршување. Но, сведочењето веќе предизвика бројни зајадливи реакции во јавноста.

„Ексклузивно: Тврдината не била во УБК, туку на ‘Илинденска' број 2“; „Можеби Сашо Мијалков бил тој што ги отвори вратите кога Катица Јанева тропаше - отвори, отвори!"; „Дури и на одбраната ѝ беше незгодно да постави прашања“; „На крајот Заев ќе ни објасни што сакал да каже Верушевски“, гласат дел од коментарите на социјалните мрежи.

Повеќе: 

Верушевски го апсолвира Мијалков од вина за прислушкувањето

Сите чекаат Верушевски да се дообјасни

Верушевски: Бомбите беа на СДСМ

Нови дилеми

Разрешницата на капиталниот предмет на СЈО „Таргет-Тврдина“ треба да даде одговор кој незаконски ги следел комуникациите на над 20.000 македонски граѓани - политичари, бизнисмени, новинари и јавни личности, и кој ја уништил опремата преку која било извршено кривичното дело. Дали ваквите искази водат кон таа цел?

„Изјавата на Верушевски, која беше најавувана како некакво расчистување на дилемите во јавноста после неговото претходно сведочење, не само што не го расчисти претходното сведочење, туку на површина исфрли нови дилеми околу тезите кои беа таму пласирани", вели аналитичарот Петар Арсовски.

Според него, првата дилема се однесува на минимизирањето на улогата на Мијалков на сметка на улогата на Груевски во прислушувањето. 

Петар АрсовскиФотографија: Privat

„Иако најверојатно е точно дека врвот на командната структура за прислушувањето завршува кај Груевски, тоа не може да го амнестира Мијалков од одговорност. Тој или знаел, или морал да знае дека во институцијата со која раководи се случува такво масовно прекршување на безбедносните протоколи“, потенцира Арсовски.

Сепак, многу прашања остануваат без одговор.

„Одбраната, на која ваквиот неочекуван или тактички расплет ѝ одговара, немаше прашања, со што всушност конфронтацијата се префрли помеѓу Верушевски и Обвинителството, што е исто така еден своевиден апсурд, бидејќи, вака во јавноста се остава впечаток дека сведочењето на Верушевски всушност му помогна на Мијалков во судењата, иако беше викнат како сведок кој треба да ја ‘зацементира' позицијата на Обвинителството. Дали е тоа намерно или ‘ан пасан'? Мислам дека тоа знаат само Мијалков и Верушевски", вели Арсовски.

Верушевски вчера обвини дека тројцата бегалци (Груевски, Грујевски и Бошкоски) сѐ уште поседуваат многу поголем дел документите од прислушуваните разговори што СДСМ му ги предаде на СЈО и дека комуницираат со други тајни служби со што ѝ нанесуваат и натаму штета на државата.

„Оваа документација што ја поседува СЈО е минорна во однос на тоа што го поседуваат овие три лица. Само еден Господ знае што сѐ друго поседуваат. Поседуваат и друга документација која не е предмет на ова обвинение“, рече Верушевски, кој во ниту еден контекст не го спомна Мијалков.

Сашо Мијалков им поставуваше многу прашања на Лазаревски, Костовски и другите сведоци од УБК Фотографија: Petr Stojanovski

Заев на следното рочиште

 Свиркачот Ѓорѓи Лазаревски (кој заедно со Ѕвонко Костовски ги извадија прислушуваните разговори од УБК), во неговото сведочење изјави дека „следењето на комуникации функционирало исклучиво со интерни одлуки на директорот на УБК, Сашо Мијалков, во консултација со министерот за внатрешни работи, а информациите биле третирани како оперативни информации, кои оперативците ги добиле од терен".

Неговиот колега Костовски сведочеше дека „директорот на УБК имал можност да ги слуша разговорите од двата система". И двајцата изнесоа бројни детали за тоа како се вршело прислушувањето.

Додека Верушевски вчера не доби ниту едно прашање, Мијалков на Лазаревски, Костовски и другите сведоци од УБК им поставуваше безброј контрапрашања. Следното рочиште е закажано за 24-ти октомври, кога во својство на сведок треба да се појави премиерот Зоран Заев и да одговара на вкрстени прашања од одбраната на Мијалков.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми