1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Само вакцинирани од морбили во градинка и училиште

Андреа Грунау
19 март 2019

При појава на морбили, учениците мора да останат дома поради опасност од зараза, таков случај е моментно во Хилдесхајм. Некои детски градинки веќе не примаат воопшто невакцинирани деца.

Deutschland | Masernausbruch an einer Hildesheimer Schule
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Gateau

Наместо домашни задачи, во училиштето за средно образование Оскар Шиндлер во Хилдесхајм се контролираат книшките за примени вакцини. Соработници на Службата за здравствена заштита се во акција откако двајца ученици заболеја од мали сипаници. Околу 700 лица, ученици, професори и вработени, мора да докажат дека имаат примено втора вакцина или да направат тест на крвта за да се докаже дали се имуни против морбили. Бидејќи преку 70 проценти од нив немаат никаков доказ, во училиштето смеат да се вратат дури на крајот на месецов.

Заштитата од инфекции има примат над законската обврска за посетување училиште. Тоа е регулирано со Законот за заштита од инфекции.

Во Минхен пак до посетителите на еден ресторан за брза храна е упатен повик да се пријават, зашто таму во тек на два дена можно е да имале контакт со заболен од мали сипаници. Доколку е потребно, можат да бидат вакцинирани. 

Повеќе:

Забрана за невакцинираните деца во училиштата?

Треба ли децата да се вакцинираат или не?

„Малите сипаници се една од најзаразните познати болести“, вели Сузане Гласмахер. Дури и само присуство во иста просторија со инфициран значи можност за пренесување на болеста, човек може да биде заразен дури и тогаш кога болниот веќе ја напуштил просторијата. 

Биологот Гласмахер, портпарол на Институтот Роберт Кох во Берлин, предупредува: „Морбилите можат да предизвикаат тешки компликции, во ретки случаи, кај еден од 1000 заболени, можат да доведат до смрт.

Од таа причина сузбивањето на болеста е исклучително важно, нејзиното целосно искоренување во светски рамки“. Институтот Роберт Кох има функција на владин советник и работи на елиминирање на инфективни болести.

Малите сипаници - најзаразната позната болестФотографија: picture-alliance/dpa/KEYSTONE/U. Flueeler

Во 2018 година во Германија се пријавени 512 случаи на мали сипаници, во 2015 речиси 2500, во најголем дел во Берлин. Бројките варираат со години. Најчесто 40 до 50 проценти од заболените се испраќаат во болнички престој. Гласмахер ги набројува најлошите компликации, како запеленија на белите дробови и на мозочната обвивка. И по неколку години по заболувањето од морбили, пациентите се соочени со опасност од запаление на мозокот, ССПЕ, кое по правило завршува со смрт. Бидејќи за него не постои законска обврска за пријавување на случаите, не постојат ни точни бројки за зачестеноста.

Високи стапки на вакцинација кај децата пропусти кај возрасните

Во Германија прва вакцина против морбили децата примаат на возраст од една година, по краток период и втора вакцина. Постојаната комисија за имунизација, СТИКО во Институтот Роберт Кох подготвува препораки за сите заштитни вакцини. Во Германија не постои законска обврска за вакцинирање, акцентот е ставен на доброволност. Очигледно со успех: испитувањата покажуваат дека од учениците во прво одделение 96 проценти добиле прва вакцина против мали сипаници, а 93 насто се вакцинирани и вторпат, истакнува Гласмахер.

До тргнувањето во училиште, преку 90 проценти од децата во Германија се вакцинирани против морбилиФотографија: imago/blickwinkel

За во една земја малите сипаници да се сметаат за искоренети, според прописите на Светската здравствена организација, СЗО, потребно е 95 проценти од вкупното население да биде имуно, по пат на вакцинација или прележана болест. До 1970 година, кога е воведена вакцината против морбили, речиси сите се заразувале. „Во 60-те години имаше преку сто смртни случаи годишно од мали сипаници“, подвлекува портпаролката на Институтот Роберт Кох.

Повеќе:

Невакцинирањето ги враќа искоренетите болести

По воведувањето на вакцината, постоела и толеранција. Кај генерациите до 1990-те години, постојат големи празнини во вакцинацијата. Денес овие млади возрасни лица се во категоријата која најчесто заболува при епидемија од мали сипаници, покрај невакцинираните новороденчиња и мали деца. Поаѓајќи од тоа, СТИКО им препорачува на лицата на возраст меѓу 20 и 50 години да ја проверат и надополнат својата имунизација. Обрска за вакцинација кај оваа група население нема смисла, вели Сузане Гласмахер, оваа старосна група ретко оди на лекар и е тешко достапна.

Без оглед на непостоењето законска обврска за вакцинација, некои приватни детски градинки примаат само вакцинирани деца, на огорчување на противниците на имунизација, кои на социјалните мрежи водат жестоки дебати со заговорниците на вакцинирањето.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми