1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само „зрелитe“ во ЕУ!

15 декември 2010

Пред утрешниот ЕУ-самит, канцеларката Меркел во Бундестагот кажа дека во Брисел тема е и проширувањето на ЕУ, за кое зрелоста на кандидатите и реформите остануваат предуслови. Инаку еврото беше тема во Бундестагот

Bundestag - Merkel
Канцеларката Ангела МеркелФотографија: picture alliance / dpa

„Сметам дека е извонредно што во извештајот за напредок има јасно диференцирање: секоја земја која сака да стане членка, на патот до таму ќе биде оцената според постигнатото. Се бараат реформи и нивно спроведување. Кога една земја ќе ги исполни сите критериуми, се подразбира дека е зрела за членство“.

Вакво е гледиштето на канцеларката Ангела Меркел по однос на идното проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан. Таа потсети дека Европската унија, но и Германија економски и политички профитирала од проширувањето. Меркел не ја спомна Македонија, ниту нејзиниот спор со Грција околу името. Но, затоа, пак, повтори што ќе биде решавачко за сите потенцијални членки:

„Зрелоста на кандидатите за членство и исполнувањето на критериумите се предуслов натамошните проширувања да бидат успешни. Ја поддржувам одлуката на Комисијата на Црна Гора да и’ се додели статус кандидат за членство. Од Црна Гора сигурно ќе се бараат длабоки реформи, по што би биле отворени преговорите за членство. Но, тоа би било најрано во есента 2011 –тата“, забележа канцеларката Меркел.

Еврото - заедничка судбина!Фотографија: picture-alliance / Helga Lade Fotoagentur GmbH

Еврото заедничка судбина

Главна тема на владината изјава во Бундестагот беше еврото, за кое утре и задутре во Брисел ќе расправаат 27-те шефови на држави и влади. Германија и дел од другите европски земји се залагаат за создавање кризен механизам, кој од 2013 година би ја презел функцијата на актуелниот „чадор за спас на еврото“. Со него би се обезбедила стабилноста на финансиските пазари во евро зоната. Затоа, меѓутоа, е потребна измена на Реформскиот договор од Лисабон, за што пак е неопходна согласност на сите земји членки.

Ќе има ли овој пат насмевки: Меркел со колегите од ЕУ на претходниот самит во октомвриФотографија: AP

„Никој во Европа нема да биде оставен сам! Никој нема во Европа да пропадне. Европа ќе успее заеднички. А јас дополнувам - само заеднички! Економската и монетарната унија е заедништво на одговорност. Но, и одговорноста успева само заеднички“, кажа од говорницата Меркел, забележувајќи дека одлуките, кои годинава се донесени за еврото, носат охрабрување и сила за негово натамошно надградување.

„Еврото е наша заедничка судбина. Европа е наша заедничка иднина. И нашата иднина треба така да ја поставиме за да донесе среќа и за идните генерации. Тоа е наша денешна задача, на која владата и’ се посветува и за која очекува поддршка и од Бундестагот“, подвлече Меркел.

Во дискусијата што следеше опозицијата жестоко ги критикуваше Меркел и владата, обвинувајќи ги дека не ја сфатиле сериозно драматичноста на ситуацијата со еврото. Социјалдемократите и Зелените побараа место промени во Лисабонскиот договор воведување евро-обврзници, кои до финансиските пазари би ја пренеле пораката дека Европа е силна, цврсто обединета и подготвена заеднички да настапи без разлика колку критични ситуации ќе се случуваат.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми