1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само уште Иванов може да го спаси Груевски од затвор

БГ
12 ноември 2018

Шефот на државата Ѓорге Иванов останува последна шанса и надеж за експремиерот Никола Груевски да ја избегне затворската казна од две години на која е правосилно осуден. Груевски е и натаму во Македонија, дознава ДВ.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Три дена јавноста не знае каде е поранешниот премиер Никола Груевски. Откако во петокот Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 му ја одби и последната жалба за одложување на извршувањето на затворската казна, од Груевски нема ни трага ни глас.

Обидите на судските курири да му го достават решението за одбиените жалби за време на викендот и денеска, исто така завршиле неуспешно. Груевски останува недостапен да го прими решението.

Додека во јавноста се множат шпекулациите за отсуството на експремиерот, неофицијално дознаваме дека Груевски е и натаму во Македонија и не ја напуштил земјата.

Она што останува нејасно е: на што се надева експремиерот? Неговиот адвокатски тим ги исцрпи сите правни лекови за одложување на казната, па сега на Груевски како единствена надеж му останува евентуално помилување од претседателот на државата Ѓорге Иванов.

На тоа се надеваат и од иницијативата „Правда за Никола Груевски“ од каде денеска преку Фејсбук уште еднаш го повикаа Иванов „да го искористи уставно загарантираното право и да ги заштити недолжните граѓани кои се опфатени со овој прогон.“

За оваа група граѓани, чии членови протестираа и пред судот во Скопје минатата недела, со одбивањето на жалбата на Груевски уште еднаш се потврдило дека во „Македонија се спроведува политички прогон“.

Политички монтиран случај?!

Во интервју за „Курир“ денеска се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој, исто така, обвини дека случајот на Груевски е „политички монтиран“.

„Политички монтиран е случајот затоа што човекот е невин, и одговара за случај каде нема финансиска штета, а доброто, автомобилот, го користи Владата. Па нели велеа ќе го продаделе, ќе ги искористеле парите, арно ама гледам некако им користи. И јас не можам да одобрам политичка хајка испорачана од заробеното 'Кацарска судство'“, вели Мицкоски.

Најповиканиот во случајов, претседателот Иванов, сѐ уште молчи. Тој не одговори ниту на минатонеделните повици да го помилува Груевски.

Иванов веќе се обиде преку општа аболиција во 2016 година да ги амнестира од одговорност и кривичен прогон Груевски и бројни негови министри и соработници во период додека ВМРО-ДПМНЕ владееше во земјата. Тој обид тогаш заврши неуспешно поради жестоките реакции во македонската јавност, но и од меѓународната заедница.

Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ кој против него го водеше Специјалното јавно обвинителство. Се работи за незаконска набавка на луксузен блиндиран „Мерцедес“ од 570 илјади евра.

Против Груевски се водат уште четири предмети во кои тој е обвинет за злоупотреба на службената положба, изборни измами, злосторничко здружување и поттикнување насилство. Тоа се случаите „Титаник“, „ТНТ“, „Траекторија“ и „Насилство во Центар“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми