1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

051011 Deutschland Statistisches Jahrbuch

11 ноември 2011

Германија се искачи речиси на врвот на скалата земји со најстаро население. Само Јапонците се во просек постари. Во 2009 година, секој петти граѓанин на Германија бил постар од 65 години, а во 1950-та секој десетти.

Roderich Egeler
Успешно спроведен попис: претседателот на германскиот Завод за статистика, Родерих ЕгелерФотографија: picture alliance/dpa

Годишниот алманах на Германија минатиот месец славеше 60-годишен јубилеј. Повод претседателот на Заводот за статистика Родерих Егелер да извлече биланс и да посочи дел од најважните промени што се случиле во земјата во овој период.

„Соживотот во нашата земја стана многу поразновиден во изминативе децении. Од околу 82 милиони граѓани на Германија, речиси секој петти потекнува од некоја друга земја, или пак еден од родителите има доселеничко потекло. Тоа се речиси 16 милиони лица.“

Проблеми со наталитетот

На Германија, во исто време, и’ недостасува подмладок. Стапката на наталитет во последните 60 години е речиси двојно помала. Во 2009 биле родени само 665.000 деца, толку малку како никогаш порано. Тоа е само половина од вкупниот број новородени во Западна и Источна Германија во 50-та година, кога се родиле дури 1,1 милиони.

Фотографија: dapd

Иако бројката е шокантна, таа сепак никого не изненадува, бидејќи политичарите во земјата веќе со години се свесни за таквиот негативен тренд и се обидуваат постојано со нови мерки да го сопрат. Така, едниот од родителите има право да остане со подмладокот дома и од државата една година да добива 67% од дотогашниот месечен приход. Државата, исто така, во меѓувреме гарантира место во градинките за секое новородено дете. Овие и другите мерки не останаа без резултат. Во 2010 година стапката на наталитет забележа пораст од 2% во однос на претходната година.

Меѓународна споредба

Таквото подобрување ни од далеку не е доволно, за што зборува и едноставната споредба со други земи во светот, или пак со соседите од европското опкружување: „Во младото население на Индија на пример, денес има 23 новородени на 1.000 граѓани. Во Франција има 13, во Велика Британија 12, во САД 14, додека во Германија само осум. Во 1950 година имавме по 16 новородени на 1.000 жители“, појаснува Егелер и додава дека таква стапка на наталитет моментално има Бразил.

Промени има и во менталитетот што се однесува до децата родени надвор од брачна заедница. Додека во 50-тите години тоа беше срамота и само 10% од децата потекнуваа од такви семејни услови, денес дури една третина од новородените имаат родители кои не се во брак. Воопшто, партнерите денес многу поретко се одлучуваат на таков чекор. Во 50-тите години во Германија имаше по 11 бракови на 1.000 жители, додека во 2009 имаше само 5 на 1.000. Освен тоа, и склучувањето брак се случува значително подоцна. Во 1975 година жените се мажеа со 22 години, а мажите се женеа со 25 во просек. Денес жените стапуваат во брак просечно на 30 години, а мажите на 33.

Фотографија: picture alliance/dpa

Родова еднаквост

За разлика од негативниот тренд на полето на наталитетот, животниот век на германското население денес е продолжен во просек за цели 14 години во однос на 1950-та година. Исто така и во образовниот систем се забележуваат позитивни трендови. Младите во Германија денес имаат многу повисоко образовно ниво од нивните врсници пред 60 години. Тогаш на пример само 8% од жените и 20% од мажите стигнувале до матура. Денес тоа им поаѓа од рака на 50% од жените и на 38% од мажите. Интересно е што жените ги претекнаа мажите на образовен план, но наспроти тоа, кога е во прашање кариерата, се’ уште доминираат мажите. Што се оди повисоко на скалилата во хиерархијата на претпријатијата, тоа е помал процентот жени. Значи, наспроти големите заложби за родова рамноправност, па и видливите промени, некои стереотипи сепак тврдокорно преживуваат и мажите во Германија и понатаму ја чуваат доминацијата кога се во прашање позициите на моќ.

Автор: Рајна Бајер / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми