Само 172 Македонци од Германија гласаа за идниот претседател
13 април 2014 Вчера за првпат во историјата на Македонија за идниот шеф на државата одлучуваа и граѓаните од дијаспората. Според законската регулатива, гласањето и во Германија се одвиваше по претходно евидентирање и пријавување на македонските државјани кои тука се на привремен престој - работа, студии и сл. Во Германија се гласаше во амбасадата во Берлин и дипломатско конзуларните претставништва во Бон и Минхен.
Во пропишаниот законски рок во трите ДКП за гласање за претседател биле пријавени 501 лице. Вчера (12. Април) до 19 часот гласале вкупно 172 лица што претставува 34,33 проценти од пријавените. Најголем одглас имаше во Берлин каде од 200 регистрирани, правото на глас го оствариле 82 македонски државјани (41 процент). Во Минхен од евидентираните 174 лица се изјасниле 65 (37,35 проценти), додека најмала излезеност имаше во Бон: од запишаните 127 лица гласале само 25 (19,68 проценти).
Изборниот материјал во текот на денешниот ден ќе биде доставен до Државанта изборна комисија преку дипломатска пошта. Македонските државјани кои вчера гласаа во Берлин беа категорични дека на државата и е потребен претседател чиј глас ќе се слуша и кој пред се ќе придонесе за подобар живот на младите кои не ќе мора да заминуваат од својата татковина.