Само 20% од заразените со коронавирус имаат симптоми
БГ
26 октомври 2020
Огромно мнозинство од регистрираните новозаразени со Ковид-19 во земјата се асимптоматски случаи или имаат многу лесна клиничка слика, вели водечкиот епидемиолог Жарко Караџовски.
Реклама
Над 80% од сите регистрирани случаи на коронавирус во Северна Македонија, заразата ја минале асимптоматскиили со многу лесни симптоми, информира на денешната прес-конференција епидемиологот Жарко Караџовски.
„Просечно 80% од сите регистрирани случаи се асимптоматски или со многу лесна клиничка слика. Од останатите 20%- меѓу 12 и 14% имаат лесна клиничка слика со лесно изразени симптоми: температура, слабост, малаксаност, течење на нос. Овие лица се препорачува да останат дома и да примаат терапија", рече Караџовски.
Само мал процент, меѓу 2 и 4 отсто од сите заразени, завршуваат на болничко лекување- најчесто со воспаление на белите дробови или друг проблем. Еден отсто од заразените завршуваат на респиратор, вели епидемиологот.
Според министерот за здравство, Венко Филипче, над 85% од оние што починале од или со коронавирусот, имале тешка форма на некоја друга хронична болест, односно коморбидитети.
Од почетокот на пандемијата, во Северна Македонија починаа 919 лица заразени со коронавирусот, а вкупно заразени се нешто помалку од 27 илјади. Во моментов, во земјата има над 7,400 активни случаи.
Вториот бран на коронавирусот ги натера надлежните дополнително да ги зголемат капацитетите за тестирање, како и за болничко сместување на пациентите. Филипче денеска информира дека државата ќе тестира уште дополнителни 350 лица дневно, а се водат преговори со приватните лаборатории и тие да ги тестираат граѓаните, но по цената која ја утврдува Фондот за здравство- 1.850 денари од тест.
Филипче и Караџовски апелираа до Собранието побрзо да се изгласаат предложените законски измени со кои ќе се овозможи наметнување на обврската за носење заштитни маски на отворено и забрана за домашни собири. Двајцата велат дека никој не посакува воведување нов полициски час.
Политичарите и коронавирусот: Полскиот претседател тестиран позитивно
Претседателот на Полска, Анджеј Дуда е последниот во редот претседатели, министри и други политичари кои досега се заразија од коронавирусот. Дел од нив ги издвоивме и во нашата фотогалерија.
Фотографија: Photoshot/picture-alliance
Анджеј Дуда
Полскиот претседател е позитивен на коронавирус, објави на Твитер неговиот портпарол Блажеј Спихалски. Тој уште напиша дека претседателот бил тестиран вчера и оти тестот бил позитивен. Спихалски наведе дека Дуда се чувствува добро.
Фотографија: Photoshot/picture-alliance
Јенс Шпан
Германскиот министер за здравство бил позитивен на тестот за коронавирус и заминал во самоизолација, соопштија неделава од неговиот кабинет. Јенс Шпан е архитект на државната политика за справување со вирусот. Тој се наоѓа во самоизолација и има само симптоми на настинка.
Фотографија: Markus Schreiber/Reuters
Коронавирусот и во Белата куќа
Хоуп Хикс, блиска соработничка на претседателот на САД, се заразила од коронавирусот - и потоа ги инфицира Доналд Трамп и Првата дама, Меланија. Среде предизборна кампања, актуелниот претседател беше во „самоизолација“ а потоа и во болница, која ја напушти по само неколку дена.
Фотографија: Andrew Caballerro-Reynolds/AFP/Getty Images
Силвио Берлускони
83-годишниот поранешен италијански премиер, инфициран со коронавирус на почеток на септември заврши во болница со воспаление на белите дробови, таму помина десетина дена. Две од децата, како и неговата 30-годишна пријателка, беа исто така позитивни на Ковид-19. Кај екс-премиерот бил утврден вирусот по враќањето од брегот на Сардинија, каде летуваат италијанските богаташи и познати личности.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Vojinovic
Жаир Болсонаро
Бразилскиот претседател, кој постојано ја минимизираше пандемијата, се инфицирал со вирусот во јули. Експертите го критикуваа што и пред и по дијагнозата ги игнорираше препорачаните мерки на претпазливост, се ракуваше и прегрнуваше со луѓето. Неговата сопруга и синовите исто така беа позитивни на тестот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Peres
Софи Трудо
Сопругата на канадскиот премиер Џастин Трудо, била тестирана позитивно на коронавирус по враќање од Обединетото британско кралство во средината на мај. Нејзиниот сопруг објави дека по дијагнозата, тој и самиот заминал во домашна изолација.
Фотографија: Reuters/P. Doyle
Борис Џонсон
На крајот на март од Ковид-19 заболе британскиот премиер Борис Џонсон, кој потоа помина повеќе дена во болница во Лондон. Три дена беше преместен во станица за интензивна нега, каде добивал кислород и бил постојано набљудуван. На средината на април беше отпуштен од лекување во болницата, по што му се заблагодари на болничкиот персонал што му го спасил животот.