Санадер може да биде екстрадиран во Хрватска
9 мај 2011Регионалниот суд во Салцбург одлучи денеска дека поранешниот хрватски премиер и лидер на ХДЗ, Иво Санадер може да биде екстрадиран во неговата матична земја, каде се соочува со повеќе обвиненија за корупција во периодот додека беше на чело на владата.
57-годишниот Санадер беше уапсен во Австрија во декември минатата година, еден ден откако хрватскиот парламент му го одзеде имунитетот. Оттогаш се наоѓа во притвор во Австрија, каде беше уапсен по издадената меѓународна потерница од Загреб.
Хрватското обвинителство го сомничи Санадер дека додека се наоѓал на чело на Владата бил дел од заговорот за креирање на тајни фондови со кои се финансирала матичната партија ХДЗ од 2004 до 2009 година.
Санадер досега ги отфрлаше сите обвинувања и тврдеше дека е жртва на „медиумски линч“.
Адвокатите на Санадер вложија жалба на денешната пресуда, па се очекува тој уште извесно време да остане во притвор во Австрија.
Автор: БГ/ројтерс
Редактор: Александра Трајковска