1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санкциите против Русија немаат посакуван ефект

Александар Методијев/дв/афп/миа2 август 2014

Американскиот претседател Обама изјави дека санкциите од Западот го немаат посакуваниот ефект врз Русија. Путин му порача дека санкциите се контрапродуктивни. Британија бара поголемо НАТО присуство во Источна Европа.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Повод за обраќање на Обама до новинарите беше неговиот вчерашен телефонски разговор со рускиот претседател Путин. Обама изразил длабока загриженост за зголемената руска поддршка на сепаратистите во Украина.

САД направија се’ што можат „за да ја поддржат Украина и да ја одвратат Русија“ од нејзината намера, рече американскиот претседател пред новинарите. Обама оцени дека САД и' направиле „доволна штета на Русија“, со што треба да се притисне рускиот претседател да го реши проблемот „на дипломатски начин, за санкциите да бидат отстранети“.

„Но, некогаш луѓето не реагираат доволно рационално и тие не секогаш реагираат врз основа на нивните среднорочни и долгорочни интереси“, забележа Обама.

Разговорот меѓу Обама и Путин бил прв телефонски разговор меѓу двата лидера по соборувањето на малезискиот авион на истокот на Украина, по што Западот воведе економски санкции против Москва. Обама му забележал на Путин дека Кремљ го прекршува Договорот за контрола на вооружувањето од 1987 година. На почетокот на неделава имаше извештаи дека Русија наводно тестирала крстосувачка ракета која може да носи нуклеарно полнење.

И по телефонскиот разговор разликите остануваат големиФотографија: picture-alliance/dpa

Според соопштението од Кремљ, Путин оценил дека санкциите од САД и ЕУ против Русија се контрапродуктивни. Двајцата лидери се согласиле дека е потребно да се стави крај на борбите во источна Украина. Путин оценил дека сегашната ситуација не е во интерес ни на Русија, ниту на САД. Руската Влада во своето соопштение наведува дека разликите во ставовите на Путин и Обама и натаму се големи.

Камерон: НАТО да го преиспита односот со Русија

Во меѓувреме британскиот премиер Дејвид Камерон напиша писмо до земјите-членки на НАТО во кое се бара да се преиспита односот кон Русија. Камерон смета дека тоа мора да се направи со цел НАТО да биде способен подобро да ги брани своите членки од потенцијална воена закана од Русија.

Неговата земја е домаќин на самитот на НАТО, кој треба да се одржи во септември во Велс. Камерон сака да го искористи тој собир за од 28-те членки да побара да се преиспитаат односите со Русија на подолги патеки, со оглед на фактот дека Москва го доживува НАТО како противник.

Камерон смета дека НАТО треба да ја зајакне својата способност „да реагира брзо на каква било закана“ и да ја „одврати секоја руска агресија“. Тој ја повика Алијансата да „се согласи за тоа како да се одржи поробустно присуство во Источна Европа“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми