1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Санкциите против Русија стапуваат во сила

Анамарија Зигрист
23 февруари 2022

Европа и САД реагираат со пакет казнени мерки против Русија поради најновата ескалација на руско-украинскиот конфликт. Дипломатските разговори засега се откажани. На повидок нема решение на конфликтот.

Ukraine Konflikte | Weißrussland | zusammengebaute Fahrzeugen auf dem Flugplatz Bokov in der Nähe von Mazyr
Собирање трупи на полетиштето Боков, во близина на границата со Украина - снимки направени од американската компанија Maxar TechnologiesФотографија: 2022 Maxar Technologies via AP/picture alliance

Додека САД и Европската унија воведуваат санкции против Русија, ситуацијата во Украина и во сепаратистичките региони Доњецк и Луганск во источниот дел на земјата се промени само малку.

Според наводи на украинската армија, во изминатите 24 часа на истокот на Украина е убиен еден војник, а шестмина се повредени. Војската на својата Фејсбук-страница објави дека во тој период проруските сепаратисти пукале 96 пати, односно нешто повеќе од претходниот ден (84 пати). Сепаратистите, како што се вели, меѓу другото користеле тешка артилерија и ракетни системи Град.

Украина ги собира резервистите

Нови сателитски снимки покажуваат натамошни руски воени активности во близина на границата со Украина. Компанијата Maxar Technologies, која има седиште во САД, известува за стационирање на повеќе од 100 воени возила и десетици војнички шатори во јужна Белорусија, во пограничната област со Украина. Изградена е и нова теренска болница во воен гарнизон во западна Русија.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски најави делумна мобилизација на резервистите. Според подоцнежното соопштение на вооружените сили, со мобилизацијата се погодени резервисти на возраст помеѓу 18 и 60 години. Максималниот рок на служење е една година. Зеленски, меѓутоа, ја отфрли можноста за општа мобилизација. „Треба оперативно да ја пополниме армијата и другите воени формации“, рече шефот на државата.

Украинскиот претседател Зеленски најави делумна мобилизација на резервиститеФотографија: Офіс Президента України/Youtube

ЕУ и САД ги воведоа првите санкции

Новите санкции на ЕУ против Русија, меѓу другото, вклучуваат ставање на листата на санкции на оние 351 членови на рускиот парламент кои гласаа за признавање на самопрогласените народни републики Луганск и Доњецк. Казни има и за 27 други лица и организации. Дополнително, треба да се скрати пристапот на руската држава до финансиските пазари на ЕУ и да се ограничи трговијата на ЕУ со сепаратистичките региони. Овие санкции стапуваат во сила денеска.

Засега не се воведени ЕУ-санкции против Путин лично, потврди Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, по вонредната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ во Париз. Таква одлука е донесена за да се имаат натамошни мерки во резерва.

Американската влада објави санкции против две големи руски банки, против тргувањето со руски државни обврзници и против поддржувачи на Путин и нивните семејства. Претседателот Бајден истакна дека САД се подготвени за уште поостри казнени мерки доколку Русија продолжи со репресија врз Украина. Претставник на американската влада изјави дека во случајот „не е безбедна ниту една руска финансиска институција“. Можно е да следат и контроли на извозот. Во случај на натамошна ескалација, сè уште е можно и исклучување на Русија од меѓународниот платен систем Свифт.

Велика Британија и Канада исто така објавија санкции против Русија. Германската влада засега го запре гасоводот Северен тек 2 на Балтичкото Море.

ЕУ сака да има натамошни санкции во резерва (фото: Жозеп Борел, Високи претставник на ЕУ за надворешна политика)Фотографија: Michel Euler/AP/picture alliance

Дипломатските разговори се замрзнати

Американците, исто така, објавија дека планираните дипломатски разговори на високо ниво со руската влада засега се замрзнати. Министерот за надворешни работи Ентони Блинкен рече дека со оглед на активностите на Москва, нема смисла да се одржат разговорите со неговиот колега Сергеј Лавров, закажани за четврток (24.02) во Женева. Во принцип, американската влада сѐ уште е подготвена за дипломатски разговори, но, како што се вели, руската влада мора да покаже дека е сериозна. „Изминатите 24 часа го покажаа спротивното.“

Во изминатите неколку дена се зборуваше и за лична средба на американскиот претседател Џо Бајден и шефот на Кремљ, Владимир Путин. Средбата на Блинкен и Лавров требаше да послужи како подготовка. Директната средба меѓу Бајден и Путин сега веќе не е на дневен ред, објасни портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки. Сега, кога Путин продолжува со инвазија на суверена земја, не е вистински момент за таква средба, рече таа.

Американскиот претседател Бајден става потпис на санкциите против РусијаФотографија: Adam Schultz/White House/Planet Pix/Zuma/dpa/picture alliance

Путин: Интересите на Русија се безусловни

Рускиот претседател Путин во видео порака по повод Денот на бранителот на татковината рече дека неговата земја е секогаш отворена за директен и отворен дијалог, за барање дипломатски решенија за најтешките проблеми. „Но, повторувам: интересите на Русија и безбедноста на нашите граѓани се безусловни за нас“, нагласи тој по повод празникот на кој Русија и другите поранешни советски земјиим оддаваат почит на своите вооружени сили. „Денес, обезбедувањето на одбранбената способност на нашата земја останува најважната државна задача“, рече Путин. Тој критикува дека повиците на Москва за гаранции дека безбедноста на една земја нема да оди на сметка на друга, досега останале неодговорени. Меѓу другото, Русија бара прекин на проширувањето на НАТО кон исток и особено откажување од можноста соседна Украина да биде вклучена во западната воена алијанса.

Рускиот претседател Путин се држи до своите барањаФотографија: Kremlin Pool Photo/Sputnik/AP Photo/picture alliance

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја отфрли изјавата на Путин дека во источна Украина се врши геноцид врз Русите. „Мислам дека тоа не е така“, рече Гутереш во Њујорк. Според меѓународното право, геноцид е намера да се уништи, целосно или делумно, една национална, етничка, расна или религиозна група.

Бајден: Акциите на Русија се најголема закана за Европа

Американскиот претседател Џо Бајден и натаму очекува напад од големи размери на Русија врз соседната земја. „Продолжуваме да веруваме дека Русија е подготвена да оди многу подалеку и да изврши голем воен напад врз Украина“, рече Бајден во Белата куќа. Тој признавањето од страна на Москва на таканаречените народни републики Луганск и Доњецк и планираното испраќање руски војницитаму го нарече „почеток на инвазија“.

- повеќе: „Циничниот план на Путин“: Историска пресвртница за Европа

Американската влада со недели предупредуваше од руска инвазија и од повеќе страни беше обвинета дека шири „алармизам“ и дека само ја подгрева ситуацијата. Сега владата на Бајден се чувствува потврдена во својот курс. Осврнувајќи се на Путин, министерот Блинкен рече: „Неговиот план од почетокот беше да влезе во Украина за да ја контролира Украина и нејзиното население, за да ја уништи украинската демократија (...) за повторно да ја освои Украина како дел од Русија“. Шефот на дипломатијата ги опиша постапките на Москва како „најголема закана за безбедноста во Европа од Втората светска војна“. Путин, како што се вели, насилно ги крши законите и принципите кои со децении го одржуваат мирот во Европа и ширум светот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми