Санчез повторно регуларен премиер на Шпанија
7 јануари 2020Партијата на сепаратистите ЕРЦ од Каталонија беше воздржана при гласањето во парламентот и со тоа овозможи избор на социјалистот Педро Санчез за премиер. Гласањето следеше по турбулентна и делумно прилично гласна дебата во парламентот. Првото гласање во неделата, на кое беше неопходно апсолутно мнозинство гласови, Санчез го загуби. Во вториот круг гласање освои тенко мнозинство гласови, но доволно за да биде избран на премиерската функција.
Конзервативната опозиција е возбудена пред сѐ поради дилот со Каталонците. Санчез за да ја добие поддршката на ЕРЦ мораше да ѝ вети на партијата политички дијалог за стремежите на Каталонија за независност. Опозицијата и дел од граѓаните се на мислење дека тој со тоа го поткопува Уставот.
Со изборот на Санчез завршува долгата политичка блокада во Шпанија. Избирачите во ноември излегоа на избори по четврти пат за четири години. Социјалистичката работничка партија на Санчез ќе владее заедно со левичарскиот сојуз Унидас Подемос. Ова е прва коалициска влада во поновата историја на Шпанија.
Формирањето на владата во Мадрид ќе го отвори патот за ратификација на протоколот со кој Северна Македонија ќе стане членка на НАТО, со оглед на тоа што Шпанија е единствената држава која досега го нема направено тоа.